Интервју на Валентина Тасева за Опсервер: Единствено Семос Едукација нуди светски признаени сертификати


Евидентна е зголемената потреба од стекнување на ИТ вештини. Компанија како Семос Едукација која постои 25 години има доволно информации за прецизно да планира годишен раст. Проектираната стапка на раст за 2020 година беше 25% или преведено во број на слушатели, очекувавме околу 5000. Семос Едукација во Македонија ја заврши 2020 година со над 8000 слушатели, бројка на која сме исклучително горди.– Валентина Тасева, генерален директор на Семос Едукација


 

Бизнис заедницата и ИТ светот во Македонија нема да се тоа што се сега, да не беше Семос Едукација, или Валентина Тасева, генералниот директор зад компанијата која што обучи многу студенти во овие полиња. Во најмала рака, од Семос Едукација имаат произлезено професионалци кои што како слушатели, освен квалитетно знаење, добиле и две дипломи, едната за посета на обука, а втората со положување на испит со што се добива светски признаен сертификат и беџ од Microsoft, Oracle, Cisco, ISTQB, Adobe и многу други. За успехот на Семос Едукација е заслужна госпоѓа Тасева, која што со својата експертиза и секојдневна надградба на своето знаење во брзиот свет на бизнисот, успеа да ја издигне компанијата на светско наставно ниво, со 43 редовно вработени и околу 140 сертифицирани предавачи.

Затоа, во месецот на жената, Опсервер со големо задоволство разговараше со Валентина Тасева, една од најуспешните жени претприемачи во Македонија. Интервјуто изобилува со мудри препораки, клучни чекори, како и многу информации за работата на Семос Едукација. Во продолжение проследете го целосното интервју и откријте го успешниот раст на Семос Едукација во време на пандемија, под одличното менаџирање на нашата соговорничка.

  1. Вие сте една од најуспешните бизнис фигури во Македонија со долги и успешни години во бизнис сферата. Семос Едукација прославува 25 години од постоењето како двигател на новини и стандарди за професионална IT едукација. На што се должи овој успех на Семос Едукација низ годините?

Прво, благодарам за убавите зборови, навистина значат после низа години поминати секојдневно во размислување за бизнисот. Би сакала да го искористам ова интервју да се обратам до бизнис заедницата, посебно до сите стартапи и млади претприемачи кои се на почеток на формирање и градење на своите компании. Нека 25 годишното искуство на Семос Едукација им послужи како поттик и помош за градење на успешен бизнис, вредности и цели.

Успехот се должи на континуиран труд и почитување на компаниските вредности. Ние бизнисот го гледаме како сложувалка која постојано одново и одново ја сложуваме, при тоа секогаш реосмислувајќи го спојот на луѓе, производи и цели. Секогаш се грижиме за квалитетот на обуките што ги нудиме поради што се поврзуваме со врвни партнери, иновативни сме во понудата следејќи ги потребите на пазарот, како географски така и временски, и секогаш даваме дополнителна вредност поради која клиентите нѐ избираат токму нас.

Иновативноста е дел од нашето работење, не само заради нашата индустрија, туку, според нашите правила, во секој годишен бизнис план, иновативноста мора да биде застапена меѓу 10 и 20%. Пример, ние сме единствен партнер во Југоисточна Европа на Amazon Web Services и Microsoft Azure, исто така први започнавме со обуки за вештачка интелигенција и виртуелна реалност. 

Уште една причина за раст и развој на компанијата е тоа што ние ги почитувавме правилата кои ги имаат воспоставено нашите глобални партнери во ИТ индустријата, како Microsoft, Oracle, Cisco, Adobe и други. Како пример, нешто на што сме посебно горди е фактот дека кон крајот на јануари, Microsoft го објави распоредот на Семос Едукација на Microsoft Learn, каде што професионалците од цел свет можат да се запишат на Azure обуки во Семос Едукација и да ги следат онлајн.

За нас слушателот е секогаш на прво место, тимот функционира како еден, креативноста се наградува, а знаењето надоградува, се стремиме кон извонредност, но никогаш не би ги погазиле етичките начела поради кои и слушателите и партнерите нѝ веруваат.

  1. Постои ли критичен момент низ годините со кој сте се соочиле при водењето на Семос Едукација кој Ве предизвика можеби да ги согледате работите од друга страна? Како се соочивте со промените во општеството кои можеби бараа и промени во компанијата?

Да, секако. Секој менаџер, освен што треба да научи како да ја менаџира компанијата во период на криза, мора да научи да го менаџира и растот на компанијата.

