Марин: Обесштетувањето на инвеститорот кај „Мајчин дом“ ќе значи комплетен крах на буџетот на Општина Аеродром

Случајот „Мајчин дом“ или почетокот на градбата на деветкатницата во скопски Аеродром прекуноќ ја сензибилизира атмосферата во оваа најголема скопска општина според бројот на жители. Граѓаните го кренаа својот глас за градбата во паркот кај „Мајчин дом“, општината веднаш „крена рачна“, иако инвеститорот тврди дека располага со сите потребни документи и дозволи за градба. Во моментов интензивно се бара решение на проблемот, а за сите детали околу иднината на објектот во интервју за МИА говори првиот човек на општината Златко Марин.

Градоначалнику Марин, дали ќе се грaди кај „Мајчин дом“? Како опозиционер токму од тоа место испраќавте пораки дека ако бидете локална власт, нема дадозволите градење и уништување на зеленилото?

– Јас воопшто немам отстапено од мојот став и сѐ уште сметам дека не е добро таму да се гради. Од првиот ден се обидуваме да го заштитиме тој плац од градење и да најдеме решение во интерес на граѓаните. Во кампањата, но и пред тоа, бев првиот кој апелираше дека ВМРО-ДПМНЕ планира да донесе ваков штетен ДУП и организиравме протести. Во таа фаза спречувањето на оваа градба ќе беше многу полесно и јас лично тоа го иницирав. Потоа насилно се донесе ДУП и во кампањата ветив дека ако победиме, ќе се борам со сите правно достапни механизми да го спречиме градењето. Токму тоа го правиме. Уште веднаш ги доставивме сите потребни документи до Уставниот суд, каде што се поднесени 13 претставки за ДУП И10. Единствено оваа институција може да го поништи ДУП и ја очекуваме нивната одлука. Правиме темелни анализи на можностите за наоѓање решение како да се спречи градењето. Како што веќе неколку пати изјавив, бараме решение во две насоки, едната е наоѓање заменска парцела, а другата е преку обесштетување. Секоја од можностите детално се разгледува и анализира.

Инвеститорот инсистира на градење на објектот. Тој имал средба со граѓаните на која им објаснил дека ги има сите потребни дозволи, дека трпи штети оддоцнењето. Што покажуваат вашите анализи, има ли решение?

– Прво се бараше друга парцела, односно заменска парцела, каде што инвеститорот би можел да гради. Разгледани се сите можности на целата територија на општината, се правеа процени на вредноста на парцелите, правни процедури за преземање и префрлање на проектот, сѐ што беше потребно. Се бараа пред сѐ парцели во помалку урбанизираните делови од Аеродром. Потоа, во соработка со Град Скопје и Министерството за транспорт се бараше решение и надвор од територијата на Аеродром. Ова веднаш се покажа како невозможно поради низа правни пречки, но и временски рокови што воопшто не одговараат.

Проблемот е што минатото раководство на Аеродром, како што јавноста добро знае, направи измени во ДУП со кој впиша голема маркичка за градба и со тоа цената на земјиштето вртоглаво пораснала. Јас многу пати апелирав пред да биде донесен ДУП и на протестите, дека пред да се впише маркичката многу лесно може да се најде заменска парцела бидејќи цената на земјиштето е мала. Ова во неколку дебати на телевизија му го сугерирав на претходниот градоначалник, за што тој немаше слух. Со впишување на маркичката, цената на земјиштето порасанала на три милиони евра, цена што веќе ја платил инвеститорот. Сега во Аеродром немаме ни одблиску друга соодветна парцела што може да ја замени оваа. Со носење на ДУП е нанесена огромна штета и нѐ доведува нас како раководство на општината во оваа незавидна позиција. Размислувавме дури и за можност на носење нов ДУП, повторно надвор од урбаното јадро на општината, што би предвидел парцели и маркички што би можеле да ја заменат оваа парцела. Но, проблемот е што таа процедура може да трае и неколку години, а инвеститорот, според она што го кажува, веќе има покренато високи кредити и има големи тековни трошоци. Со чекање само уште повеќе се компликува состојбата, а трошоците растат и тоа не е решение на проблемот. Сакам да потенцирам, вопшто не е точно дека не се бара решение, напротив, направивме многу да најдеме решение. Го бараме сега, но и апелиравме да не се носи ДУП за да не се донесеме во оваа позиција. Тогаш, за жал, јавноста не покажа интерес за оваа тема како сега.

