(ВИДЕО) Зоран Витанов за Опсервер: Македонија нема соодветни лидери, нема економски мерки – има демагошки мерки!


Книгата „Воскресни жив“, неговото искуство во политичкиот, но пред сè , неговото претприемачко искуство, бизнис експертизата и познавањето на финансиите, беше мотивот Опсервер да разговара со бизнис експертот Зоран Витанов. Но, ова не е само едно обично интервју, ова се животни лекции и препораки кои што Витанов несебично ги сподели со читателите на Опсервер. Од настанувањето на неговата книга, „Воскресни жив“, неговото искуство во политиката и откажувањето за да се пренасочи кон светот на претприемништвото, до препораките и личните искуства, Витанов говори без пардон, отворено и остро, но јасно, за да може секој да го разбере и да започне промена во својот живот.


 

Финансискиот диоптичар, за книгата „Воскресни жив“ вели дека е полуавтобиографска книга, која што може да се најде во сите продажни места на Просветно дело и во Трејд книжарниците во Струмица. Преведена е и на српски јазик, се продава во Србија, Хрватска, Босна и Црна Гора, па потоа ќе следи превод на бугарски и на англиски јазик, по што книгата ќе се продава преку myworld.com во 50 држави на англиски јазик.

Во книгата, Витанов објаснува за тоа како раскрстил со политиката за да почне да го развива својот успех во бизнис светот. Тој во 2008 година ја напушти политиката и влезе на светскиот пазар благодарејќи на дигиталната технологија. Како што кажува Витанов, на овој чекор се одлучил кога неговите идеи во политичките структури не наишле на разбирање поради системот. Витанов вели дека политиката во Македонија е на многу ниско ниво и дека ова што се случува таму е  политиканство.

„Македонија раскрсти и се разведе од успехот и од компетенциите како општество, во моментот кога го променивме политичкиот систем каде што во Собранието наместо во мнозински модел се бираат пратениците, се смени со пропорционален модел. Кога се смени тоа, на цена во политиката дојдоа полтроните, а од политиката исчезнаа компетентните. За разлика од политичкиот свет, на пазарот не е важно чиј си и кој си, на пазарот е важно дали си компетентен или не. Ако Македонија не се врати на мнозинскиот модел, Македонија ќе креира политики на полтронство“, изјави Витанов.

Според него, подобро е ние да придонесеме во општеството, отколку да чекаме тоа да ни даде:

„Тоа е претприемништво. Претприемачот гледа кои се проблемите во едно општество, гледа дали може да понуди решение и благодарение на тоа што ќе понуди решение, пазарот е спремен тоа да го плати. Само така може да се развиваме“ заклучува Витанов.

Никој не се смета себе за она што сега е Македонија, но ја прифаќа затоа што владее полтронството, а на пазарот ова не важи. Тој апелираше да се промени системот од пропорционален во мнозински за да не исчезне компетенцијата и најкомпетентите да не се иселуваат од државата.

„Одлуките имаат последици, а за мене зрел човек е оној човек кој што е спремен да одговара за своите одлуки, а претходно да ги анализира одлуките пред да ги донесе. А, ние што правиме? Ние толку лесно сменивме и Устав за да смениме идентитет, и сега на Бугарите сме им лути. Па, им пративме порака на Бугарите дека ние сме трговци со идентитетот“, заклучува Витанов во видеото.

Ставовите на Зоран Витанов, како и неговите размислувања, секогаш ја разбрануваат јавноста, а имуни не остануваат ниту државните институции и политичарите. Во продолжение Опсервер ви нуди плодно мотивационо видео интервју со Зоран Витанов, со скокотливи теми кои што моментално се во зеницата на јавноста.