Ексклузивно интервју на Амбасадорката на Украина во РСМ, Н.Е. Наталија Задорожњук: На 24 август, Украина ја слави 30-тата годишнина од обновувањето на независноста


Г -ѓо Амбасадорка, накратко раскажете ни го основното што просечниот граѓанин на нашата земја треба да го знае за современата Украина.


 

Накратко ќе биде тешко, но ќе се обидам. Украина е исклучително пријателска земја за Република Северна Македонија.

Имаме заеднички приоритети за надворешна политика – членство во НАТО и Европската унија, ние сме и благодарни на Северна Македонија за нејзината континуирана поддршка во нашата борба против руската агресија, за непризнавањето на окупацијата на Крим.

Украина е демократска европска земја со силен човечки и економски потенцијал. Бројките зборуваат сами за себе. Украина го зазема првото место во Европа според територија, 5 -то во Европа и 29 -то во светот според бројот на жители, една од најбогатите земји во светот во однос на природните ресурси.

Во современиот свет, каде што темата за исхрана станува се поактуелна, Украина има многу да понуди, бидејќи ние сме на прво место во Европа во областа на обработливото земјиште (6-7% од светската црница е во Украина), 1-во место во светот за извоз на сончоглед и сончогледово масло, 2-ро место во светот за одгледување на јачмен, 3 -то место во светот за одгледување на пченка, 4 -то место во светот за одгледување на компири, 5 -то место во светот за производство на мед. И оваа листа може да продолжува многу долго.

Украина е исто така индустриска земја. Ќе искористам бројки и за тоа: заземаме 1-во место во Европа по производство на амонијак, 2 -ро во Европа и 4 -то во светот по должината на гасоводната мрежа, 3 -то во Европа и 8 -мо во светот по капацитет на нуклеарни централи, 3 -то во Европа и 11 -то во светот по должина на железницата (21,7 илјади километри), 4 -то место во светот по извоз на турбини за нуклеарни централи; 9-то место во светот за извоз на производи од воено-индустриски комплекс. И оваа листа исто така може да се продолжи.

Треба да се напомене дека поради илегалната руска анексија на Крим, само економските загуби за Украина изнесуваат 135 милијарди американски долари. И ова е само минимално докажаната проценка на загубите. Загубите од окупацијата на одделни региони на Доњецката и Луганската област изнесуваат околу 13 милијарди американски долари, и ова не ја зема предвид вредноста на средствата што во моментов се на окупираните територии. Во Донбас, за време на воените дејства, инфраструктурата беше уништена. А да не зборувам за човечки жртви. Имаме повеќе од 13.000 починати и околу 2 милиони присилно раселени лица.

Сепак, и покрај тековната руска агресија и потребата да се фокусираат огромни количини човечки и материјални ресурси на одвраќање на Руската Федерација и нејзините платеници, Украина активно се трансформира.

Сега во Украина активно се спроведуваат иницијативи насочени кон економски развој на земјата и трансформација во инвестициско привлечна држава. Особено, во 2020 година беа воведени следните реформи: системи за приватизација на државниот имот, циркулација на земјоделските земјишта, транспарентни аукции за приватизација на државниот имот, транспарентна продажба на дозволи за користење на почвата и први значајни договори за концесија, почеток на дигитализација на јавните услуги во големи размери.

Довербата и поддршката на меѓународните партнери е зачувана – на крајот на 2020 година, Украина одржа успешни преговори со ММФ (Меѓународниот монетарен фонд), со што беа одблокирани програмите за надворешно кредитирање.

Минатата година, Украина исто така успешно воведе државна поддршка за заеми за мали и микро бизниси.

Во 2020 година, тековната сметка на билансот на плаќања се подобри за повеќе од 11 милијарди американски долари во споредба со 2019 година, што значи зголемување на приливите на странска валута во земјата. Како резултат на тоа, меѓународните резерви на Украина во моментов изнесуваат 29 милијарди американски долари – највисок показател во последните години.

Од 1 јули 2021 година беше отворен пазарот на земјиште – Украина им се придружи на сите цивилизирани земји во светот. Исто така, веќе една година се во сила новите правила на пазарот за гас во Украина: потрошувачот може самостојно да избере снабдувач кој нуди сопствена цена за гас. Така, стана можно да се избере или најевтината понуда, или онаа што е најповолна во однос на плаќањата, или онаа што има најдобра услуга.

На почетокот на 2021 година, беше донесен Законот за „инвестициски дадилки“ – државниот UkraineInvest ќе им помогне на големите и стратешки инвеститори во процесот на подготовка и поднесување апликација, комуникација со јавните власти и локалните самоуправи. Ова ќе им даде дополнителен импулс на домашните и меѓународните инвеститори да инвестираат средства во земјата.

