Грчките медиуми за изборите кај нас


Грчките медиуми за изборите кај нас - МИА

Атина, 16 јули 2020 () – „Северна Македонија: Владејачката партија на Заев победник на парламентарните избори“; „Избори трилер во Скопје“; „Северна Македонија: Зоран Заев победник на парламентарните избори“; „Избори во Скопје: Зоран Заев победник со мала разлика“; „Мала предност за партијата на Заев“; „Изборен трилер со мало водство на Заев“, се дел од насловите во грчките медиуми, во текстовите објавени во текот на ноќта и рано утрово, а посветени на изборите кај нас.

Медиумите кај јужниот сосед, акцентот го ставаат на тесната битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на излезноста, за која коментираат дека е мала, но сепак солидна во период на епидемија, ги пренесуваат изјавите на Зоран Заев, а го споменуваат и проблемот со интернет страницата на Државната изборна комисија, јави дописничката на од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот што го преземаа речиси сите онлајн изданија на медиумите, пишува дека СДСМ е победник на изборите, со мала разлика, а според проценките не е можен пресврт во резултатите.

Паралелно, го пренесува и распоредот на силите и додава дека во новото Собрание влегуваат и „левичарската партија Левица и Демократската партија на Албанците (ДПА)“.

-Како што оценуваат аналитичарите во Скопје, веројатното сценарио е да формираат влада СДСМ на Зоран Заев, ДУИ на Али Ахмети и ДПА на Мендух Тачи. Во овој случај, овие три партии кои учествуваа и во владата во заминување, обезбедуваат парламентарно мнозинство од 62 пратенички места, пишува АНА-МПА.

Со сличен коментар е и новинарот од онлајн изданието на весникот „Етнос“, кој од Скопје пишува дека можно сценарио е СДСМ, ДУИ и ДПА да формираат влада, а додава дека излезноста била помала од онаа во 2016 година, „но поголема од очекуваното поради пандемијата на коронавирусот“.

-Со две пратенички места повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, владејачката социјалистичка партија СДСМ и коалицијата „Можеме“ е победник на десеттите парламентарни избори во Северна Македонија, пишува „Етнос“.

Новинар од грчката телевизија „Мега“ во директното вклучување од Скопје, рано утрово коментираше дека воопшто не владее изборна атмосфера поради коронавирусот, објасни дека победата на СДСМ е со мала разлика, додаде дека излесносна не била голема, но и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не излезе со изјава за медиумите.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, освен што го пренесува распоредот на силите, како и изјавата на Зоран Заев, коментира дека „и Атина и Брисел со особен интерес ги очекуваат изборните резултати“ .

-Јасно е дека Атина не посакува победа на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа би значело дека земјата одново би го сменила тонот, присвојувајќи националистичка реторика. Но, дури и да загубеше Зоран Заев, поништување на Договорот од Преспа не би било возможно. Дури и да сакаше ВМРО-ДПМНЕ да го измени Уставот во прашањето за името на земјата, освен тоа што тоа го забранува Договорот од Преспа, практично е невозможно поради политичките корелации, пишува „Прото тема“.

Медиумите во Грција, ги споменуваат и проблемите со сајтот на ДИК во објавувањето на резултатите.

-Државната изборна комисија не можеше официјално да ги соопшти конечните податоци иако резултатите пристигнуваа. Според комисијата, имаше проблем во софтверот, но информациите беа дека Државната изборна комисија била на мета на хакерски напад. Оваа вест, за „Ethnos.gr“ ја потврдија и дипломатски извори до Скопје. Проблемот беше решен во раните утрински часови, пишува онлајн изданието на „Етнос“, пренесе .

-Пренесувањето на резултатите од вчерашните избори беше со многу проблеми, бидејќи доцна синоќа беше прекината работата на компјутерскиот систем на Државната изборна комисија, коментира АНА-МПА.

Грчката новинска агенција објави текст и доцна синоќа, по затворањето на гласачките места и информираше дека гласањето поминало без проблеми, гласачките места се затвориле во 21 часот, а излезноста била помала во споредба со претходните парламентарни избори.

-Сепак и овој процент би можел да се смета за „задоволителен“, бидејќи дел од гласачите преферираа да не излезат на гласање поради стравот од ширење на коронавирусот, кое што е регистрирано во земјата во последниот еден и пол месец, пишува АНА-МПА.

Изборите кај нас беа дел и од вечерните централни изданија на вестите на грчките телевизии. Коментарите на новинарите беа дека ова се први парламентарни избори по Договорот од Преспа, но и избори во време на пандемија и во сенка на коронавирусот.

Грчката државна телевизија „ЕРТ“ коментираше дека за време на гласањето задолжително беше носењето маска, антисептици беа поставени на повеќе места како и ознаки за одржување дистанца

Дел од медиумите пренесоа и изјави од македонските граѓани веднаш откако го исполнија нивното право на глас, кои го коментираа начинот на гласање во период на епидемија.


Вести

Регистрирани нови 1085 случаи на Ковид-19, починале 12 лица

Во последните 24 часа се направени 3294 тестирања, а регистрирани се 1085 нови случаи на ковид-19, починале 12 лица, а оздравеле 283 лица, соопшти вечерва Министерството за здравство. Од новодијагностицираните случаи најмногу има во: Скопје-447, […]

Вести

Официјално Македонија со нов рекорд, 1085 новозаразени од Ковид

Ковид состојба 31.10.2020 Новозаразени: 1085 Тестирани: 3294 Оздравени: 283 Починати: 12 Вкупно дијагностицирани: 31572 Вкупно оздравени: 20731 Вкупно починати: 994 Активни случаи: 9847   Ковид состојба 31.10.2020 Новозаразени: 1085 Тестирани: 3294 Оздравени: 283 Починати: 12 […]

Вести

Од вторник во Австрија „локдаун“ и полициски час

Австриската Влада вечерва одлучи да спроведе „заклучување“ по вторпат оваа година, поради драматичната епидемиолошка состојба, од вторник, 3 ноември, со полициски час од 20 до 6 часот наутро. Австрискиот канцелар Себастијан Курц на прес-конференција рече […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*