Интервју со Висар Рамадани, генерален секретар на Меѓународниот балкански универзитет

Во Меѓународниот Балкански Универзитет ги образуваме лидерите на иднината

Висар Рамадани од 2011 година е генерален секретар на Меѓународниот балкански универзитет, скоро три години бил член на Претседателскиот одбор на Младината на Евро-Атлантскиот совет на Македонија и член на Македонскиот комитет на Европскиот младински парламент. Проследете го интервјуто и работните задачи и искуства на Висар Рамадани.

 Во текот и по завршувањето на правните студии во Скопје сте биле член на претседателскиот одбор на Младината на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија и Македонскиот комитет на Европскиот младински парламент. Што најмногу Ве инспирираше и мотивираше да станете член на овие младински организации?

Лично, јас сум човек што верува во идејата, концептот, но најмногу во евро-атлантските вредности. Уште додека бев студент, иднината на земјата и перспективата на младите ги гледав во обединувањето под една идеја за блиска соработка, за заедништво, за помагање и поддршка. Тоа за мене отсекогаш претставувало и сеуште е така, напредна, прогресивна идеја и визија за современо општество. Понесен од овој, се уште присутен идеал, којшто сега е многу поразвиен, влегов во овие организации со целиот младешки занес, ентузијазам и верба во тоа што го правам. Во моментот кога јас се приклучив на овие невладини организации, идејата зад интеграцискиот процес на нашата земја во НАТО и ЕУ и специфичната област на дејствување, ѝ беа многу потребни на нашата држава. Затоа се посветив на мојата работа во насока на промоција на евро-атлантската идеја, исто така работевме многу на размена на знаења и искуства за евро-атлантските цели и вредности со млади од цела Европа и светот, на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со меѓународните односи, за демократските вредности и процеси, човековите права… Така што, да резимирам, ме мотивираше сопствениот порив за одење напред и за создавање услови за корисни промени за младите како носители на севкупниот развој на нашето општество.

Од 2011 година сте генерален секретар на Меѓународниот балкански универзитет. Кое и какво е вашето искуство и што го издвојува овој универзитет од другите?

Меѓународниот балкански универзитет од самата основачка идеја и иницијатива е создаден врз цврста основа за овозможување квалитетна образовна институција што ќе даде образовани кадри, што веднаш се наметнуваат како вредност на пазарот на трудот. МБУ е создаден врз идејата за поврзување, премостување разлики, прогрес и тоа го прави преку обезбедување на висококвалитетна образовна програма што создава самоуверени, општествено одговорни и глобално конкурентни интелектуалци и професионалци. Имајќи го поврзувањето и зближувањето како свои постулати, МБУ игра клучна улога во градењето и зацврстувањето на мостови на соработка и взаемна поддршка што е уште една наша предност. Така, покрај програмите за размена на студенти како Еразмус+ и Мевлана и договорите за билатерална соработка со истакнати европски универзитети, МБУ има воспоставено партнерство со бизнис секторот. Тоа значи дека приближно 150 договори за соработка на нашите студенти им се на располагање како можност за мобилност, стажирање и просперитетна кариера. Додадено на сето ова, мултинационалниот и мултикултурниот карактер на нашиот универзитет ни дава право со гордост да кажеме дека епитетот „меѓународен универзитет“ најмногу му прилега на МБУ.

 

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за програмите со кои располага универзитетот?

МБУ поседува квалитетна програма составена во 7 факултети кои нудат 18 програми за додипломски и 10 програми за постдипломски студии во најбараните и воедно пазарно најконкурентни обрасти како инженерство, архитектура, психологија, комуникации, право, графички дизајн… Во меѓувреме, во процес на акредитација е и новоформираниот Факултет за медицински науки и здравство, кој ќе отвори нови можности за младите во државата да се професионализираат во висококвалитетни образовни услови и во оваа многу значајна област. За тоа кој е квалитетот на образовниот систем на МБУ најобјективно кажува Шангајската ранг листа која го оцени Меѓународниот балкански универзитет со највисоката оценка меѓу домашните универзитети во областа на наставата и учењето. Го поседуваме најмодерниот универзитетски кампус во државата, направен според највисоките стандарди за образование во 21-от век. МБУ е единствениот универзитет во земјава каде англискиот јазик е и службен и наставен, односно наставната програма се одвива целосно на англиски јазик, но тоа не треба да се смета за пречка кај оние на кои англискиот јазик не е најсилна страна. Програмата на универзитетот нуди интензивна програма во Школата за англиски јазик целосно вклучена во годишната школарина. Во насока на новите цели на МБУ е и акредитацијата на првите докторски студии на МБУ во областа на економијата и компјутерското инженерство, процедура која очекуваме набрзо да заврши успешно.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тимот на професори и научници на Меѓународниот Балкански Универзитет?

