Мега-интервју на Опсервер со Борис Ефтимовски: “Прогресот е возможен без поделби и со правично ресетирање на системот!”


Денес разговараме со Борис Ефтимовски, експерт за стратешки комуникации и основач на Маркетинг365 и Digitron Consultancy. Ефтимовски е меѓународно признат професионалец од областа на маркетингот, медиумите и односите со јавноста, кој изминативе години дури 10 пати бил поканет да биде член на интернационални стручни жири-комисии на конференции и фестивали за адвертајзинг и ПР во регионот и низ Европа. Има повеќегодишно претприемачко, менаџерско и консултантско искуство, работејќи на развој на нови бизниси, нови пазари, медиумски продукти, креирање на кампањи, менаџирање на комплексни кризни ситуации и советување на претприемачи, менаџери, влади и политичари, што го прави соодветен за нашиот денешен разговор посветен на неколку актуелни светски и домашни теми:



Опсервер: Ќе започнеме со најактуелната светска тема во моментов и случувањата во Америка. Пред претседателските избори во САД, Вие бевте модератор на онлајн-панелот организиран од Американската Стопанска Комора (АмЧам Северна Македонија) каде разговаравте еден-на-еден со медиумски претставник од Белата Куќа во Вашингтон, со кого прилично успешно ги предвидовте случувањата во САД за време на изборите и случувањата после тоа. Како од денешен аспект Ви изгледа сето она што периодов се случува таму?

 

Борис Ефтимовски:  Актуелните случувања во САД се само последица на една атмосфера која е присутна неколку години наназад и која произведе длабока поделеност на американското општество на екстремно леви и екстремно десни наративи. Резултатите од претседателските избори беа прилично лесно предвидливи за сите што поблиску ја следат политиката таму и освен во неколку т.н. swing држави, за другите можеше однапред да се предвиди кој каде ќе биде победник. Однесувањата на двата табори после изборите исто така беа рефлексни и наменети пред сѐ за својата таргет јавност, а непријатните случувања на кои сведочевме пред неколку дена се нешто што беше отфрлено од сите релевантни политички чинители, што би сугерирало дека е само неславен крај за сите што посакуваа политичката криза и превирања да продолжат да егзистираат и понатаму. Мислам дека наредните месеци ситуацијата ќе се стабилизира, ќе сведочиме на поодговорни изјави од политичките и општествените лидери, а групите како Антифа и крајните десничари ќе го изгубат подиумот кој намерно или не, им беше доделен изминативе неколку месеци. САД се сериозен државен систем и тие можат да излезат само посилни од овие предизвици со многу научени лекции и верувам дека сега силно ќе се фокусираат на теми кои се од интерес на сите граѓани – бизнисот и економијата, теми што ги обединуваат сите!

Опсервер: Иако ова можеби не беше кампања што долго ќе се памети во САД по некоја иновативност или нов пристап, сепак имаше и некои свои моменти. По што Вам Ви остави најголем впечаток?

Борис Ефтимовски: Ова беше прилично интересна кампања од аспект на темите што беа третирани во текот на самата кампања, но и пред нејзиниот официјален старт. Иако немаше никакви иновативни пристапи во комуникациите (како кампањата кога Обама за првпат почна со сериозна употреба на социјалните мрежи или претходната претседателска кампања каде се “измисли” темата “fake news” и специфичниот однос на Трамп кон Твитер и традиционалните медиуми), самиот опсег на темите кои беа третирани ја направија доста интересна за следење, барем за нас кои сме дел од комуникациската индустрија. На пример, интересен е фактот што светските теми и улогата на САД во светот кои беа прилично експлоатирани во минатите изборни циклуси – овој пат беа целосно минимизирани и акцентот целосно беше свртен на домашните предизвици и случувања.

Нормално, здравствената пандемија и последици од неа беа прилично сериозно третирани, но исто така, важни беа и концептите за развој на економијата (посебно различните позиции за фокус кон зелена економија наспроти планот за развој на тешките индустрии), здравствените реформи (проширување на Obamacare, односно т.н. Affordable Care Act, како предлог на Бајден наспроти негово целосно отфрлање како предлог на Трамп, па дури и влијанието кое го имаше предлогот на кандидатот Бени Сандерс за Medicare for All). Значајно внимание беше посветено и на тема назначувањето на нов врховен судија по предлог на Трамп и републиканците на само неколку дена пред изборите, како и темата за протестите после смртта на Џорџ Флојд и односот на градоначалниците спрема нив (таму каде што има републикански градоначалници тие беа релативно мирни, додека на другите места протестите направија големи нереди), потоа судењето на Фејсбук, Гугл и Твитер во врска со Section 230 од законот за комуникации, итн. Мене прилично интересен ми беше и односот на кампањите на Бајден и Трамп кон популарната култура и подкастите (Трамп твитна дека сака дуелот со Бајден да го води најпознатиот светски подкастер Џо Роган), потоа интервјуата на Бајден во подкасти на рапери, некои впечатливи “модни изјави”, пуштањето на Despacito на мобилен од страна на Бајден пред говор на митинг итн.

