Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство


Состојбите и плановите за развој на македонскиот воздухопловен сектор, примената на стандардите на меѓународните воздухопловни организации, можноста за формирање национален авиопревозник, потребата од сертифицирање овластена организација, здружение или центар за обука на оператори со дронови, се дел од темите на кои разговараме во интервју со директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев.

– Од неодамна стапивте на функцијата директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Која е вашата оценка за состојбата во македонскиот воздушен транспорт и која е вашата визија за оваа институција?

 Агенцијата за цивилно воздухопловство е државно регулаторно тело во Република Македонија задолжено да го регулира цивилниот воздушен сообраќај во државата, во согласност со меѓународните стандарди, препораки и практики. Сите составни сегменти и функционални елементи во македонското воздухопловствово овој момент генерално се на висина на својата задача, во состојба да одговорат на современите барања и предизвици, во рамки на глобалниот воздухопловен транспортен систем. Нивната цел е да обезбедат сигурен, безбеден, современ, уреден, ефикасен и еколошки одржлив транспорт на луѓе и стоки, во согласност со високите критериуми што произлегуваат од востановените стандарди и препораки на релевантните меѓународни воздухопловни организации и здруженија. Македонскиот воздухопловен транспортен систем не може да се набљудува и анализира како самостоен и независен систем, туку исклучително како дел од глобалните европски и светски воздухопловни движења. Воздухопловната индустрија секојдневно бележи брз и незапирлив напредок во својот развој. Денес во светот постојат повеќе од 40 илјади аеродроми, од кои околу 1.500 се наменети за меѓународен воздушен транспорт. Пред 15 години на тие аеродроми биле прифаќани и испраќани околу две милијарди патници годишно, а денес оваа бројка е повеќе од удвоена и изнесува околу 4,5 милијарди патници во текот на една година. Повеќе од 300 воздушни комерцијални превозници секоја година превезуваат околу 2,2 милијарди патници и над 50 милиони тони карго низ целиот свет. Секоја година воздухопловите од над 50 производители во светот реализираат околу 72 милиони полетувања и слетувања. Тоа значи дека во светот се извршуваат просечно околу 100 илјади летови секој ден, односно дека во секој момент на небото летаат просечно 9.730 авиони, превезувајќи повеќе од милион и 200 илјади луѓе.

На европскиот континтент денес постојат 347 воздухопловни пристаништа, на кои минатата година полетале и слетале повеќе од милијарда патници. Секој ден на европското небо се реализираат во просек по 36 илјади комерцијални летови или по милион летови месечно. Овие бројки секоја година растат во просек од шест до осум проценти. На македонското небо просечно се реализираат по 15 илјади летови месечно, а во врвните периоди на сообраќајно оптоварување дневниот број понекогаш достигнува и до 1.000 операции. Минатата година на двете македонски воздухопловни пристаништа беа прифатени и испратени повеќе од два милиона патника, а во наредните четири години се очекува овој број да достигне три милиони. Ваквиот прогнозиран интензивен пораст на физичкиот обем на сообраќајот нè обврзува да градиме и создаваме услови за развој на ефикасен и безбеден национален воздухопловен систем, целосно интегриран во европската воздухопловна транспортна мрежа.

За мене лично, застанувањето на чело на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) претставува вистински професионален предизвик. Дадена ми е можност да го вложам целиот свој образовен, стручен и интелектуален потенцијал во интензивирање на започнатите реформски процеси, но и во креирање нови современи политики и проекти во функција на покревање на квалитетот, капацитетот и перформансите на Агенцијата. Истовремено, тоа претставува шанса и за нејзина промоција како сериозна и одговорна државна институција за надзор над работата на авиоиндустријата во земјата, но и во меѓународни рамки. Моето долгогодишно професионално искуство во сферата на менаџментот во воздухопловната индустрија, како и во стручно и научно-истражувачката дејност од областа на авијацијата, во која вложив голем дел од својот живот, сметам дека претставуваат сериозен темел и здрава основа да дадам сериозен придонес во развојот на македонското воздухопловство. Мојата основна цел и задача е да создадеме услови и можности за економски стабилен, интелектуално и стручно потенцијален, еколошки одржлив, меѓународно компатибилен, оперативно ефикасен и развојно просперитетен воздушен сообраќај и транспорт.