Како што целта ни е да го подигнеме образовното ниво погоре, при целосната понуда и слика што ја создаваме за МБУ, покрај квалитетната програма, подеднакво внимание се посветува на селекција на професорскиот односно академскиот кадар. Нашиот академски кадар е составен од еминентни имиња кои се истакнати професионалци во своите научни области. Како професионалци и истакнати личности, тие произлегуваат од оваа заедница, од ова општество, но имаат и меѓународно академско искуство, па така точно и ги знаат условите во кои нашите студенти треба да ја градат својата иднина. Во извесна смисла, тие се креаторите на пазарот и најдобро знаат како функционира и кои компетенции ги бара истиот. Врз основа на тоа тие ги пренесуваат своите знаења на студентите и ги „моделираат“ студентите да се истакнат со нивните вештини, знаења и да станат конкурентни не само на домашниот туку и на глобалниот пазар.

 

МБУ исто така е вклучен и во бројни општествени активности, со какви активности го правите тоа?

Меѓународниот балкански универзитет ја гради својата успешна приказна, во нашата земја веќе 13 години и во текот на овие години, се обидуваме и според реакциите, успеавме да се издвоиме како значаен фактор и креатор на нови модерни образовни политики во државата. Тоа, пред сè го правиме со нашата општествено-одговорна политика преку којашто досега се доделени повеќе од 1000 стипендии на талентирани студенти. Така во истата насока ќе продолжиме и со идните заложби,  обезбедување стипендии за посебно талентирани и амбициозни студенти кои сакаат меѓународно универзитетско образование, тука во нашата земја. Понатаму, многу често во нашиот кампус организираме студентски изложби, настани од отворен карактер, панел дискусии поврзани со теми коишто се подеднакво важни и актуелни и за нашите студенти, во текот на нивниот образовен процес, но исто така и за државните, општествените или социјалните тековни прашања и процеси. Ова е само дел од нашето функционирање, коешто секако не е само на академско ниво, туку се проширува и надвор од својата област на делување, со што Меѓународниот балкански универзитет станува место каде што се создаваат и развиваат прогресивни, напредни идеи и визии.

Која е вашата порака до младите кои во овој период одлучуваат каде да ги започнат универзитетските студии?

Нашиот пристап и повик кон младите кои се талентирани, самоуверени и добро упатени за нивната иднина е искрен и директен. Ако сакаат да студираат во меѓународен амбиент со студии на англиски јазик, во најсовремени услови на универзитетски кампус, со можност за студентска мобилност во преку 150 универзитети од 40-тина земји од светот, со многубројни можности за стажирање во текот на студиите и вработување после дипломирање во најголемите компании во земјата, тогаш адресата е една – Меѓународниот балкански универзитет.  Ние во МБУ велиме дека ги образуваме лидерите на иднината, бидејќи сме цврсто убедени дека таквите ги има многу во ова општествоо. Се што треба да направиме и на нив да им понудиме вистинска прилика да стигнат до нивната цел. Лично верувам дека една добро образувана млада генерација која ќе биде во тек со сите трендови во светот, но најмногу ќе твори за сопствената земја е најубавата перспектива на нашата земја.

Вести

Извршена еутаназија врз златната параолимпијка Верворт

Белгиската параолимпијка, Марик Верворт, го активираше барањето за еутаназија, што значеше крај на нејзините маки, и смрт. Верворт која имаше 40 години, а на Параолимписките игри во Лондон 2012 година освои златен медал во трката […]

Бизнис

„Герешајмер“ го означи почетокот на изградба на новата фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 луѓе

Германската компанија „Герешајмер“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик го означи почетокот на изградба на новата фабрика за медицинска пластика. Ова е прва фабрика на реномираната германска компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше […]

Вести

Одобрени 60 милиони денари за чистење на линданот во ОХИС

Владата на денешната 160-та редовна седница донесе одлука за одобрување на 60 милиони денари од Буџетот за 2019 година за чистење на индустрискиот токсичен отпад (линдан) во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Средствата, како што […]