Можеби е време да промениме некои навики!


Речиси секој од нас бил сведок на ситуација кога од автомобил се фрла хартија, а по улица да се фрли отпушок. Деца да јадат во парк чоколадо па да го фрлат на земја, а родителите немо набљудуваат!



Ќе се согласите ваквите ситуации се многу бројни. А резултатот  на таквото однесување  е евидентно на секој чекор.

Ѓубре по патеките на планината Водна, а демек сме тргнале на рекреација на чист воздух и во природа. Не дај боже да живеете во близина на пекара, бидејќи секој ден во нејзината околина може да се забележи ѓубре од кеси и хартии кои останале по јадењето. (типичен пример е околината на Универзална сала Скопје, ќубре секој ден на секој агол.

Ниеден поединец не може да го исчисти ѓубрето кое го создава групата!

Нашата општина е рефлексија на нивото на култура на нејзините жители, на децата кои ја фрлаат амбалажата од чоколада на детските игралишта, на кесите од смет кои не успеале да стигнат до најблискиот контејнер,  на разрушените објекти што се претвориле во диви депонии, на калта на која веќе сме навикнати да си ја носиме на чевлите.

Повеќето од нас се потпираат на ангажманот на институциите и фирмите задолжени за комунална хигиена, за некој е доволен фактот дека редовно плаќа комунална такса, некои сметаат дека не вреди да внимаваат на околината – бидејќи и останатите не внимаваат.

 

А истите тие кои фрлаат фартија од автомобил, отпушоци на улица, кои не ги едуцираат своите деца за правилните еколошки навики, најчесто се најгласни колку е прљаво, а колку било чисто во една Австрија (или било каде надвор) кога биле на туристичка посета.

 

Дефинитивно ни фали самосвест. Одговорност и поголема грижа за локалната средина.

А токму недостаток на љубов кон себе, кон природата, постои кога ѓубрето во зградата се остава во кутиите наменети за флаери најчесто поставени под сандачињата, во влезот на зградата. Навистина не разбирам која е поентата на Водно да се патува со автомобил? Освен ако не сме во можност да се искачиме до средно Водно. Скопје е се позагадено, понечисто, а тоа станува неподносливо. А за тоа сите ние имаме одговорност. Можеби е време да промениме некои навики!

 

  • Неопходно е во секоја општина почесто да ги користиме контејнерите за различен амбалажен отпад, особено за ПЕТ, хартија, лименки и стакло, за да потоа така селектираниот отпад се однесе на рециклирање.
  • Кога пазаруваме да избегнуваме кеси, а да користиме платнени торби
  • Да купуваме производи на кои го има знакчето грин дот, кое потврдува дека производителот ги почитува еколошките стандарди и плаќа надомест.
  • Со своето еколошко однесување да им бидеме пример на нашите деца. Бидејќи првото правило на педагогијата е дека децата учат од личен пример.

 

 

Сите сме одговорни за она како живееме, бидејќи оставаме  хартија и отпадоци на кои им се потребни 6 месеци да се разградат, догорчиња од цигари  кои 5 години ќе ни ги красат тревниците, пластични кеси кои ќе гнијат 30 години по парковите,  гуми за џвакање на кои 25 години ќе ни се лепат чевлите, лименки што ќе бледеат на сонцето и до 400 години.

Амбалажниот отпад ја загадува почвата, отровите ги загадуваат подземните води, што влијае на квалитетот на водата која ја пиеме, а со загадена почва ниту пак да имаме здрав и еколошки зеленчук и овошје. Процесот на загадување можеби не е видлив, но е многу ефикасен, влијае на храната, па преку тоа и на нашето здравје.