Лазаревски: Неопходно е кадровско зајакнување на ЈОРМ

Jавното обвинителство има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите што ги има Специјалното јавно обвинителство во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост, вели во интервју за МИА Бодан Лазаревски, јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија – координатор за односи со јавноста во јавните обвинителства.

Транспарентноста на јавните обвинителства честопати е мета на критика од страна на медиумите.  Како јавните обвинители ја согледуваат потребата од поголема отвореност кон јавноста?

-Улогата на јавните обвинители пред 2013 година, како странка во кривичната постапка беше во поголем обем ограничена. Во постапката, а особено во истрагата „ dominus“ беше истражниот судија кој ја водеше претходната постапка. Јавниот обвинител доставуваше барање до судијата, кое тој требаше да го спроведе и да го извести обвинителот за резултатите што беше ограничувачки фактор во мобилноста и способноста за прилагодување кон потребите на постапката, а со цел ефективно да се гонат сторителите на кривични дела. Истовремено ваквата улога на јавниот обвинител не беше податлива за интересот на јавноста што создаде пракса на затвореност и тешко споделување на информации.

Со Закон за кривична постапка чија примена започна во 2013 година и воведувањето на акузаторниот принцип во постапката улогата на јавниот обвинител целосно се измени. Сега тој е лидер на истрагата, централна фигура, која има значителна надлежност. Со тоа и интересот на медиумите и на јавноста се промени.

Во изминатите пет години, особено минатата година во обвинителствата се работи многу на подобрување на транспарентноста. Дополнителен момент за јавните обвинители да почуствуваат потреба за транспарентност е и фактот што јавното обвинителство како институција ужива неоправдано низок углед, а со тоа и нивната работа и залагање остануваат потценети.

Сепак дури и по истек на пет години отвореноста на јавното обвинителство е критикувана?

– Да, честопати бевме критикувани заради тоа што не сме доволно отворени во давањето на информации кон јавноста. Ние тоа многу сериозно го земаме предвид и се преземаат многу активности за подобрување на состојбите. Се реализираат многу обуки на кои се говори за потребата од транспарентност, како и во која фаза на постапката што може да се сподели со јавноста. Со реализирање на проекти чии активности се поддржани од меѓународни организации успешно ги спроведуваме зацртаните реформи. Во јавното обвинителство имаме вработени лица за односи со јавноста кои имаат одговорна задача. Не само да комуницираат со медиумите, туку и да комуницираат со јавните обвинители и во најкраток рок од нив да ги обезбедат потребните информации. Тоа е сепак долг процес.

При тоа, треба да се спомене дека кај јавните обвинители постои резерва во однос на обемот на информации кои може да споделат со јавноста. За нас задолжителна е примената на Законот за кривична постапка каде јасно е утврдено дека дејствијата во предистрагата се тајна. Јавните обвинители мора да ги заштитуваат правата на сите лица кои се  инволвирани во кривичната постапка, особено правото на пресумпција на невиност.

Водењето на истрага пак, подразбира потреба од преземање на дејствија за кои јавноста не смее однапред да знае. Замислете ситуација да излеземе со информација во некој предмет дека претстои претрес на нечиј дом или дека ќе побараме некое лице да биде сослушано или некои докази да се приберат. Вакви информации би биле одлични за оние кои потоа ќе можат да сокријат докази, да договорат исказ пред јавен обвинител или да побегнат и со тоа комплетно да се загрози истрагата.

Од друга страна, доколку се објави основано сомнение за конкретно лице како сторител на некое кривично дело, на тоа лице му се става „доживотна етикета“ на криминалец. А потоа во истрагата може да се увиди дека тоа лице и не сторило кривично дело или пак можеби судот ќе донесе таква одлука. Тоа се чувствителни прашања кои секој јавен обвинител ги има предвид и заради нив честопати не се овозможува одговор на сите прашања кои ја интересираат јавноста.

Но, мора да се спомне дека јавното обвинителство е на  став дека на јавноста треба да и се дадат сите информации за кои нема законска пречка. Како приоритет го цениме прашањето за поголема транспарентност во работењето и затоа спроведуваме и многу активности.

Цените ли дека заложбите ви вродуваат со плод?

