Митреска за МИА: Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива


Митреска за МИА: Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива - МИА

Скопје, 19 септември 2020 () – Перцепцијата за банкарскиот систем и довербата во него е основата на којашто тој функционира. Оттаму, објективните и веродостојни информации се исклучително важни за зачувување на неговата стабилност. Ова го истакнува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за , осудувајќи ги шпекулациите, коишто, како што вели, беа пласирани во изминатите неколку недели.



– Секоја донесена одлука, независно дали станува збор за монетарниот инструментариум, девизните резерви или за супервизорските одлуки, вклучително и при донесување на одлуката за „Еуростандард банка“, одлучувањето не било и не може да биде дискреционо. Согласно со најдобрите меѓународни практики, професионални тимови подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура – информации, анализи и предлози за постапување, коишто се разгледуваат на повеќе нивоа во Народната банка, пред да се достават до највисокото раководство како предлог за одлучување, вели Митреска, која е дел до тимот на Народната банка веќе две децении.

Во однос на пропаѓањето на „Еуростандард “, Митреска е децидна дека не е поврзано со ковид-кризата.

– „Еуростандард банка“ подолго време наназад беше изложена на поголем кредитен ризик и слабости во работењето, поради што беше под засилен супервизорски надзор и беа изрекувани бројни супервизорски мерки во насока на санирање на состојбите во Банката. Всушност, токму заради објективноста и темелниот пристап на супервизорските тимови, овие слабости излегоа на површина во билансот на Банката, посочува вицегувернерката.

Таа напоменува дека и покрај корективните мерки, капиталот на Банката паднал под законскиот минимум, а во таков случај единствено можно решение е барањето до сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителни парични средства.

– Би сакала јавноста да има целосна слика и да знае дека ова не се средства коишто ѝ се потребни на Народната банка. Тие средства се слеваат во билансот на деловната банка и во овој случај беа неопходни за да се исполни законското минимално капитално барање за да може „Еуростандард банка“ да опстојува.