Анкета: Повеќе од половина православни верници би поддржале признавање на македонската црква под древното име Охридска архиепископија


Верниците на Македонската Православна Црква–Охридска Архиепископија немаат никаква дилема дека МПЦ-ОА заслужува признавање на нејзината автокефалност од останатите православни цркви, а повеќе од половината се подготвени да поддржат признавање на автокефалност на црквата под древното име Охридска Архиепископија наместо МПЦ-ОА.



Ова го покажува најновото истражување на јавното мислење во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општество“, што во континуитет го спроведуваат „Институтот за политички истражувања–Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со финансиска поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

На прашањето „Дали би поддржале признавање на автокефална црква под древното име Охридска Архиепископија наместо МПЦ-ОА?“,  54.9 отсто од испитаниците одговориле позитивно, 29.5 проценти не се согласуваат со тоа, а 15.7 проценти од испитаниците се уште немаат став по ова прашање.

Речиси две третини, или  74.4 проценти од верниците на МПЦ-ОА, сметаат дека МПЦ-ОА треба да бара автокефалност во нејзиното признавање во православниот свет, додека пак 10.3 отсто испитаници се согласуваат со статус на автономна црква. Високи 88.1 проценти од верниците сметаат дека МПЦ-ОА треба да продолжи да бара признавање во православниот свет, бидејќи речиси едногласно е мислењето дека таа заслужува да биде прифатена во семејството на православните цркви.

-Кога станува збор за перцепцијата на граѓаните околу тоа која од православните цркви има пријателски, а која непријателски однос кај верниците мислењето е поделено. Освен што е највисок процентот на испитаници кои сметаат дека прво Руската црква, а потоа и Вселенската патријаршија имаат пријателски однос кон МПЦ-ОА, повисок е процентот на испитаници кои рекле дека Српската црква има пријателски однос, отколку што е тоа случајот со Грчката или Бугарската црква, иако спорот на МПЦ-ОА е пред се со СПЦ. Сепак, според одговорите најнегативна е перцепцијата кон Српската Црква. Во тој контекст и 33.4% од испитаниците оцениле дека причината за непризнавањето на МПЦ-ОА е „политичка, поради противење на СПЦ“, покажува анализата на резултатите од истражувањето.