Зошто се крштеваат христијаните?



Kрштевањето е првата од седумтте свети тајни на Црквата. Без крштевањето не можат да се извршат другите свети тајни – миропомазание, причест, покајание, свештенство, брак, елеосвештенство. Преку крштевањето се станува христијанин, член на Христовата Црква.

Со водата во која трипати се потопува новиот член на Црквата, се чистат гревовите на тој што се крсти. Ако се работи за бебе, кое уште не може да згреши, се чисти прародителскиот грев, кој, според Христијанството, луѓето го носат од Адам и Ева. Како повозрасен, со вода се чистат гревовите стекнати од животот.

Кај нас крштевањето се сфаќа многу формално, нешто што треба да се направи, без притоа, луѓето се да се запрашаат што значи чинот. Кумот, кој го избираат за детето, исто така е формалност, а тој треба да се грижи и да го следи духовниот раст на детето, заедно со родителите.

– Крштението не е само „нешто преку кое треба да се помине“, нешто како прва вакцинација. Тоа е почеток на еден живот на посветеност кон Христа и стремеж кон светост, вели протоереј Иларион Фарли.

Крштението е насочено кон денот кога човекот ќе умре и ќе зачекори во Царството небесно. Се верува дека оној кој не е крстен не може да влезе во Царството небесно.

Во овој период, односно пред и по празникот Богојавление – Водици, се случуваат многу крштевки оти верниците веруваат дека постои врска меѓу Крштението на нивните деца и Христовото Крштение на реката Јордан, извршено од Јован Крстител.

Но, теолозите велат нешто друго. Тие не го поврзуваат крштевањето затоа што Христос бил крстен, туку затоа што умрел и воскреснал од мртвите. Христос по воскреснувањето им се јавил на неговите ученици–апостоли и им рекол: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“.

Крштевањето е духовно раѓање

Во раното христијанство, крштевањето се вршило само над т.н. зрели верници, кои претходно морале да се пријават како кандидати за обред на крштевање и определен период да постат и да се молат. За некој да биде крстен, тој морал да покаже дека е  достоен за тоа. Со крштевањето лицето се чисти гревови, умира за грешениот живот, и се раѓа за нов, духовен и блaгодатен.

Крштевањето е духовно раѓање.

Презвитер Ивица Тодоров, свештенослужител во МПЦ-ОА, вели дека луѓето треба да станат свесни и одговорни за огромното спасоносно значење на крштевањето. Тој посакува христијаните да престанат само формално да го извршуваат крштевањето или без никаква подготовка и вера да учествуваат во него.

– Патот кој води кон осознавање на Вистината започнува со нашето духовно (личносно) будење (покајание), односно со нашето прво вистинско и љубовно-искрено соочување со самите себеси, со нашиот живот, но и со дарителот на нашиот живот, со Творецот. Во тоа соочување, ако сме љубовно-искрени, се случува внатрешна промена во нашиот ум (покајание – преумување), односно, нашата личност станува свесна за вистинскиот квалитет и смисла на своето постоење, вели презвитер Тодоров.

Тогаш, вели тој, личноста открива дека не е случаен производ на некаква слепа еволуција и дека овој свет, а и човекот, од Творецот не се создадени со и за зло, грев, страдање, распадливост, незнаење и смрт, туку се создадени за живот во љубов, вистина, здравост, творештво, служење, хармонија, смисла, полнота, вечност.

– Кога една личност ќе доживее духовно будење, кога ќе се преуми и ќе стане свесна за состојбата во која се наоѓа, тогаш таа го чувствува гласот Божји во себе, бара очистување од гревот и злото, превреднување на вредностите на постоењето и помирување со својот Творец, со ближните, со себеси, со животот, со сиот свет. Всушност, личноста бара внатрешен прекин со еден бесмислен начин на живеење во зло и илузија за да започне друг, вистински. Тој процес на таинствено излегување од гревот и влегување низ вратата на Царството Божјо ние во Црквата, во новозаветниот народ Божји, го нарекуваме крштевање (баптизо – потопување) или бања на повторно раѓање, објаснува отец Ивица.