АЦВ ќе продолжи да претставува главен стожер на современите сообраќајно-транспортни интегративни процеси, кои ќе овозможат континуирано зголемување на физичкиот обем на сообраќајот и доследна имплементација на меѓународната регулатива. Тоа ќе значи поголем број на превезени патници, операции на воздухоплови и карго волумен на македонските аеродроми, побројни прелети на воздухоплови во македонскиот воздушен простор, поттикнување на спектарот на можности за патување до поголем број европски и светски дестинации, зајакнување на заштитата на патничките права, развој и унапредување на воздухопловните активности и покревање на нивото на безбедност во воздушниот сообраќај на македонското небо. Или, со други зборови, сите ние во Агенцијата ќе останеме посветени и доследни на нашата визија и мисија за профилирање и имплементација на интегрирано, безбедно, уредно, ефикасно и еколошки одржливо цивилно воздухопловство, достапно под еднакви услови за сите.

Што покажуваат последните оценски мисии и инспекции за примена на стандардите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) и кои се следните активности за исполнување на поставените задачи?

Оценските мисии на ICAO, кои се реализирани во текот на септември и октомври 2016 год., во делот на ефективноста и развојот на безбедноста во воздухопловство (ICVM – ICAO Coordinated Validation Mission) имаат покажано висока подготвеност на АЦВ за соодветната проблематика, што резултирало со висока оценка од страна на ICAO. Имено, Република Македонија е оценета со 79,92 отсто EI (ефективна имплементација), што претставува една од најдобрите оценки во регионот и пошироко;  ако се има предвид фактот дека глобалната просечна вредност на EI во 2017 год. изнесува 65.50 отсто, и дека во 2009 година оваа оценка за Република Македонија била 53,63 отсто, очигледен и евидентен е напредокот на нашата држава во однос на споменатата ефективна имплементација во последните неколку години.

Во претстојниот период, АЦВ активно ќе се посвети на заокружување на корективниот план за имплементација што беше даден од страна на ICAO, по што ќе влеземе во нов циклус на самооценување, што треба да заврши до крајот на оваа година. Имајќи ги предвид заложбите на сите сегменти што се инволвирани во одвивањето на воздушниот сообраќај во земјава, за континуирано покревање на нивото на безбедноста, на квалитетот на услугите и на меѓусебната соработка, очекувам во еден координиран и усогласен процес на заедничко дејствување да бидат постигнати уште подобри резултати. Тоа ќе значи унапредување на ефективната имплементација во делот на ефективноста и развојот на безбедноста во глобалниот воздухопловен транспортен систем, односно понатамошен пораст на рејтингот на Република Македонија во исполнување на обврските што произлегуваат од нејзиното членството во меѓународните воздухопловни организации и здруженија. Со постепена реализација на активностите што се поврзани со оценските мисии, АЦВ продолжува со квалитетно и навремено извршување на безбедносните регулаторни функции, дефинирани со ICAO Annex 19 на Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство и ICAO Doc.9734(Safety Oversight System), што придонесуваат за одвивање на безбеден и ефикасен воздушен транспорт.

Се разбира дека интенција на АЦВ е нашата држава да добива што е можно повисоки оценки од сите релевантни меѓународни институции и постојано да го крева рејтингот во сферата на меѓународните воздухопловни текови, но тоа за нас претставува нужност, пред сè, и поради нашата детерминираност да овозможиме безбеден, квалитетен и одржлив воздушен сообраќај и транспорт за граѓаните на Република Македонија.

Како, според вас, треба да се одвива натамошниот развој на воздухопловниот соообраќај во Македонија, од аспект на субвенции за нискобуџетни авиолинии и формирање национален авиопревозник?

