Цицачите, птиците и водоземците би можеле да изгубат четвртина од нивните природни живеалишта до 2100 година


Ново истражување покажа дека цицачите, птиците и водоземците низ целиот свет изгубиле 18% од нивниот опфат на природни живеалишта како резултат на човечкиот фактор, како што се зголемената употреба на земјиштето и климатските промени. Во зависност од одлуките што ги носиме во однос на климатската криза и градењето на нашите економии, овој број може да се намали на 13% или да се зголеми на 23% во следните 80 години.


 

Студијата анализира скоро 17 000 видови цицачи, птици и водоземци и промените во нивната географска опфатеност од 1700 година. Географскиот опфат се однесува на големината на областа или живеалиштето што еден вид го зафаќа. Користејќи ги овие податоци, истражувачите предвидуваат како може да изгледа големината на овие области во 2100 година врз основа на 16 различни климатски и социо-економски сценарија.

Здравите екосистеми се од витално значење за здрава планета. Отпорноста на еден вид и екосистем е силно поврзана со нивниот географски опфат. Колку е помал опфатот на областа, толку е поголема веројатноста дека еден вид може да исчезне и дека еден екосистем може да пропадне.

Некои од најдрастичните намалувања на живеалишта се случуваат во тропските области поради интензивирање на земјоделството во регионот. До пред 50 години Европа и Северна Америка беа главните области на земјоделскиот раст, но во последните години, тропските области во Југоисточна Азија и Јужна Америка станаа жртви на масовно расчистување на земјиштето и загуба на живеалишта. Огромни насади со палмино масло и пасишта за производство на месо сега зафаќаат пространства претходно карактеризирани како богати и здрави природни живеалишта.

Големината на живеалиштата на скоро сите познати птици, цицачи и водоземци се намалува, пред се поради конверзијата на земјиштето од страна на луѓето бидејќи продолжуваме да ги шириме земјоделските и урбаните области“,

  • Д-р Роберт Бејер, Универзитет во Кембриџ, катедра за зоологија

Тропските предели се особено ранливи бидејќи тие се дом на многу побогати екосистеми, а се области со релативно мал периметар. Губењето на еден хектар во тропските предели подразбира многу поголема загуба на видовите отколку загуба на област со истопфат во Европа, на пример.

Климатската криза исто така го намалува географскиот опфат на видовите. Промените во временските прилики, намалувањето на врнежите и загревањето на океаните, на пример, веќе драстично ги менува природните живеалишта (копнени и морски) принудувајќи ги животните да мигрираат или да изумрат. Доколку не се справиме соодветно со климатската криза, Амазонската прашума би можела да личи на пејзаж сличен на Савана во следниот век. „Откривме дека колку се поголеми емисиите на јаглерод, толку полошо станува за повеќето видови во однос на загубата на живеалишта“, рече Бејер.

Професор Андреа Маника, еден од авторите на студијата предупредува:

„Дали овие минати трендови во загубите на опсегот на живеалишта ќе се променат, продолжат или забрзуваат, ќе зависи од идните глобални емисии на јаглерод и од општествените избори во следните години и децении… Нашата студија ги квантифицира драстичните последици врз периметарот на живеалиштата на видовите ако глобалното користење на земјиштето и климатските промени не се контролираат. Но студијата исто така го демонстрираа огромниот потенцијал на навремено и планирано дејствување на политиките за запирање – и делумно навраќање – на претходните трендови во контракциите на глобалниот опсег на живеалишта. Сè зависи од тоа што ќе правиме понатаму“.

 

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.