Опсервер: Г-дине Ефтимовски, ниту македонското општество не е нешто помалку поделено, а за жал политиката секојдневно доминира како тема пред економијата, иако на сите анкети кај граѓаните, токму економијата се издвојува како најважна за нивниот живот. Вие сте имале прилика бизнисот и домашниот економски систем да го “видите” од повеќе агли – и од аспект на менаџер во компанија и како претприемач и консултант на многу проекти. Што е она што нас, пред се’ како општество, ни недостига за да направиме квантен скок кон некој забрзан економски раст?

Борис Ефтимовски: Навистина е тешко да се најде вистинската формула за правење квантни скокови имајќи ја во предвид состојбата во која се наоѓаме. Мислам дека треба да ресетираме многу области во нашиот систем и општество, но сѐ на крајот се сведува на подобрување на еден клучен параметар – довербата која граѓаните ја имаат во системот! Тоа пак, од друга страна, зависи од неговата одлучност (на системот) да се направат тие одлуки за ресетирање на клучните аспекти од нашето живеење и правично да се спроведуваат.

За да направиме било што одржливо на долг рок во економијата, а и во другите области, мораме најпрво да се обидеме да ја намалиме поделеноста како општество, што според мене е еден од најзначајните проблеми со кои се соочуваме. Само така можеме да дизајнираме процеси што ќе ни донесат конзистентност на долг рок, бидејќи само преку инклузивност и кохерентност можеме да направиме одржлив развој, што сам по себе би било квантен скок. Секогаш кога се носат одлуки за долгорочните процеси, тоа треба да биде направено преку вклученост на што повеќе страни и нивните цели да бидат разгледани од што повеќе агли, зошто само така може да се очекуваат политики кои нема да се распаднат на „првата кривина“ или со доаѓањето на некоја нова гарнитура која ќе ја има честа да ја предводи државата.

За да се случи ова, треба што повеќе одговорни луѓе да бидат силно одлучни дека крајно време е да направиме нешто со државата во која сме решиле да останеме да живееме и на дело да ја покажеме нашата љубов за неа. Не смееме ни милиметар да отстапиме или да се повлечеме пред презентирана “неодговорност” во било која форма, дали од институции или од некои “силни” поединци.  Македонија е наша татковина, на секој еден граѓанин и нејзината иднина не зависи од некој друг, туку од сите нас, кои секој ден, во нашата област, индустрија или нашиот делокруг на општествено битисување, можеме да одлучиме дали ќе се грижиме за неа или не.

Според мене, бизнис заедницата и претприемачите се базенот кој може да ја понуди најпрогресивната сила во нашата држава и сметам дека само таа може да биде предводник на значајни општествени подобрувања. Мојот апел до моите колеги е да се вмрежуваат што повеќе, да бидат активни преку сите форми на здружување, да споделуваат ставови и идеи за општествените теми и да се помагаат при секоја акција за општествена промена. Мораме да бидеме архитекти на нашата иднина како граѓани, бизнисмени, но и општествено корисни личности.

 

 

Опсервер: Кога ја допревте темата вмрежување, покрај останатите активности, Вие сте и еден од ко-организаторите на бизнис нетворкинг настанот “Бизнис Кафе Македонија” и изборот “Жена на годината”. Знаеме дека event индустријата беше сериозно погодена во 2020 поради пандемијата, но какви се Вашите планови со овие проекти за претстојнава 2021?

Борис Ефтимовски:  Заедно со мојата бизнис-партнерка во овој проект, Катерина Котлареска, која го донесе настанот “Бизнис Кафе Македонија” во нашата држава, одлучивме дека треба да паузираме со настаните од “Бизнис Кафе” и изборот за “Жена на годината” во 2020 година, со оглед на целата здравствена ситуација. Целта на настаните е вмрежување на луѓето во живо, запознавање, разменување на бизнис искуства и склучување на зделки, а тоа секако не може да се пивотира со никаков онлајн настан. Се надевам дека поскоро ќе се создадат услови за повторно да стартуваме со сите планирани настани и со големо нетрпение го очекуваме денот кога повторно ќе може да закажеме некоја нова безгрижна бизнис дружба.

Опсервер: Веќе десетина години активно сте вклучен во медиумската и адвертајзинг индустрија во Македонија и регионот. Вие бевте и Претседател на ИАБ Македонија, асоцијацијата која ги обединува најголемите онлајн медиуми, маркетинг агенции и огласувачи во земјава. Како го гледате севкупниот развој на македонскиот дигитален пазар и пред сѐ дигиталните медиуми?

