Професорот Виктор Груев со уште едно светско научно-технолошко откритие


Охриѓанецот Виктор Груев, доктор на науки и професор по електроника и компјутерско инженерство на Универзитетот во Илиноис, САД, повторно во фокусот на вниманието на светската научна јавност со уште едно технолошко откритие. Врз основа на неговите претходни истражувања и трудови базирани на анализа на поларизација на светлината пронајде сензор за детекција на објекти во сложени визуелни услови.

Инспириран од сложениот систем за визуелизација карактеристичен за сетилата за вид на одредена врста морски ракчиња (Squilla Mantis‎), Груев заедно со неговиот тим научни соработници пронајде нова врста камера што значајно би можела да ги унапреди потенцијалите на системите за управување кај напредните транспортни средства, односно нивната безбедност преку навремено забележување потенцијални опасности во сложени визуелни и светлосни услови.

Професорот Груев кој се наметна пред јавноста во глобални рамки со неговиот пронајдок на специјални очила што ги прават видливи канцерогените клетки, како и иницијалниот начин за подводно GPS позиционирање, овојпат создаде камера што овозможува регистрирање детали кај фотографии со динамички опсег десет илјади пати поголем од капацитетот на постојните комерцијални камери.

Инаку, динамичкиот опсег е параметар што истовремено го определува соодносот меѓу најсветлите и најтемните површини на одредена фотографија. Преку тој сооднос камерата подобро може да ги воочи деталите пред возилото додека излегува од темни услови на дневна светлина како додека се движи и излегува од тунел или гаража, како и при интензивна сончева светлина, како и за време на магла.

Експертите по оптика што спровеле анализи на камерата со висока дефиниција на снимките од една страна укажуваат на големата економичност на изумот, со проценка дека со новиот систем што нуди пронајдокот на Груев овозможува производство на такви сензори по мошне ниска цена од десетина долари. Истовремено тие сметаат дека новиот сензор ќе овозможи возилата да детектират опасност, други возила, пешаци на патот со ефиканост трипати поголема од најскапите и најсофистицираните камери на денешницата.

Виктор Груев додека вршел анализи на причните што довеле до сообраќајни незгоди настанати поради неефикасност на сложени системи за рано предупредување кај експериментални возила, утврдил дека сензорите не успеале да регистрираат пречки на патот – други возила само поради тоа што нивната боја односно интензитетот на светлината на објектите бил идентичен со бојата на небото односно интензитет на светлина на позадината.Нашата камера го надминува тој проблем оттаму што високата динамичка визуелизација ја олеснува детекцијата на објектите со слична боја на позадината поради различна поларизација на возилата од онаа на небото, изјави Груев за МИА.

И овој изум е базиран врз основа на сетилото за вид на подводните ракови, кои науката ги има прогласено за шампиони кога станува збор за нивниот вид, со сложени очи во кои има 16 типови рецептори на светлината, наспроти само трите колку што ги има човековото око. Раковите и нивната способност да вршат диференцијација на сите шест типови поларизирана светлина, имаат логоритамски реакции на интензитетот на светлината. Тоа ги прави мошне чувствителни во високите спектри на светлината, овозможувајќи им да ги забележат мошне светлите истовремено и мошне темните елементи во рамки на една сцена.

Токму различната поларизација на клетките кај неговите претходни пронајдоци беа основата врз која беше создадена камерата за детектирање на канцерогените клетки наспроти здравото ткиво. Последниот изум само е потврда дека биоинспирираната камера може да понуди доста интересни решнија односно за употреба како основа за дизајнирање на идните генерации сензори.

– Станува збор за нова камера, приближно милион пати почувствителна од камерите што ги произведуваат познатите компании. Камерата може истовремено да даде чиста слика на предметите што се во сенка и оние изложени на интензивна светлина. Тоа е остварено на начин што диодите во камерата функционираат фундаментално различно од традиционалните камери и придонесуваат за дополнителна компресија на фотосигналот. Оваа камера остварува логаритамска релација со јачината на светлината што овозможува далеку поголема сензитивност отколку класичните дигитални камери. Ако има повеќе светлина камерата помалку реагира и овозможува формирање слика без сатурација односно обелување, појасни Груев.

Откако спровеле тестирања на сензорот во услови на различен светлосен интензитет, бои и услови на поларизација на светлината во лабараторија, Груев и неговите соработници камерата ја испитувaле и на отворено, во услови на сенка како и при јака дневна светлина.

– Камерата е користена во најразлични услови, како тунели и магливо време. Камерата и при најнеповолни временски услови на снимање работеше без какви било проблеми, вели тој.

Најновиот изум на Груев и неговиот тим веднаш ја заинтригира научната јавност, а информацијата за пронајдокот веќе се публикува на специјализираните научни списанија низ целиот свет.

Водејќи се од начелото за безбедноста како императив, производителите на возила што разработуваат софистицирани системи за самоуправување или за активна помош во управувањето веднаш го препознаа потенцијалот на новиот изум.

Како што посочи Груев, тој и неговиот тим веќе оствариле контакт за иницијална соработка со компанија за производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија. Преку заеднички активности ќе се утврдува дали високата сензитивност на новата камера може да се користи за подобро забележување објекти на патот и потоа истото да се аплицира преку системот за управување на возилата со автоматска промена на насоката на движењето, или пак во насока на предикативно активирање на воздушните перничиња за неколку милисекунди порано што може да значи живот во критични ситуации.

Виктор Груев е роден во Охрид, а од својата 15-та година преку размена на ученици заминува за САД. Потоа се враќа во Скопје каде запишува електротехнички факултет, а уште во првата година од студиите повторно заминува за САД каде ги продолжува студиите. Таму завршува два факултета – електротехника и медицина и се стекнува со докторска титула. На универзитетот „Илиноис“ ги предава двата предмета. .

Александар Бачиќ (МИА)

Вести

Законот на ЈО во август, ако се постигне консензус

Владата вчера на седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство и донесе одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка. На предлог на Министерството за правда Владата прифати […]

Вести

Хан и Рикер доаѓаат во Скопје на средби со државниот врв и со опозицијата

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан утре доаѓа во Скопје на средби со државниот врв и со лидери на политички партии. Хан ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со лидерот […]

Вести

Јанева негира вмешаност во „Рекет“, тврди дека некој со сите сили сака да го урне СЈО

Специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева вчера на прес-конференција негираше дека е вмешана во случајот „Рекет“. Обвини дека против неа и нејзиното семејство се води хајка уште од самото стапување на функцијата, со цел нејзина […]