Како директор на АЦВ, ја поддржувам одлуката на Владата за продолжување на трендот за субвенционирање на нискобуџетниот авиопревозник „Визер“, што ќе значи интензивен раст на бројот на превезени патници и операции на воздухоплови на македонските аеродроми, но и проширување на спектарот на можности за патување на нови линии, до поголем број европски и светски дестинации, по прифатливи цени за сите. Во изминатите осум години „Визер“ превезе над 5,5 милиони патници од нашите аеродроми и воведе 30 авиолинии до 14 држави во Европа. Новите осум дестинации до атрактивни европски дестинации што се најавени за годинава, до кои македонските патници ќе можат да стигнат и за симболични цени, дополнително ќе ја раздвижат патничката и авионската фреквенција на двете македонски воздухопловни пристаништа, но и битно ќе влијаат врз развојните компоненти на авиоиндустријата во земјава.

Од друга страна, исто така, многу е важно да се „негуваат“ и редовните странски авиопревозници, кои секојдневно превезуваат голем број бизнис патници, како и патници од т.н. „етнички туризам“, од и до најфреквентните балкански и европски дестинации. Чартер-превозот, кој во најголем дел е поврзан со туристичките движења и активности во текот на летната сезона, исто така е во континуиран раст. Ценам дека како земја, од година во година, сè повеќе успеваме да се етаблираме на европскиот авиопазар, а со тоа и да станеме значајна точка на мапата на држави до кои голем број реномирани авиокомпании би вршеле воздушен превоз на патници и стока.

Што се однесува до прашањето за формирање национален авиопревозник, свесен сум дека оваа дилема континуирано е актуелна во нашата држава повеќе од 20 години, дека одвреме-навреме знае да ја разбранува стручната и пошироката јавност, и дека претставува предизвик за секоја влада и политичка номенклатура. Поборниците на оваа идеја честопати велат дека само Република Македонија нема свој национален превозник или, поточно речено, редовен авиопревозник – носител на знаме. Меѓутоа, воздушниот сообраќај и транспорт во меѓународни рамки во последните 2 декади доживеа големи промени, интензивен развој и евидентен напредок, целосно свртувајќи се кон темелните вредности на либерализираниот воздухопловен пазар. Државната регулација и интервенционизмот во оваа област, со востановување на новите либерални меѓународни односи на Единственото европско небо, веќе одамна им отстапи место на пазарните законитости. Со масовната појава на нискобуџетните превозници на слободниот пазар, со давање можност за користење на сите т.н. меѓународни воздухопловни слободи, со образување на код-шеринг летовите, со појавата на регионалните авиопревозници, како и со формирање на т.н. воздухопловни сојузи меѓу воздушните превозници, концептот на „национален“ авиопревозник остана актуелен и на граница на економска оправданост само кај гигантските воздушни превозници во поразвиените европски држави. Но, дури и таму тој ригиден концепт полека се напушта, а големите реномирани авиопревозници се трудат да се приспособат на новите економски, оперативни и потрошувачки стандарди, текови и барања.

Сите примери од државите во регионот покажуваат дека „националните“ превозници имаат сериозни финансиски проблеми, дека не се конкурентни на воздухопловниот пазар и оти само со обемна финансиска помош и поддршка од државата можат да продолжат со работа. Од друга страна, современата воздухопловна регулатива во ЕУ се развива во насока на промоција на пазарните вредности и лојалната конкуренција во давањето на воздухопловните услуги на глобален план, без мешање и интервенција од државата. Мое лично мислење, кое соодветствува со резултатите од досега извршените стручни истражувања, анализи и физибилити студии кај нас, е дека Република Македонија во овој момент нема економски одржливи перформанси и финансиски потенцијали да размислува за формирање на т.н. национален авиопревозник, односно дека не постои економска оправданост за развој на еден таков застарен концепт. Сепак, доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт што би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи воздухоплови во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид на јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамки на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи.

Има ли интерес за влез на нови авиокомпании на македонскиот пазар и што може да очекуваат граѓаните во тој поглед?

