Жанета Џафер за Опсервер: Жената во бизнисот е еден опасен лав кој се крие зад превезот на нежноста, ранливоста и естетиката


Потпрете се на своите знаења, живејте го вашиот сон во било која професија, трнливиот пат секојдневно постилајте го со успеси и бидете тигри со тигрите, бидејки ако сте маче ќе бидете растргнати. Чувајте го својот дух, бидејќи тој е вечен – Жанета Џафер, козметичко студио „Жанета Естетик“


 

 

 Госпоѓо Жанета, Вие бевте избрана за една од најуспешните жени менаџери за 2019 година од Агенција Марили, на ниво на држава. Што значи да се биде жена во светот на бизнисот?

Да се биде жена во светот на бизнисот е креација на Универзумот, тоа значи – необјаснива моќ, за која сте предодредени, да се изменаџира со приватните и деловните аспекти на животот, стоички да се издржат сите подеми и падови… Знаете, велат: – Работете во тишина и нека вашите успеси говорат за вас. Јас ќе додадам дека жената во бизнисот е еден опасен лав кој се крие зад превезот на нежноста, ранливоста и естетиката.

Колку време постои козметичкиот салон „Жанета Естетик“ во Скопје? Што е тоа што најмногу Ве радува во текот на неговото постоење и менаџирање?

Козметичкиот салон „Жанета Естетик“ постои веќе 3 децении. Најголемо задоволство и исполнување за мене како личност и професионалец причинуваат средбите со моите, сега веќе возрасни и остварени, клиенти. Тоа е вистинско доживување, бидејќи се сеќаваме на болките и предизвиците со акните, кои сега се минато. Нивната дисциплина и мојата вештина понекогаш се се’ што ни е потребно.

Што е потребно за успех во претприемништвото, кои се Вашите чекори за надоградување на знаењето и следењето на постојаните промени во козметичките трендови?

За успех во претприемништвото е потребна упорност, непоколеблив став и силен дух кој го движи позитивна енергија!
Козметичките трендови се само неколку чекори пред луѓето кои се занимаваат со козметика, односно ја негуваат љубовта кон убавината, особено луѓето како мене кои живеат за козметиката и од козметичките услуги. Ние се трудиме да бидеме во тек со најновите светски трендови и случувања на ова поле, со предоминантен акцент на органската козметика, затоа што се сметам за поборник во постигнување на убавината што ја посакуваме со природни состојки, т.е. на еден поздрав начин. Па така, се’ што е здраво за кожата и поблиску до природата го прифаќам и го носам во мојот салон, а тоа се: кавијарот, златото, матичните клетки од ружа и јаболко, природен ботокс од билки, природен хијалурон, органски кремови, сапуни итн.

 

Какви ексклузивни и уникатни услуги од светот на козметиката и убавината нуди „Жанета Естетик“ на своите клиенти?

Ексклузивни и уникатни услуги во нашиот салон се следните третмани:
– нехируршки лифтинг со маска во едно парче со 100% кавијар и 24 каратно злато
– злато во вид на маска во едно парче
– кристална маска која делува на ДНК кај жената
– природен ботокс
– природен хијалурон
– специјални масажи со бисери, школки, енергетски црни кристали
– депилација со 4G паметен восок кој делува на ДНК на кожата кај жената
– третмани за коса кои се прават со инфрацрвена светлина и ултра звук, тоа значи дека храната за косата се внесува на клеточно ниво, влегува во влакното и има важност за структурата и убавината на косата.

 

Што се промени во менаџирањето и работата на салонот од минатата година до сега, во време на пандемија?

Искрено, се промени само тоа што наместо консултации во живо, со клиентите комунициравме преку телефон, за да можам да им дадам што повеќе информации околу хигиената на лицето, особено кај тинејџерите кои имаат проблеми со акни. Делев совети за користење на креми за хидратација, бидејќи доста често во праксата гледавме дехидрирани и инфицирани лица поради маските. Но, ние не застанавме, Салонот работеше за сето ова време, а имав и интервјуа за медиумите, чии што наслови беа „Убавина во пандемија“.

Со кои предизвици се соочивте и какви чекори преземавте за прилагодување кон ситуацијата?

Предизвици имаше… Многумина беа исплашени, но јас постојано ги охрабрував. Сите безбедносни протоколи ги практикувавме и порано, затоа што работиме со проблематични кожи кои се склони кон инфекции. Бевме единствен салон кој функционираше и им помагаше на лицата со проблематична кожа, бидејки немаше простор за чекање, кожата може да има трајни последици ако не се третира навремено и адекватно. И на крајот, очекувано, постигнувавме неверојатни резултати.

Кои би биле Вашите препораки до читателите на Опсервер, но и до претприемачите?

Моите препораки за читателите на Опсервер би биле: Потпрете се на своите знаења, живејте го вашиот сон во било која професија, трнливиот пат секојдневно постилајте го со успеси и бидете тигри со тигрите, бидејки ако сте маче ќе бидете растргнати. Чувајте го својот дух, бидејќи тој е вечен.