Вашиот последен потег, по протестите во Аеродром, беше дека ќе се обидете да го обесштетите инвеститорот. Тоа се големи пари. Ги има ли општината?

– Според досегашните анализи сумите се огромни и општината не располага со такви средства. Дополнителен проблем е што не може точно да се предвиди колку би била конечната отштета што ќе ја бара инвеститоторот, колку ќе бидат трошоците доколку се оди во судска постапка и слично. Од она што засега го имаме пресметано, само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, инвеститорот ќе бара отштета за досегашните инвестиции, за одржување и кредити кои, според информациите што тој ги пласира во јавноста, се многу високи. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. За илустрација, Општина Аеродром во моментов има на располагање околу четири милиони и 800.000 евра, а нашиот основен буџет за цела 2018 година изнесува околу девет милиони евра.

Ова би значело комплетен крах на буџетот на Општина Аеродром и огромни штети за граѓаните. Ова е неразумно решение и ќе ја доведе во прашање реализацијата на сите проекти, но и тековното работење.Тоа би било крајно неодговорно и ова решение не го поддржувам. Сепак, во нашиот буџет ние предвидовме 300.000 евра за проекти од областа на животната средина, што успешно се реализираат, набавивме прочистувачи за воздух за сите градинки, имаме тековна изградба на градинка, исплаќаме финансиска поддршка за првачиња и многу други проекти што не би можеле да се реализираат во тој случај.

Што е со можноста за мораториум? Зошто не го воведете? Велите дека не постои правен механизам, но некои го воведуваат.

– Мораториумот воопшто нема да го реши проблемот. Тој само може да го одложи градењето и дополнително да ја искомпликува целата состојба. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП, не влијае на маркичката за градба, не решава ништо. На овој начин само се блокираат сите останати неспорни градби и тековни работи во општината. Со мораториум за градба нема да спречиме градење, само ќе го пролонгираме, а на сметка на тоа може да трпиме и финансиски штети. Решенијата што ние ги баравме беа во насока на трајно решение на проблемот, не во негово одлагање.

Во дебатата се отвори и прашањето за квалитетот на општинските детални урбанистички планови. Има ли потреба од консултирање на стручната јавност заизмени на ДУП?

– Ова е суштинската тема на која треба да разговараме и да носиме решенија во интерес на граѓаните. Активно реализираме конкретни мерки во иднина да не ни се повтори случајот „Мајчин дом“. Како што ветивме, формираме општинско партиципативно тело за урбанизам составено од граѓани, невладини организации, надворешни стручни лица и вработени во општината. Тоа ќе има за цел да ги надгледува сите активности во делот на урбанизмот и активно да учествува во носењето на новите детални урбанистички планови.

Новите детални урбанистички планови што ги подготвуваме ќе имаат повеќе зеленило и се изработуваат пред сѐ грижејќи се за животната средина, а не профитот на инвеститорите. Повеќе зеленило на парцелите е утврдено и со новиот закон донесен од Владата во јануари оваа година. Дополнително, работиме на детални урбанистички планови во неурбанизираните делови на општината, што значи сакаме да го заштититиме урбаното јадро. Во соработка со инвеститорите ќе инсистираме на енергетски ефикасни објекти и садење многу зеленило на самите парцели.

Јас го разбирам гневот на граѓаните во однос на прекумерното градење. Во последните осум години се изградија повеќе од 100 згради во општината благодарение на претходното раководство. За жал, речиси е невозможно да го спречиме градењето на донесените детални урбанистички планови и на оние што уредно имаат право на градба, како да речеме градбите во Стар Аеродром. Она што го ветувам и ќе го реализирам е дека новите детални урбанистички планови и она што ние како раководство ќе го изработиме ќе биде пред сѐ во интерес на граѓаните и животната средина.

Што можете и што навистина ќе сторите за во иднина веќе да не се најдете во ваква ситуација, што може да предизвика сериозни инциденти со незадоволнитеграѓани? 