– Секако. Статистиката која ја водиме ни укажа дека обуките кои ги реализиравме го менуваат начинот на работа на јавните обвинители и овозможија лицата за односи со јавноста поефикасно да доаѓаат до потребните информации. Започнувајќи од ноември минатата година бројот на објавени соопштенија е повеќекратно надминат. Тоа само говори за подобрениот проток на интерни информации. Исто така, добиваме повеќе новинарски прашања и истите се одговорени со задоволителен обем на информации. Се почесто и јавните обвинители директно комуницираат со медиумите, што секако овој тренд е наша интенција и за во иднина.

Се споредувате ли со Специјалното јавно обвинителство кога разговарате за транспарентноста? Тие воведоа стандард за отвореност кон јавноста што пак се одрази и на довербата на граѓаните кон СЈО. Довербата на јавноста кон ЈО е пак далеку помала.

– Довербата на јавноста кон јавното обвинителство е многу ниска, како што впрочем е за сите правосудни институции.  Во минатото бевме многу затворени и тоа се одрази директно кон создавањето на погрешна слика на јавноста за нашето работење. Не треба да се заборават ни процесите кои се одвиваа во државата и политиката која беше вмешана во секојдневието. Па оттука, товарот едноставно падна на правосудството и на нас. Во дел оправдано, во дел не. Ние тогаш немавме одговор за многу прашања. Работите сега се менуваат. Јавните обвинители се охрабрени да постапуваат само врз основа на својата стручност и проценка. Нема влијанија, нема притисоци, предметите се работат професионално. Тоа е пораката која се обидуваме и да ја пренесеме кон граѓаните.  Се отвораат нови предмети, таргет е секој кој сторил кривично дело, се постапува неселективно.

Што се однесува до, како што рековте, стандардот што  го поставило Специјалното јавно обвинителство, ценам дека всушност законскиот и професионалниот стандард е некаде помеѓу премногу големата отвореност кон јавноста и целосната затвореност кон јавноста. Сметам дека желбата за поголема отвореност кон јавноста не смее да подразбира загрозување на правата на лицата инволвирани во постапките или нарушување на правото на приватност и на пресумпцијата на невиност. Исто така, непрофесионално е да ја „водите“ кривичната постапка преку медиумите и да креирате јавно мислење кое потоа сакале или не ќе има влијание врз носење на одлуките.

Ние сме орган на кривичен прогон и  преземаме дејствија кои директно навлегуваат и менуваат човечки судбини. Затоа, треба со должно внимание да постапуваме во секој предмет и да не дозволиме да нарушиме или загрозиме нечии права повеќе од она што со законот треба да го направиме. Токму затоа, стандард на секое обвинителство е да се обезбеди максимална отвореност кон јавноста, да се обезбеди релеванта, брза  и точна информација во обем кој ги почитува правата на секој поединец со цел да се создаде објективна слика за постапувањето.

Како ќе го поднесе товарот на јавниот интерес  јавното обвинителство со евентуално преземање на предмети од Специјалното јавно обвинителство?

– Сметам дека Jавното обвинителство има капацитет да постапува по сите предмети, иако не располага со ресурсите кои ги има Специјалното јавно обвинителство во делот на материјално финансиската состојба и кадровска пополнетост.

Вредно е да се потенцира дека во јавното обвинителство беше утврдена потреба од вкупно 251 јавен обвинител, а во моментов имаме само 176 јавни обвинители. Во поглед на админстрацијата според систематизацијата предвидени се вкупно 1.130 вработени, од кои пополнети се само 356 работни позиции, што е за 774 лица помалку од предвиденото.

Од аспект на интересот на јавноста, овие предмети имаат значење за јавноста и ние тоа го почитуваме. Свесни сме дека јавноста со посебен интерес го следи развојот и исходот на предметите од СЈО. Токму затоа, постапувањето во такви предмети подразбира и поголема отвореност и тоа претставува дополнителен товар, но свесни за потребата ќе се соочиме и тоа за нас не е пречка. Напротив, токму обезбедувајќи транспарентност во постапувањето и по вакви предмети, јавното обвинителство ќе и покаже на јавноста дека ние сите сме обвинители и сите работиме по исти закони, дека разлики нема.

