Недопрената природа на Конче – идеална за љубителите на рурален туризам


Во последните неколку години се чини дека стандардот на сместувачките капацитети и развојот на локалниот туризам почнува да добива свој облик и луѓето, посебно странските туристи, се охрабруваат се’ почесто Македонија да биде нивната егзотична дестинација за патување, планинарење, екстремен спорт или едноставно релаксирачки одмор.


 

Па така сите  оние кои истовремено го негуваат авантуристичкиот дух, но истовремeно не сакаат да се откажат од комфорот, патувањето низ Македонија повеќе не е проблем, туку станува полесно достапна и возбудлива дестинација. Од едно патување човек сè што може да посака е да посети место на кое дотогаш никогаш не бил, или пак доколку бил , уште еднаш да го погледне со поинакви очи од еден поинаков ракурс и да ја запознае одблизу историјата и културата на таа земја преку архитектурата, уметноста, природата и се разбира, домашната гастрономија.

Овој пат нашиот интерес застана на Општина Конче. Оваа мала рурална општина во централно-источниот дел на Македонија изобилува со природниубавини и историски локалитети кои вреди да се посетат. Оддалечено околу 150 километри од главниот град, а сместено на автопатот Радовиш-Струмица, Општината Конче е идеална дестинација за вашата викенд авантура и за кратка туристичка посета на која подобро ќе го запознаете овој крај од татковината.

Најстарите записи за Конче, под тоа исто име, датираат уште од 1019 година (11 век). Историската значајност на општината Конче најдобро ја опишува манастирската црква „Св. Стефан“, која е изградена во периодот пред 1336 година. Таа била центар на Манастирската населба која некогаш одамна постоела на оваа територија, а овој комплекс со својата уметничка вредност завзема важно место во историјата на македонската средновековна култура, кој денеска претставува и најстар културно-историски споменик во Радовишко.

Но, ако повеќе сакате да го доживеете Конче преку неговите природни убавини, тогаш опциите ви се неограничени. Руралниот туризам во овој предел на земјата е во подем и секоја година мештаните нѝ откриваат нови места кои туристите можат да ги посетат за да ја почувствуваат Македонија на еден поинаков начин, преку допир со природата. Од неодамна подобрени се условите за прошетка и престој во Општина Конче, благодарение на инвестициите спроведени преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Како дел од Проектот беше овозможен подобар и полесен пристап до  езерото Мантово, уредување на овој туристички локалитет како и како и мапирање и обележување на две пешачки патеки со што значително се подобрија условите за викенд во природа. Мантово е вештачко езеро изградено на реката Лакавица, кое полека станува главен туристички центар во регионот поради сè побогата рекреативна и спортска понуда. Пријатната клима со температура на водата од 24ºC во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови, застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов, а издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување.

ВИДЕО: https://vimeo.com/488099196

Развојот на руралниот туризам е од огромно значење за нашата земја, па оттаму и иницијативата за започнување на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), кој е финансиран од страна на Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија. Проектот го администрира Светска Банка, а истиот се спроведува од Кабинет на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.  Целта на овој проект е да го зголеми  учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор. Инвестициите во Општина Конче се само дел од вкупната заложба за развој на туризмот, а особено оној руралниот, како економска гранка во нашата земја. Дознајте повеќе на: https://lrcp.mk/