Тој потенцира дека не случајно крштевањето е прва од седумте Свети тајни на Црквата. Преку неа луѓето стануваат членови на Црквата, на Телото Христово, односно, преку учествување во ова света тајна, луѓето во себе ги примаат плодовите на Христовата спасителна и искупителна жртва и неговото воскресение од мртвите.

– Сето она што Христос на крстот го направи за сите нас – ние во моментот кога се крштеваме (потопуваме три пати во вода) го примаме во себе. Христос на крстот објективно, го искупи, оправда, спаси и ослободи целото човештво од сатанската тиранија, од последиците на првородниот грев и на гревот и злото воопшто и повторно го воспостави изгубеното единство помеѓу Бога и отпаднатиот човек. Кога ние се крштеваме, преку нашето лично (субјективно) учество во тајната и преку нашата вера и љубов, сето тоа го примаме во себе, вели отец Ивица.

 Дилема- крштевање бебе или возрасен човек

Прашањето поврзано со крштевање на бебиња, мали деца било актуелно и во ранохристијанскиот период.

По ова прашање имало спорови – и секој излегувал со свои аргументи за својот став. Оние кои го отворале прашањето за крштевање на мали деца се повикувале на неколку отворени прашања, како на пример, дали бебето, малото детенце ако умре некрстено – ќе биде спасено?

Во тоа време процентот на смртноста кај бебињата, малите деца – бил голем. Дали во време на гонењето (во тоа време христијаните биле жестоко гонети), ако децата, заедно со своите родители, бидат убиени, фрлени на лавови во арени, распнати на крст – ако не се крстени – ќе бидат спасени? Имало и други отворени прашања – кои биле од теолошки аспект и биле поврзани со разбирањето на тоа што е „прародителски грев“.

Дефинитивниот став околу ова прашање бил донесен на Црковниот собор во Картагина 419 година. Ставот бил втемелен на пристапот на апостолот Павле (Римајните. 14, 3 – 6), односно, било овозможено и двата пристапа да бидат актуелни. Значи, никој во Црквата не може некого да натера или да го казни ако ги крштева или не ги крштева своите деца. На секого му е оставено на совеста и одговорноста.

– Единственото нешто, за што јас актуализирам некои нешта, се во контекст на тоа што во тоа време речиси и да не постоеле – традиционални христијански семејства во денешна смисла на зборот. Тогаш христијаните биле христијани! Денес нештата се поразлични – за жал и за срам! Денес, многумина велат дека му припаѓаат на христијанството – но за жал само на ниво на некаква „неодредена“ идентификација. Посакувам Господ да ни даде сила, љубов и вера да престанеме само формално да го извршуваме крштевањето или без никаква подготовка и вера да учествуваме во него. Ако ние како Црква во своите срца не ја разбереме оваа молитва ќе тонеме се подлабоку во духовната заспаност и неосетливост и сериозно ќе ги нарушуваме спасоносните заповеди на нашиот Спасител, а со тоа многу личности ќе го загубат својот живот, како во овој свет, така и на вечен план, потенцира презвитер Тодоров.

Раѓање одозгора

Ако не се родите одозгора, нема да можете да влезете во Царството Небесно (сп. Јован 3, 3).

– За какво раѓање одозгора говори Богочовекот Исус Христос?, прашува митрополит Струмички Наум.

Тој објаснува дека Исус ни зборува пред сѐ за светото Крштение со Светиот Дух и со вода, но, како што вели, „ако добро го читаме Новиот Завет, ни зборува и дека Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат (Матеј 11, 12)“.