Дали јавното обвинителство е подготвено за притисокот на јавноста со преземање на предметите?

– Сме биле и се уште сме под притисок и будното око на јавноста и по предмети кои се работат во нашите обвинителства. Нашата надлежност е од јавен интерес. Јавноста има право да знае како ја вршиме нашата работа, како го гониме криминалот. Во интерес на сите е да имаме безбедно општество ослободено од криминални појави, а во тој дел превентивната улога на медиумите и јавните обвинителства има значајна улога. Затоа, професионалниот интерес на медиумите не го разбираме како притисок. Туку како поттик и коректив на нашето работење.

Во моментов постапувате по предмети кои будат огромен медиумски интерес, како што е предметот за бегството на Груевски, за вакцините, за пензискиот фонд, за АКМИСОТ и слично. Може ли јавноста да очекува наскоро детални информации, прес-конференции на кои ќе биде запознаена со исходот од постапките?

–  Информирањето на јавноста доаѓа следствено на фазата во која се наоѓа предметот, преземените дејствија и прибраните докази. Во ново донесеното Упатство за односи со јавноста на јавното обвинителство, како и со писменото укажување на Јавниот обвинител на Република Македонија упатено до сите јавни обвинители, се дава насока за задолжително објавување на информациите за секој предмет одделно кога во него има информации кои може и треба да се споделат со јавноста.

Секако, како координатор на односите со јавноста во јавните обвинителства заедно со вработените за односи со јавноста, секојдневно ги потсетуваме јавните обвинители на оваа обврска. Како што спомнав, веќе има резултати од ваквата поставеност. Очекуваме во иднина споделувањето на информации да е природен дел од работата на секој јавен обвинител. Свесни сме дека само така можеме да очекуваме зголемена доверба на јавноста во јавното обвинителство.

Даниела Маркоска Алексовска

Фото: Дарко Попов

Вести

Судењето за „27 април“ продолжува со завршни зборови на обвинетите

Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година. Вчера завршни зборови дадоа дел од обвинетите. Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, […]

Балкан

„Блиц“: САД подготвени на поекстремни потези кон Приштина

По одбивањето на Приштина да ги повлече таксите за производи од Србија, САД се подготвени на поекстремни потези, кои би требало да ги погодат директно политичките лидери на косовските Албанци и нивните главни проекти, пишува […]

Вести

Завршни зборови на одбраната на „Титаник 2“

Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за случајот за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“ на кое завршни зборови треба да дава одбраната. Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот […]

Вести

Нов состанок на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија

Дали да се препорача заедничко чествување на Цар Самоил, Гоце Делчев, Илинденското востание се меѓу личностите и настаните за кои ќе се дебатира  на четвртиот состанок на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни […]

Вести

Заев и Ахмети ќе се обидат да најдат заеднички кандидат за претседател

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешната средба во Клубот на пратениците заклучиле да направат обид да се најде заедничка личност за кандидат за претседател на државата. Заев […]

Бизнис

Бензините поскапуваат, дизелот останува ист

Од полноќ поскапуваат бензините, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Согласно одлуката, новата цена на Еуросупер БС-95 се зголемува за пола денар, а Еуросупер БС-98 за еден денар. Така, […]

Интересно

„Квин“ ќе настапи во живо на доделувањето на Оскарите

Британскиот рок-бенд „Квин“ ќе настапи во живо на доделувањето на Оскарите в недела, објавија вчера организаторите. Биографскиот филм за славниот пејач Фреди Меркјури, „Боемска рапсодија“, има повеќе номинации. Годинава навршуваат 28 години од смртта на […]

Интересно

Пијана жена повикала пожарникари да ѝ ја изгасат „душата која ѝ гори“

Во Уфа, престолнината на руската автономна Република Башкирија, пијана жена се јавила во противпожарната служба и ги повикала пожарникарите за ѝ ја изгаснат „душата која ѝ гори“. Видеото, снимено од пожарникари, се појави и на социјалните […]

Интересно

Портокалови алигатори повторно се појавија во САД

Два портокалови алигатора се забележани на плажата Сајпрус Рич во американската сојузна држава Јужна Каролина. Ова се случува само две години откако друг портокалов алигатор го изненади целиот свет. Необичната боја на животните повторно предизвика […]

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*