И покрај постојаните ограничувања поради пандемијата на коронавирусот, БДП на Украина во првата половина на 2021 година се зголеми за 1,7% во споредба со првата половина од минатата година и се очекува до крајот на годината да порасне дополнително до 3,5%. Исто така, очекуваме да ја задржиме инфлацијата на 10% во 2021 година, и покрај брзиот пораст на светските цени.

Како го оценувате тековниот развој на украинско-македонските односи?

Ја интензивиравме билатералната соработка во сите области – активен политички дијалог, интензивна меѓупарламентарна соработка (10-13 јуни годинава успешно помина посетата од парламентарната група за соработка на Верховната Рада на Украина со Северна Македонија предводена од Валериј Зуб), зголемување на трговско-економската соработка, имплементација на интересни проекти во областа на јавната дипломатија.

Нашата Амбасада денес ја идентификува економската насока како една од приоритетните. Така, во последниве години имаме значително интензивирање на билатералната трговско-економска соработка, особено стабилен раст на показателите на билатералната трговија. Веќе втора година по ред, Северна Македонија се најде на третото место меѓу осумте земји во балканскиот регион (по Бугарија и Србија) во однос на меѓусебната трговија со Украина.

Во 2020 година, трговската размена помеѓу Украина и Северна Македонија беше највисока во последните 8 години (101 милион). За 7 месеци од 2021 година веќе имаме онолку колку што имавме за цела 2020 година (скоро 100 милиони американски долари).

Благодарение на напорната работа, по 12-годишна пауза, беше деблокиран процесот на работа на Меѓувладината украинско-македонска Комисија за трговско-економска соработка (на 16 јуни 2021 година во Кијив се одржа третиот состанок на Комисијата), организирана е средба на Првиот Вицепремиер на Украина Олексиј Љубченко со Министерот за економија на Република Северна Македонија Крешник Бектеши (15 јуни, г.Кијив).

Интензивирана е работата помеѓу водечките стопански комори на двете земји. На 7 април 2021 година, по иницијатива на Амбасадата и со помош на Советот на извозници и инвеститори при МНР на Украина, се одржа првиот онлајн настан помеѓу стопанската комора на Украина и водечките стопански комори на Северна Македонија, беа потпишани три Меморандуми за соработка помеѓу Советот на извозници и инвеститори и стопанските комори на Северна Македонија.

Проширена е договорно-правната рамка на билатералните односи: потпишани се меѓувладин Договор за меѓусебно патување на граѓани на трајна основа, Договор помеѓу Министерството за млади и спорт на Украина и Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија за соработка во областите на младите, физичката култура и спортот, Договор меѓу Државната служба на Украина за безбедност на прехранбени производи и заштита на потрошувачите на Украина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија за соработка во областа на карантин и заштита на растенијата (работата на Договорот траеше повеќе од 10 години). Потпишувањето на овој договор, на кој се работеше околу 10 години, предвидува усогласување на барањата за карантин и заштита на растенијата за стоки што се извезуваат од Украина во РСМ, ќе помогне да се зголеми опсегот и да се диверзифицира извозот на украински стоки.

Покрај тоа, комплетиран е комплексниот преговарачки процес за либерализација на актуелниот Договор за слободна трговија меѓу Украина и Република Македонија. Планираме во блиска иднина да ги потпишеме и ратификуваме овие промени.

Значителен поттик е даден на меѓурегионалната соработка. Во последниве години, воспоставено е збратимување помеѓу шест градови во Украина и Северна Македонија. Мене ме признаа како почесен граѓанин на еден од градовите во Северна Македонија.

Според вас, дали е перспективна туристичката сфера на билатералните односи?

Украинците денес почнуваат да го откриваат туристичкиот потенцијал на Македонија. Амбасадата активно го промовира и ова. Интензивирањето на соработката во областа на туризмот започна во 2020 година. Есента 2020 година, украински тур-оператори ја посетија Северна Македонија со цел да подготват предлози за украински туристи, на 17 февруари 2021 година се одржа Првиот украинско-македонски форум, организиран од Амбасадата на Украина, Националната туристичка организација на Украина и Советот на извозници и инвеститори при МНР на Украина, посветен на презентацијата на Украина како туристичка дестинација за туристи од РСМ, со учество на околу 50 учесници од двете страни, се потпиша Меморандум за соработка и интеракција во областа на туризмот помеѓу Националната туристичка организација на Украина и Агенцијата за развој и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија.

Беше договорено за потребата за понатамошен развој на Б2Б контактите помеѓу претставниците на туристичката сфера на двете земји, особено можната организација на посета на претставници на македонски тур-оператори на Украина во блиска иднина за понатамошно создавање на т.н. „Туристички карти“.

Значаен поттик во туристичкиот сектор исто така даде воведувањето на првиот во историјата на украинско-македонските односи директен редовен лет на релација Кијив-Скопје од украинската компанија „Windrose“ во декември 2020 година.