– Тоа значи дека сѐ што се случува во односот помеѓу Бог и човек, се случува во синергија, во содејство, во соработка помеѓу двајцата – Бог ја дава Својата благодат во сета полнота, а човекот треба да ја активира со својот начин на живот. Од природна додавка, да му стане лично својство, вели владиката Наум.

Активирањето или актуализирањето на благодатта на Крштението, според него, се случува на два начина: или со чинот на самото Крштение или голем (долг) временски период потоа.

– Активирањето на благодатта со чинот на самото Крштение обично се случувало во првата Црква: кога луѓето се крштевале возрасни и кога пред тоа Крштение имало тригодишна подготовка. За време на подготовката катихумените биле подучувани во очистувањето на срцето од страстите и го чистеле своето срце од страстите, така што навистина Светата Тајна Крштение ја доживувале како просветлување (на умот) и, секако, срцето им било отворено за молитвено симнување на умот во него, објаснува тој.

– Активирањето на благодатта по поминувањето на подолг временски периот по Крштението обично се случува денес, во, според сите знаци, последната Црква: кога луѓето ги крштеваат уште како бебиња, без никаква подготовка или свесност за тоа. Затоа долго време потоа, откако човек ќе порасне, ќе сфати и ќе се покае, пред него допрва претстои подвиг за активирање на благодатта; подвиг во кој човек, под водство на духовниот отец, треба доволно да го очисти срцето од своите страсти така што од него да се пројави благодатта на Крштението. Благодатта потоа сѐ привлекува кон себе, пред сѐ умот на оној чие срце е отворено. Токму тоа лично активирање и усвојување на благодатта Божја, Господ го нарекува раѓање одозгора, а не само Крштението. Значи, ништо само Бог и ништо само човек, туку сѐ во заедничка соработка меѓу Бог и човек, вели митрополитот струмички Наум.

Погребување на стариот и воскреснување на новиот човек

„Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“ (Јован 3, 5). Во светата вода на крштението човекот се очистува од сè што е грешно и се преродува од Светиот Дух. Ако е дете, се очистува од прародителскиот грев; ако е пак возрасен, се очистува и од личните гревови. Со самото примање на крштението се станува член на Телото Христово – Црквата.

Во чинот на крштение најважно дејство е трикратното потопување во вода на оној кој се крштева, при што свештеникот ги изговара зборовите: „Се крштева слугата Божји (се кажува името кое го дава кумот) во името на Отецот – амин, и Синот – амин, и Светиот Дух – амин“. Ова потопување означува погребување на стариот и воскреснување на новиот човек, зашто ја претставува смртта и воскресението на Спасителот (Рим. 6, 3-11).

Од изнесените ставови на македонските црковни лица може да се заклучи дека тие апелират крштевањето да не се сфаќа како некоја традиција, како некој фолклор, да не биде формално, туку православните христијани да знаат зошто се крстени, да водат христијански живот, да бидат активни членови на Христовата Црква, да се грижат за духовниот раст и своето спасение и точно да знаат зошто ги крштеваат своите деца.

Ирена Радовановиќ


Вести

Добрила Кацарска предложена за уставен судија

– Судскиот совет на денешната седница едногласно ја предложи судијката Добрила Кацарска за нов судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија,  потврдија за МИА од СС. Предлогот за судијката Кацарска ќе биде испратен на […]

Вести

Европските земји ги враќаат строгите епидемилошки мерки

– Голем број европски земји соопштија дека по зголемувањето на бројот на новозаразени, ќе воведат нови мерки за борба против ширењето на коронавирусот, што ќе вклучува ограничување на патувањето, порано затворање на барови и ресторани […]

Научниците се уште не се согласни дали е можна инфекција со Ковид-19 од воздух - МИА
Вести

Преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус до сега се заразени 33.385.696 лица. Од последици од Ковид-19 починале 1.003.405 пациенти, а оздравеле 24.688.610 луѓе. – Во изминатите 24 часа во Косово се забележани три […]