Да, секако дека има. Либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број земји од Европа и од светот ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. Ние како институција сме максимално посветени брзо и ефикасно да одговориме на нивните барања, во рамки на позитивните законски прописи. АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските воздушни пристаништа. За да бидеме подготвени за таквиот предизвик, АЦВ континуирано треба да инвестира во развој и унапредување на стручните познавања и квалификации на воздухопловниот кадар. Мојата лична максима отсекогаш била дека вложувањето во кадровскиот потенцијал на една фирма претставува најисплатлива инвестиција на долгорочен план.

Со секој влез на нови реономирани авиокомпании на македонскиот пазар, граѓаните можат да очекуваат зголемување на конкурентноста, која ќе го поттикне растот на квалитетот на услугите во авиопревозот, а ќе ги намали цените на авиобилетите до голем број европски и светски деловни и туристички центри. Наша цел, како цивилна воздухопловна власт, е воздушниот транспорт да стане достапен за сите, под исти пазарни услови, со високо поставени критериуми на безбедност, сигурност и квалитет во услугите што се наменети за патниците и останатите корисници.

Во тек е постапка за измени на Законот за воздухопловство. Која е целта на измените и на што се однесуваат поконкретно?

Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за воздухопловство е да се усогласи македонскиот правен систем со меѓународните воздухопловни стандарди и препорачани практики, кои се преземени како обврска врз основа на Чикашката конвенција за меѓународен воздушен транспорт на ICAO и Мултилатералната спогодба за формирање на Eвропската заедничка воздухопловна област (ECAA – European Common Aviation Area). Иста така, дел од измените се предлагаат со цел да се затворат одредени забелешки од оценските мисии кои беа спроведени во Република Македонија во изминатиот период од страна на Маѓународната организација за цивилно воздухопловство(ICAO), Европската агенција за безбедност во воздухопловството (EASA) или од страна на Европската комисија (EC). Примери за тоа се усогласувањето со новиот Анекс 19 на Чикашката конвенција на ICAO, усогласувањето со ЕУ регулативите за издавање на дозволи за пилоти на авиони, хеликоптери, балони и едрилици,  за здравствената способност на персоналот во воздухоповството, плановите и критериумите за ефикасност во областа на воздухопловната навигација и слично.

Дополнително, со предложените законски измени и дополнувања се предвидува и нов извор на финансирање на Агенцијата, од надоместок од патник во заминување од аеродромите во Република Македонија. Согласно спроведените истражувања, овој извор на финансирање е утврден како стабилен и независен извор, и истиот е имплементиран во повеќе држави во регионот и пошироко. На тој начин ќе биде овозможено намалување на процентуалното учество во приходите на АЦВ од меѓународните прелети од сегашните 93 отсто на околу 62 – 65 отсто, односно во рамки на ЕУ регулативата и правилата на EUROCONTROL, каде што се движат соодветните просечни вредности на најголемиот број цивилни воздухопловни власти во европските држави. Една третина од овие средства ќе биде вратена и инвестирана во авиоиндустријата, во развојот на воздухопловната навигација, односно за техничко и технолошко унапредување на системите за навигација, контрола и управување на воздушниот сообраќај. Останатиот дел во целост ќе биде искористен наменски, за севкупен развој на воздухопловството во државата. Тоа првенствено значи реализирање на преземените обврски во согласност со Спогодбата за ЕСАА, воздухопловната регулатива на ЕС и развојните проекти на EUROCONTROL. Ова, пред се‘, се однесува на облигаторните потреби за инвестирање во областите на воздухопловната пловидбеност, аеродромите, летачките операции и вклучувањето на нашата држава во т.н. Функционалните воздухопловни блокови (FAB).