Борис Ефтимовски:  Развојот на македонскиот дигитален пазар е тесно поврзан со развојот на македонската економија. Тоа значи дека ги има истите предизвици како и било кој друг пазар и дека е причинско-последично зависен од понатамошниот развој на целокупната економија. Светските трендови во развојот на технологијата овозможија создавање на неограничен број на адвертајзинг простор, што како резултат предизвикува намалени приходи од огласување за дигиталните медиуми. Ова придонесува за многу од нив неможност дополнително да се развиваат и така “преминуваат” кон некомерцијални извори на финансирање, што многупати како резултат дава пропагандистичко или неетичкко известување кое свесно манипулира и го занемарува јавниот интерес. Оваа ситуација за огласувачите и агенциите остава сѐ помалку места и медиуми каде што можат соодветно да ја пренесат својата порака, што понатаму се одразува и во успешноста на брендовите за кредибилно комуницирање и секако за подобрување на деловните резултати, што ќе донесе и поголеми буџети за огласување. Тој магичен круг продолжува да се врти, зачинет со некои нелогичности во обемите на буџетите кои сѐ уште се планираат за дигиталните медиуми во однос на телевизиите на пример, особено кога ќе се споредат публиките, вниманието и ефектите кои истите ги имаат. За среќа, има неколку светли точки меѓу медиумите кои и покрај сите предизвици успеаја да изградат респектабилни дигитални изданија и тоа се системи што и понатаму треба да се поддржат за да се надградуваат. За поздравување се и неколку брендови кои заедно со нивните маркетинг агенции се похрабри и би рекол попаметни и предводат во поагилна комуникација преку дигиталните медиуми, но сепак, нивниот број е сѐ уште премал за голема промена.

За некој позабрзан развој на македонскиот дигитален пазар и дигиталните медиуми дополнително потребни се и законски измени со кои дигиталните медиуми ќе се изедначат со медиумите од другите типови и ќе ги добијат привилегиите и одговорностите што следуваат со тоа. Потоа, треба да се овозможи постоење на трета независна страна што ќе се занимава со мерење и истражување на публиката на дигиталните медиуми, како и овозможување на присуство на светските адвертајзинг мрежи од типот на adsense и сл. Исто така, сакам да споменам дека очекувам дигиталните медиуми да бидат поддржани од државата на истиот начин како што беа поддржани и телевизиите и печатените медиуми, бидејќи и тие беа погодени од економските ефекти од кризата, а верувам дека ќе се согласите, беа првиот столб на информирање на граѓаните во целиот овој период.

 

 

Опсервер: Вие сте регионално присутен на речиси сите настани поврзани со маркетинг и креативност и добро ја познавате регионалната агенциската сцена. Како нашата држава стои на тој план? Како нашите агенции котираат во споредба со тие од регионот?

Борис Ефтимовски: Иако е дел од мала економија и индустрија со навистина скромни буџети и паушали, македонската агенциска сцена може да се пофали со исклучително квалитетни креативни агенции и проекти кои успеале да направат не само локален, туку и регионален и глобален импакт. Македонија е меѓу најуспешните земји споредено со останатите во регионот кога станува збор за освоени награди на регионалните и светските фестивали. Имаме исклучително квалитетен и искусен кадар во маркетинг индустријата и во тој дел имаме што да понудиме на целиот регион. Неколку наши професионалци се на водечки менаџерски позиции во најголемите регионалните агенциски системи и компании, во делот на креативците изградивме препознатливи имиња кои своите идеи ги наметнуваат и во глобални кампањи на брендовите за кои работат, имаме прекалени професионалци во делот на создавање комуникациски стратегии и не е грешка ако се каже дека квалитетот на услугата што домашните сериозни агенции го обезбедуваат кај нас е на исто ниво како и најдобрите агенции било каде во регионот, па и во светот.

Опсервер: Сте имале прилика да соработувате како консултант со многу компании од земјава и од странство, па и со компании од Топ500 листата на магазинот Fortune, што би се рекло со најголемите и највлијателни во светот. Што според Вас ги одвојува големите и малите компании, големите и мали менаџери, не во финансиска смисла, туку во односот што го имаат со соработниците и околината?

Борис Ефтимовски: Едноставноста и почитувањето на договореното. Тоа е тоа што големите компании ги одвојува од малите. Големите компании никогаш не се потенцираат себеси во деловниот однос, никогаш не комплицираат дополнително за очигледни работи, не се обидуваат да те надмудрат, секогаш градат партнерски однос и секогаш цврсто стојат на договореното.

Една компанија може да биде голема и со двајца вработени, а мала и со повеќе од 100. Големите компании знаат зошто постојат, која е нивната улога за нивните вработени, сопственици, но и за нивната заедница и знаат дека секогаш мора да бидат тука за нив. Знаат која е разликата помеѓу  “правење пари” и “правење бизнис”. Истото ова може да се каже и за менаџерите. Речиси сите ултра успешни менаџери со кои сум имал прилика да соработувам, најпрво биле добри и едноставни луѓе, а потоа добри менаџери. Секогаш спремни да слушаат, во секој разговор најпрво им е важно соговорникот да го задржи достоинството – а потоа тие да бидат во право или не. Кога разговараш со нив чиниш дека ништо не им значи тоа што се предводници на некоја мулти-милионерска корпорација и својата улога ја доживуваат како уште еден вработен во насока на правење на некое поголемо дело за државата и заедницата. Сите тие знаат дека без многу љубов за тоа што се прави, не бидува ништо и дека и во животот и во бизнисот, најпрво за својата среќа, а потоа и за среќа на другите, најважно е да се остане добар човек – за себеси, за фамилијата и за целата заедница.