– Јас сметам дека за ова е потребно прво промена на законите и Владата работи токму во таа насока. Како што спомнав, веќе е регулирано со закон да се обезбеди поголем процент на зеленило при урбанистичкото планирање. Дополнително, потребно е да се ревидираат сите спорни регулативи што во моментот го ограничуваат менувањето на ДУП. Така, на пример, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи во урбанистичкото планирање, донесен во 2015 година од тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, кога со еден урбанистички план ќе се одредат димензиите на една градба или градежна маркичка, со наредните планови тие не можат да се намалуваат, туку само да останат исти или да се зголемуваат. Значи, прво законите се проблем и тука Владата активно работи и подготвува решенија што суштински го решаваат проблемот. Второ, е она што веќе го правиме, а тоа е да се вклучат колку што е можно повеќе граѓаните при носењето на ДУП и да учествуваат во носењето одлуки на локално ниво. Мене ми е жал што за конкретниот случај со „Мајчин дом“ не се мобилизираа повеќе граѓани да го спречат носењето на ДУП. Граѓанската активност е важна и јас целосно ја поддржувам преку создавање на телото за урбанизам во општината каде што тие директно ќе се вклучат.

Магдалена Ристоманов 

Вести

Најмалку 71 загинат и над 1.000 исчезнати во пожарот во Калифорнија

Најмалку 71 лице загинаа, а над 1.000 луѓе се водат како исчезнати во катастрофалниот пожар што беснее во северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија, соопштија синоќа локалните власти. Како што јави ДПА, шерифот на […]

Бизнис

Годинава помалку договорени градежни работи во странство

Вкупната вредност на договорените работи на македонската градежна оператива во странство во периодот јануари-септември годинава изнесува 1.207.941.000 денари што е за 40.3 отсто помалку во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за […]

Бизнис

Анѓушев: Проектираниот раст од 3,2 отсто за 2019. со сигурност ќе се реализира

Проектираниот економски раст од 3,2 процента следната година со сигурност ќе се реализира, откочени се крупните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, а покрај нив сериозни активности се очекуваат и со интензивирање на гасификацијата […]

Бизнис

Промоција на директна авионска линија Охрид – Виена

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска попладне ќе слета првиот авион на компанијата „Визер“ на новата редовна авионска линија од и кон Виена. Покрај сезонските, тоа ќе биде третиот директен редовен авионски лет што […]

Балкан

Мицотакис: Договорот од Преспа не го решава, туку го интензивира проблемот

Договорот од Преспа не го решава проблемот, туку го интензивира, не го архивира, туку го одржува, рече Кирјакос Мицотакис, претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија во обраќањето на крајот од третиот „Thessaloniki summit“, […]

Вести

Град Скопје: Почнува присилна наплата за неплатена фирмарина

Град Скопје соопшти дека во согласност со одредбите за присилна наплата од Законот за даноците на имот, почнува постапка за присилна наплата на неплатените обврски по основ на неплатена комунална такса за фирма (фирмарина) за […]

Вести

Трамп постхумно го одликува Елвис Присли со претседателски „Медал на слободата“

Гласот на Елвис Присли одекна синоќа во Белата куќа, кога за време на церемонија на врачување на „Медалот на слободата“ беше пуштена неговата песната „How Great Thou Art“. На церемонијата, Трамп им го врачи „Медалот […]

Интересно

Јапонец се венчал со виртуелна личност за 15.000 евра

Јапонец се оженил за виртуелна личност и тоа го чинело 15.000 евра. Негова „избраничка“ е холограмска верзија на Хацуне Мико, популарната тинејџерска ѕвезда во Јапонија. Акихико Кондо (35) организирал и прослава по повод „бракот“ со […]

Интересно

Нов проект на авторот на „Игра на тронови“

Додека обожавателите на „Игра на тронови“ ја чекаат осмата, последна сезона во април догодина, се појавија информации и за нејзино претпродолжение, но и за сосем нова серија со авторскиот потпис на Џорџ Р.Р. Мартин. Се работи […]

Први оставете коментар

Вашиот коментар пишете го во празното поле:

Вашата емаил адреса нема да биде објавена.


*