Исто така, значаен дел од овие средства ќе бидат инвестирани во поттикнување и интензивирање на развојот на воздухопловните активности во земјата; популаризација и промоција на воздухопловството кај младата популација; омасовување на аероклубовите што се занимаваат со спортска и школска авијација, туристички панорамски летови, воздухопловно моделарство, летање со балони, параглајдери, едрилици и други безмоторни воздухоплови, оперирање со беспилотни летала; едукација и стручно усовршување на воздухопловниот кадар; организирање и учество на стручни собири, работилници, воздухопловни манифестации и симпозиуми; соработка со образовните институции; печатење и издавање на соодветна стручна и научна литература и воздухопловни публикации; соработка со Воздухопловната федерација на Македонија; обука и стручно усовршување на воздухопловните инспектори; формирање соодветни обучни тренинг-центри; воведување системи за квалитет, за управување со безбедноста, за управување со ризиците во воздушниот сообраќај и сл.

Што покажуваат статистичките податоци на АЦВ од инспекциските надзори на воздухопловните пристаништа, како и за повредени права на патници за минатата година, изречени ли се корективни мерки, препораки, забелешки, од аспект на одржување и унапредување на нивото на безбедност?

АЦВ, во рамки на своите законски надлежности, редовно и ефикасно реализира низа од инспекциски надзори, што се однесуваат на безбедноста на аеродромската инфраструктура, воздухопловните операции и воздухопловната навигација. Генерално, континуираниот надзор врз сите сегменти на воздухопловниот транспортен систем се стреми на обезбедување, одржување и зајакнување на безбедносните (safety) и сигурносните (security) услови за непречено, уредно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај во земјава.Имено, како што може да се забележи од записниците за извршени инспекциски надзори од страна на АЦВ, во текот на минатата година на двете воздухопловни пристаништа во земјата (Меѓународен аеродром Скопје и Аеродром „Св. Апостол Павле“ Охрид) се извршени вкупно 46 инспекциски надзори на аеродромската градежна инфраструктура, аеродромските служби, како и на школскиот центар на ТАВ Македонија, при што се издадени 57 препораки, девет забелешки и шест корективни мерки, со цел да се одржи високото ниво на безбедност на воздушниот сообраќај на аеродромите. Како што може да се види од резултатите, операторот на аеродромите покажува висока свест за безбедноста и коректен однос со овластените воздухопловни инспектори, постапувајќи правовремено и квалитетно по сите корективни мерки; прифатени се сите забелешки и препораки, соодветно се обработени и доследно реализирани. Слична е состојбата и со давателот на навигациски услуги, односно услуги на управување и контрола на воздушниот сообраќај, М-НАВ, кој посветено, стручно и професионално се грижи за одржување на високото ниво на квалитет и безбедност на дадените услуги во врска со користењето на македонскиот воздушен простор. Се разбира, грижата за правата на патниците во воздушниот сообраќај останува примарна цел на АЦВ. Преку низа алатки и правни инструменти, во согласност со европските стандарди и процедури, максимално посветено и  одговорно, во изминатиот  период АЦВ е во функција на заштита на правата на сите корисници на услугите во воздухопловството во државава. АЦВ ќе остане максимално посветена на овие активности и во наредниот период, применувајќи ги доследно сите релевантни меѓународни стандарди и препораки од оваа област, односно транспонирајќи ги во нашиот правен систем.

 Од пред една година стапи во сила регулативата за правилна употреба на беспилотни летала. Какви се ефектите на терен, има ли поплаки од граѓаните за нарушување на приватноста?   

Во согласност со „Уредбата за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор”, секој воздухоплов без екипаж, односно беспилотно летало со максимална тежина поголема од 0,5 кг или максимална брзина поголема од 19 м/с, мора да биде запишанo во Регистарот на воздухоплови кој го води АЦВ и да биде обележано со регистарска ознака. До овој момент во АЦВ официјално се регистрирани 87 домашни беспилотни летала (дронови). Операторите на овие воздухоплови се должни во АЦВ да ја најават секоја операција со дроновите, која потоа автоматски се појавува на динамичката мапа што е поставена на нашата интернет страница. На тој начин, во реално време секој може да добие информација за операциите на дроновите што се одвиваат во моментот, како и операциите што се најавени или се веќе реализирани. Изработени се мапи, на кои јасно се обележани и сите ограничени и забранети зони за надлетување со дронови. Нема да биде нескромно ако се каже дека нашата држава на ова поле држи чекор со најсовремените технички, технолошки и ИТ-достигнувања во Европа и светот.

