Видео интервју на Игор Маџов за Опсервер: Стартап Македонија ги поврзува стартапите и чинителите за поддршка на компаниите


Стартап Македонија е организација која што под една капа ги вклучува сите актери кои што треба да помогнат на еко системот и функционира во помош и поддршка на стартапите во Македонија веќе 4 години. Нашиот соговорник, Игор Маџов е коосновач и програмски директор на Стартап Македонија. Но, тој е и инвеститор претприемач и повеќе од 10 години е вклучен во растот и развојот на стартап екосистемот во Македонија и Југоисточна Европа. Тој е во постојан контакт со предизвиците кои што ги имаат стартап компаниите и ги поврзува најуспешните бизниси со изворите на финансирање од Македонија и странство во рамки на Швајцарската програма за претприемништво.


 

Видео интервјуто кое што го направивме со младиот и успешен Игор Маџов изобилува со корисни информации за стартап екосистемот и бизнис заедницата. Според него, Македонија ќе биде лулка од која што ќе се развиваат стартапите, а со безрезервната поддршка од него и од неговите колеги, многу стартапи немаше да ја добијат потребната помош за развој и насоки.

На прашањето како може да се биде дел од стартап еко системот, тој вели дека со самото формирање на компанијата, таа е веќе дел од стартап екосистемот, но за да може полесно да се координираат, ја креирале стартап платформата startupmacedonia.mk каде што можат да се регистираат компаниите и понудувачите на сервиси до стартап компаниите.

– Ние правиме нивно спојување содветно на различни фази на развој затоа што не се исти побарувањата на компанија која што се’ уште е во бизнис идеја и онаа која што има 10-тина вработени и кои што бараат нови клиенти. Различни се можностите со тоа и различна е поддршката. Стартап екосистемот е отворен за сите, доколку сакаат да видат што има,  препорачувам да се регистрираат и да ги пратат вестите, изјавува Игор во видеото.

На првото издание на Startup Jobfair во Македонија, Игор вели дека биле понудени околу 72 работни позиции од страна на 10 таргетирани компании, со преку 400 учесници во живо преку платформата Zoom.

Некои од стартапите пропаднаа во време на кризата, но некои и пораснаа. Според Маџов, банкарскиот систем се буди и ги прилагодува понудите кон стартапите како финансиска поддршка, грантовскиот систем е исто така важен за финансирање на стартапите, Фондот за иновации, ангел инвеститорите и Venture Capital фондовите, за кои интересот во Македонија се’ повеќе расте.

Забележуваме дека инвеститорте сакаат компании кои што имаат голем потенцијал за раст и да се аплицира тоа решение на надворешните пазари затоа што во суштина, доколку се таргетира македонскиот пазар сам по себе е многу мал и затоа викаме повеќе од 70% од компаниите кои што се во рамки на Startup Macedonia уште од прв ден размислуваат за како ќе го пласираат своето решение на некој од поразвиените пазари. Имаме доста креативни компании кои развиваат технологија, но гледаме и доста интересни инвестиции кои што се случуваат во технологија, земјоделие, туризам, вели Игор Маџов во видеото.

Погледнете го видеото и дознајте кои се предизвиците на стартапите на почетокот и во текот на нивниот раст и како да се надминат во светот на бизнисот, но и како да се привлечат инвеститори и ментори. Во видеото зборуваме за тоа и кој пазар е подобар за бизнис, каде е добро да се започне и како да се развие самиот бизнис. За крај, важно е да се знае дека не секогаш успехот е загарантиран со првиот стартап и никогаш не е доцна да се започне со бизнис.