Од 10-13 јуни оваа година во Северна Македонија престојуваше во официјална посета Пратеничката група на Врховната рада на Украина за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија, во чиј состав беше Народниот депутат, претседател на Поткомитетот за туризам и одморалишта при Врховна Рада на Украина, Дмитро Наљотов. Со македонските партнери беа дискутирани конкретни проекти во областа на туризмот, особено взаемно корисната соработка во областа на медицинскиот туризам.

Општо земено, оваа област на соработка е многу ветувачка. Во Северна Македонија има прекрасна природа, вкусна храна, гостопримлив пријателски однос кон туристите. Додека Украина од своја страна е воопшто една од најинтересните туристички дестинации во светот.

Со оглед на тоа дека имаме Договор за безвизен режим помеѓу нашите земји (потпишан во 2019 година) и директни летови, ги поканувам граѓаните на Северна Македонија да ја откријат за себе Украина, а Украинците да ја посетат пријателската Северна Македонија.

Раскажете ни, ве молиме, за проектите на Амбасадата во областа на културата и јавната дипломатија?

Во областа на јавната дипломатија, работиме позитивно. Се стремиме да му покажеме на македонското општество дека Украина не само што се бори, се брани, туку истовремено се реформира и има сериозни достигнувања во современата уметност, кинематографијата, литературата и спортот. Широк публицитет имаа изложбата на слики на Петрикивско сликарство, традиционалните вечери на украинската кујна (кулинарна дипломатија), изложбата на украински занаетчии и работилниците организирани во водечкиот музеј на Северна Македонија – Музеј на македонската револуционерна борба, преводите на украинска литература на македонски јазик, запознавањето на македонското општество со нашите традиционални празнмици (Велигден, Божиќ, Покров на Пресвета Богородица, Свети Никола), обезбедуваме учество на нашите музички групи во Македонија.

На покана на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, се одржа заеднички преглед на натпреварот Украина-Северна Македонија во рамките на ЕВРО 2020. Тоа беше неверојатна атмосфера на соединување, пријателство меѓу пратениците во македонскиот парламент, претставниците на Владата, Амбасадата и украинската заедница во Северна Македонија.

Министерството за надворешни работи на Украина посветува значајно внимание на јавната дипломатија. И тоа е одлично. Со помош на специјални програми успеваме да организираме голем број јавни настани кои имаат широк публицитет во македонското општество.

Од 13 до 16 август во „Кинотеката“ се одржа проекција на филмови на украинскиот режисер од светска класа Олександр Довженко (Звенигора-Арсенал-Земја) и предавање на претставникот на Националниот центар „О.Довженко“ Арсениј Књазков.

Организираме од 19 до 26 август во Скопје и други градови во Северна Македонија, заедно со Make Dox-Creative Documentary Film, фестивал со проекција на украински документарни филмови (околу 11 дела) и средба со украински режисери. Реализацијата на овој проект ќе ги покаже достигнувањата на украинската филмска индустрија и ќе ги претстави достигнувањата на украинскиот документарен филм. Подготвуваме изложба на украински уметници, занаетчии кои живеат во Скопје.

До 24 август, по повод Денот на независноста, ние исто така планираме да го пуштиме во употреба аудио водичот на украински јазик во водечкиот музеј во Северна Македонија – Музејот на македонската ослободителна борба, во кој има голема колекција слики од украински уметници и восочни фигури изработени од украински мајстори. Со раководството на Музејот беше договорено да се воспостави соработка со Националниот музеј за историја на Украина.

Исто така, планираме турнеја низ Северна Македонија на Кијивскиот академски регионален музичко-драмски театар „Панас Саксагански“.

Од 15 до 21 јули, украинска делегација од експерти за религија ја посети Северна Македонија, воспостави контакти со соодветните државни институции на Северна Македонија и се договори за заеднички проекти во областа на религијата.

Посебна област на работа на Амбасадата е интензивирање на соработката помеѓу Украина и Северна Македонија во областа на образованието и науката. Од 14-16 мај, Скопје го посети украинска образовна делегација предводена од Јуриј Волошин, деканот на Факултетот за меѓународни односи при National Aviation University. Договорени се конкретни заеднички проекти со American University of Europe (FON) и MIT University.

Амбасадата на Украина традиционално се вклучува во настани организирани од Добредојде Македонија Welcome Centre, вклучувајќи презентации на Украина и учество на хуманитарни концерти. Учествуваме во добротворните настани организирани од NOVA International Schools.

Со цел да го прошириме украинското присуство во Северна Македонија, активно работиме на отворање на Почесен конзулат на Украина во еден од регионите на Северна Македонија. Имаме уште многу други планови.

Генерално, мислам дека успеваме да ја одржиме динамиката на билатералните односи во сите области – активен политички дијалог, меѓупарламентарна соработка, интензивирање на економската соработка, интензивирање на туризмот, значајна работа во областа на јавната дипломатија.

Украина станува се поприсутна во Северна Македонија. Но, тимот на Амбасадата е амбициозен, сакаме повеќе. Ќе се обидуваме.