Статистичките податоци велат дека во втората половина на 2018 година на територијата на Република Македонија биле извршени повеќе од 700 операции на дронови; најголем дел од нив биле реализирани во Скопје (40 отсто) и во Охрид (20 отсто), по што следуваат Штип, Ресен, Гостивар, Тетово, Куманово, Прилеп, Крушево, Кочани, Македонски Брод и Битола (со по два до три отсто; најголем дел од операциите со дронови во Скопје (околу 49 отсто) се забележани во централното градско подрачје; повеќе од половината на операциите со беспилотни летала се реализирале во деновите од викендот.

АЦВ на својата web страна има поставено и апликација за пријавување на неправилности при користење на беспилотните летала, со што граѓаните и правните субјекти во нашата држава се во можност во секое време да пријават било какво нарушување на приватноста или безбедноста. До овој момент, од аспект на заштитата на приватноста, не се добиени поплаки од граѓани или правни лица за било какво нарушување на нивната приватност или безбедност. Покрај тоа, на овој план АЦВ има тесна соработка со МВР и со МО, и таквата ефектна меѓусебна координација овозможува ефикасно управување, следење и надзор на возухопловните операции на беспилотните летала. Потполно сум свесен дека овде станува збор за суптилна материја, која задира во областа на почитување на човековите права. Затоа сакам да и‘ порачам на јавноста дека ние, како цивилни воздухопловни власти, сме тука правовремено и соодветно да реагираме секогаш кога некој ќе почувствува или оцени дека станува збор за неовластено нарушување на приватноста, се разбира доколку тоа биде и потврдено. При нарушување на приватноста со неовластено снимање, кое со Кривичниот законик е строго забрането, прекршителите на законот се соочуваат со сериозно кривично дело, за кое што се предвидени високи парични и затворски казни. Во ниту еден случај овластените лица во АЦВ, во тесна соработка со органите на прогон, нема да дозволат сопствениците и корисниците на дроновите и другите беспилотни летала да дејствуваат на штета на граѓаните и правните субјекти во нашата држава.

Што ќе преземете како регулатор за да се спроведат обуки за лицата кои ги користат? 

Во врска со спроведувањето обуки за стекнување со лиценци (дозволи) за оперирање со беспилотни летала, и покрај неколкуте најави, АЦВ сè уште нема добиено официјално барање за сертифицирање овластена организација, здружение или центар за обука на оператори со воздухоплови без екипаж, што е основа за стекнување лиценца (дозвола), во согласност со Уредбата. Со оглед на тоа што се ближи крајниот рок по кој поседувањето соодветна дозвола ќе биде задолжително, АЦВ ќе вложи максимални напори уште еднаш да ги искомуницира и да ги мотивира операторите на воздухоплови без екипаж да се организираат и да настапат здружено, во рамки на некаква соодветна формална структура, за да бидеме во можност да издадеме соодветен сертификат за изведување стручна обука и лиценцирање оператори. Доколку во меѓувреме се формира некаков центар, здружение или организација за обука, со веќе лиценцирани инструктори во странство, тогаш АЦВ веднаш ќе пристапи кон реализација за издавање на потребниот сертификат.

Во поглед на информираноста на јавноста за условите под кои можат да се користат беспилотните летала, АЦВ во изминатиов период во повеќе наврати има организирано јавни дебати, информативни средби и оперативни состаноци со корисниците (сопствениците) на воздухоплови без екипаж, со цел да се подигне нивото на свесност за почитување на правилата во цивилното воздухопловство, како и прибирање на релевантни информации од индустријата. Интенцијата на АЦВ е дијалогот со операторите на беспилотни летала да продолжи со зголемен интензитет, за да биде целосно и соодветно регулирана оваа проблематика, во насока на развој, унапредување и проширување на операциите со дронови, а притоа да се обезбеди максимално ниво на безбедност на цивилното воздухопловство.

Имаме ли како држава доволно компетентен воздухопловен кадар за сите чинители во оваа дејност и што треба да се преземе?

