Damnatio memoriae: Осуда на меморијата за македонската нација! – пишува проф. Б. Панов


Самото постоење на човекот добива смисла доколку постои меморија за него. Истото е и со државата и нацијата. Без меморија нема минато, а нема ни иднина. Тоа ја прави историјата составен дел од идентитетот на нацијата.


 

Затоа при создавањето на државата се креира национална историја, преку која се артикулира чувството на заедништво на конститутивниот народ и се манифестира посебноста и различноста од другите нации. Се создаваат митови и се глорифицираат личности од историјата, со кои нацијата се идентификува. Националниот наратив станува интегративен атрибут кој ја одржува меморијата за потеклото и за заедничката припадност, што во крајна линија дава смисла на постоењето на нацијата.

Затоа меѓународното право на секоја независна држава ѝ гарантира автономно да го создава и гради наративот за сопственото национално минато, преку кој се изразува посебноста на нацијата и различноста од другите нации. Никој нема право да бара од било која суверена нација да го преиспитува и менува сопствениот национален наратив, независно дали истата ја признава, ja негира, или е во позиција да ја условува.

Друго е прашањето за модерните теории за нациите и етнитетот, сегмент во кој не постои истражувачки консензус, освен дека истите се социјален конструкт.

Впрочем, најновите емпириски и теориски истражувања упатуваат дека нацијата не е исклучиво модерен феномен, при што Византија/Романија е посочена како предмодерна нација на Римјаните, во етничка и граѓанска смисла.

Тоа ја прави застарена доктриналната позиционираност на „модернистите“ во теоретското дебатирање за нациите. Од друга страна, динамичниот развој на историската наука, како и на самата нација, не значи и потреба од менување на меморијата на нацијата. Особено не за реализирање на политичките агенди на моменталните елити, а уште помалку за задоволување на потребите на другите нации.

Политичката елита која ќе се зафати со промена на меморијата на нацијата, адаптирајќи ја на националните наративи на други држави, всушност иницира процес на креирање нова нација. Со политички акт историјата на нацијата се прогласува за сопственост на друга нација, или, пак, за „заедничка“ – со што станува нова меморија од која произлегува и идентитетот. Со тоа директно се засегнува суверенитетот на нацијата, бидејќи истата ја губи меморијата со која дотогаш ја изразувала сопствената идентитетска посебност, особено што тоа е за сметка на други нации.

Менувањето на националниот наратив со политички акт подразбира институционално создавање на нова колективна меморија, со што нацијата добива нов наратив за сопствената историја. Новокреираната национална историја се инкорпорира во концептот на образовниот систем, преку кој политичката елита ја проектира сегашноста, менувајќи го и контролирајќи го минатото.

Со политички акт се определува како новите генерации ќе ја читаат историјата, односно каква меморија ќе имаат, преку што директно се влијае врз идентитетот и градењето на свеста за припадноста кон нацијата. Крајниот исход е нов идентитет на народот и на нацијата, креиран од политичката елита за потребите на конкретниот момент и политичко-идеолошки цели.

Ваквиот процес веќе се одвива во Република Македонија, инициран од актуелната либерална политичка елита и предодреден од политичките договори со соседите. Деномирањето на државата со Преспанскиот договор значеше де-факто промена на идентитетот на нацијата, бидејќи со политички акт и промена на уставот се одзема правото на граѓаните да воспоставуваат директен линк со сопствената држава преку идентитетската придавка „македонски“.

Продолжете со читање на expres.mk