Психолог во училиштата – за стабилна младина


Психологот во училиштето својата интервенција ја користи во областа на психодијагностичката процена и психотерапијата.


 

Во образовниот процес во кој младата личност се социјализира и ја стекнува умешноста на комуникацијата, училишниот психолог игра голема улога во градењето на зрела социјална индивидуа.

Стручната служба во училиштата и превентивното делување за малите емоционални промени, даваат големи резултати во чувањето на суштината на здравата психа кај детето.

Порастот на девијантното однесување на младите во училиштата, ја наметнува потребата за зголемена потреба од стручни кадри во училиштата, особено психолозите.

Исклучителната комплексност на проблемот со малолетничката деликвенција вклучува клиничко-психолошка интервенција во образовните установи, која е составен дел од работата на психологот за заштита на менталното здравје.

Советувањето ја зголемува превенцијата, а психосоцијалната поддршка  ја подобрува самодовербата кај учениците.

Индивидуалната работа со учениците опфаќа процена на општите и специфичните интелектуални способности, емоционалната и социјалната зрелост, како и карактеристиките на личноста.

Во овој контекст покрај здравственото и психолошко информирање, психологот презема мерки за благовремено откривање на ризик факторите во училишната и во семејната средина, во која детето егзистира.

Во светот  психолозите се повеќе застапени во училиштата, отколку во земјава и регионот

Според Националниот центар за едукативна статистика во САД: Со постојаната имиграција се зголемува расната и етничката разновидност, што се очекува повеќе во идните години. Ова придонесува кон различни социјални поведенија во училиштата, а некарактеристичното однесување за одредена култура се смета како поинакво и неприфатено. Ова ја наметнува потребата од психолози кои ќе ги насочат учениците кон надминување на различностите.

Доколку ги земеме во предвид земјите на Балканот и застапеноста на стручните кадри во училиштата, по создавање база податоци за 900 основни училишта во Хрватска, утврдено е дека најголема процентуална застапеност на вработувања имаат библиотекарите, потоа педагозите и на крајот психолозите.

Недоволно внимание за училишните психолози на Балканот

Од соседна Србија, психологот Драгана Поповиќ за „Опсервер“ го изнесе својот став.

– Во нашата земја водечка позиција во однос на вработувањето имаат педагозите пред психолозите, додека дел од Србија (Војводина) нема училишен психолог во секое училиште. Малку внимание се посветува на училишните психолози, нив им се наметнуваат административни задачи и мислам дека училиштата не користат целосен капацитет на психолозите. Односот помеѓу психолозите и студентите оди во насока на заплашување во смисла „ако не сте добри“, ќе разговарате со психолог.

Што се однесува до психологијата како професија во Србија, таа е многу популарна и сè повеќе студенти се свртуваат кон насоката на деловна психологија, потоа психотерапија, додека само еден дел се одлучуваат за областа- училишен психолог.

Во нашата земја, статистичките податоци за вработувањето психолози потврдуваат слична состојба со земјите на Балканот за поголемата застапеност на останатите педагошки профили, во споредба со ваквиот стручен кадар.

Македонските психолози стојат на ставот: Децата се испраќани кај нив поради лошо поведение, а претставуваат страв за поединецот.

Дали познавањето на професијата училишен психолог е во незавидна положба во земјава?

Неопходна е потребата од подигање на свеста кај популацијата за значењето и делувањето на психологот во образовниот процес. Препораките од надлежните образовни институции во земјава се однесуваат на насоките за слободен пристап на детето кон психологот, независно дали станува збор за личен проблем или потреба за разговор.

Кога учениците се јавуваат сами, тоа е најмногу поради: Страв од училиште, слаб успех, развод на родители, болест или смрт на член на семејство, чувство на депресија, земање алкохол или дрога, самоубиствени мисли, несигурност во себе, како и слаба перцепција за сопственото тело и развој.

Психотерапијата начин за решавање на училишните и семејните проблеми

Пристапот на психотерапијата што ја применува психологот зависи од поединецот, но и од проблемот со кој се соочува. Често се случува психологот во работата да го вклучи и старателот. Индивидуата дали ќе побара помош од психолог зависи од структурата на личноста, семејната атмосфера, социјалниот статус или културните аспекти.

Психологот проценува дали е потребна индивидуална или групна работа со повеќе деца кои се соочуваат со сличен проблем или манифестираат исти обрасци на однесување. На одлуката влијаат возраста на детето, неговите способности, мотивираноста за соработка и мрежата на социјална поддршка.

Истовремената работа со родителите/старателите и наставникот е ориентирана на обучување за подобрување на комуникацијата, во контекст на забрани, барања и дозволи, како и позитивно или негативно внимание кон поведението на детето.

Во работата со семејството како целина акцентот се става на реорганизација на семејните улоги, прераспределба на семејните правила, јасна комуникација и подобрување на интерперсоналните односи. Ваквата советодавна работа вклучува интервенција во системите на верувања и вредностите, како на поединецот, така и на семејството.

Рената Блажевска