Да, институциите што се инволвирани во одвивањето на воздушниот сообраќај во нашата држава располагаат со соодветно обучен и едуциран кадровски потенцијал, кој може да одговори на серијата предизвици што ги носат современите трендови во воздухопловната индустрија. АЦВ во изминатите четири години има реализирано и инвестирано во повеќе од 580 обуки за нашиот воздухопловен и останат стручен персонал во голем број реномирани европски и светски едукативни центри за стручна обука. Таквите обуки, односно стручни оспособувања и усовршувања, се однесуваат на повеќе модули од воздухопловната, техничката, технолошката, информатичката, еколошката, правната, економската, безбедносната и инфраструктурната сфера. Така на пример, во соработка со Сингапурската агенција за цивилно воздухопловство, доделени се голем број стипендии за стручни обуки, не само за вработените во АЦВ, туку и за воздухопловниот и технички кадар од сите сегменти во воздухопловната индустрија во земјава. Таквите едукативни програми овозможуваат покревање на квалитетот на стручните знаења на кадрите во АЦВ и другите партнери од авиоиндустријата, но и нивно стекнување со нови професионални вештини од сферата на безбедноста во авиосообраќајот, навигацијата, аеродромите и другите области што се значајни за развој на домашното цивилно воздухопловство.

Се разбира, тоа не е и не смее да биде доволно. Како цивилни воздухопловни власти ние сме претставници на нашата држава пред сите релевантни меѓународни воздухопловни организации и здруженија, како што се ICAO, ECAC, EUROCONTROL, EASA, до неодамна и JAA, каде што нашата држава бележи долгогодишно редовно или придружно членство. Тоа овозможува одредени привилегии и права за нашата држава, но истовремено и сериозни обврски за доследно преземање, спроведување и реализација на сите стандарди и препораки од меѓународната регулатива. Затоа, мора постојано да работиме на стручна едукација и на унапредување на кадровскиот потенцијал на воздухопловниот и останатиот стручен персонал во нашата држава.

Една од приоритетните активности, за мене како директор на АЦВ, е да бидат интензивирани, усовршени и унапредени плановите и програмите за основни и дополнителни стручни обуки на вработените во АЦВ. Моја интенција е да иницирам соработка со другите агенции од развиените европски и светски држави, за да овозможам услови и можности за размена на искуства, споделување на вештините и практиките, соработка на полето на усовршување на нашите вработени во други држави, за да бидат во можност потоа тие да го имплементираат своето знаење овде кај нас.

Истовремено, во претстојниот период сериозно ќе работиме на зајакнување на постојните човечки ресурси во АЦВ, односно на создавање услови и можности за ангажирање нови кадровски потенцијали. Тоа првенствено ќе значи работен ангажман на кадри и профили од стручната фела, во функција на подигнување на стручниот квалитет и капацитет на Агенцијата, како регулаторно тело што е надлежно за надзор над работата на сите чинители во воздухопловната индустрија во Република Македонија.

Лидија Велковска 

фото:Фросина Насковиќ

Балкан

Шпански туристи тероризирани од сопственик на ресторан кај Химара (ВИДЕО)

Албанската телевизија „Репорт“ објави екслузивно видео снимено од шпански турсти, кога сопственик на угостителски објект во Порто Палермо, кај Химара, се качил на хаубата на нивното комбе во движење и се обидел да се пресмета […]

Вести

Пациентот со западнонилска треска на Инфективната клиника и натаму во тешка состојба

Шеесет и шестгодишниот пациент заразен со западнонилска треска, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје се уште е во тешка здравствена состојба со манифестација на централниот нервен систем, изјави за МИА директорката […]

Вести

„Рекет“ – епизоди со специјално-обвинителски искази и партиски обвинувања

Официјалните активности на Обвинителството за расветлување на случајот „Рекет“ вчера продолжија со исказ на Бурим Рустеми, третиот обвинител од Специјалното јавното обвинителство (СЈО) кој сведочеше за прашања поврзани со истрагата „Поштенска банка“, која ја води […]