Би споменала два клучни моменти. Првиот беше кога сфативме дека нашата индустрија нема физички граници, а пазарот во Македонија не е доволен. Одлучивме дека мора да најдеме начин за да извезуваме „памет“ и знаење. Уште пред десетина години започнавме со обиди да продаваме во странство. Карактеристика за вработените во Семос Едукација е упорноста. Започнавме со мали успеси, за да во 2019, околу 30% од приходот дојде од странство, од земји како Норвешка, Холандија, Белгија, Саудиска Арабија, Естонија, Малта и многу други.

Вториот момент е пандемијата со која се соочуваме, која пак за Семос Едукација значеше целосна забрзана дигитализација на сите процеси, процедури, документи и начин на работење.

Успеавме да се адаптираме на работа од дома, ги дигитализиравме процесите, а она на што сме особено горди е беспрекорната трансформација на наставниот процес.  Обуката е целосно oнлајн со размена на дигитални документи, дигиталните вежби, прирачници, како и комуникацијата на слушателите во нивните групи.

  1. Колку вработени и предавачи брои моментално Семос Едукација и кои курсеви можат да се посетуваат? Колкаво е задоволството да се менаџира цел тој систем на предавачи и курсеви на кои поминале голема бројка на лица, кои што се сега и професионалци на тие полиња?

Нашиот тим во моментот брои 43 редовно вработени и околу 140 сертифицирани предавачи. Нашите планови вклучуваат уште 5 вработувања до крајот на годината, а се надеваме дека бројот на предавачи ќе се зголемува и понатаму. Предвидената бројка за 2021 изнесува 160.

Нудиме над 300 курсеви, 14 Академии, а низ обука или сертификација во изминатите 25 години, поминале околу 100.000 слушатели.

  1. Со брзината со која доаѓаат промените и големиот замав од потребата на професионалци во IT индустријата, многу често за овие професии не е потребна традиционална кацеларија во фирма, туку IT професионалците многу често работат од дома, или како што се нарекуваат remote jobs. Која е предноста на овој вид на работа? Кое е Вашето искуство со оглед на тоа дека се соочивме со година со социјална дистанца и карантин поради корона вирусот?

Дури и пред ситуацијата со пандемијата, ние ја имавме воведено можноста да се работи од дома, иако, не во толкав обем како сега кога голем дел од нас работат до дома, но работењето од дома се одвива еднакво како и работењето од канцеларија. Секој вработен е задолжен со лаптоп и соодветни апликации кои го олеснуваат функционирањето на тимот во виртуелна канцеларија. Viber групата пак ни е замена за канцелариското дружење, честитање родендени и размена на шеги за релаксација.

Работењето од дома има свои предности, но и недостатоци. Тргнувам од себе, ако до пред една година можев да имам најмногу 4 состаноци дневно затоа што ми требаше време да стигнам од една локација на друга, сега со онлајн состаноците сум поефикасна и може да ми се случи да имам и 7 состаноци во текот на еден работен ден. Компаниите на овој начин штедат на ресурси,  но истовремено, овој начин на работа од дома, носи и свои негативности. Пример, не секогаш е лесно да се направи баланс меѓу домашните и службените обврски, тешко се прави граница кога завршува работниот ден, или пак брзината на интернет врската не секогаш е доволна за сите членови дома. Затоа се неопходни јасни процедури и јасно дефинирани очекувани резултати од работењето од дома.

 

  1. Како се одрази корона кризата на Семос Едукација и кој вид на кризни менаџерски чекори ги преземавте со цел да се соочите со новонастанатата ситуација? На кој дел од менаџирањето на една компанија треба да внимава менаџерскиот тим во таква ситуација?

Тимот на Семос Едукација е агилен и научени сме на брзи промени, брзи реакции и брзо прилагодување. Организирано одговоривме на потребата од итна и забрзана дигитална трансформација. Колегите од ИТ одделот, од петок до понеделник, целата компанија ја префрлија, и од хардверски и софтверски аспект, во онлајн работење. Ние немавме ни еден ден застој. Колегите од Одделот за човечки капитал, ги обезбедија сите обуки кои ни беа потребни за секој вработен и предавач лесно да се прилагоди на  новото дигитално секојдневие.

Морам особено да ја споделам улогата на колегите од Одделот за бизнис/дата анализа, кои секојдневно сервираат податоци, графикони, анализи, извештаи, кои помагаат во носење на одлуки базирани на податоци од продажба и маркетинг. Воспоставувањето на Одделот за дата анализа беше нашата најголема иновација во минатата година.

  1. За жал, цел свет се соочи со затворање на фирми и губење на работни места во 2020 година. Сите некако како да се насочија кон едукација и барање на алтернативен начин на заработка. Дали се зголеми бројот на лица кои сакаа да го надградат своето знаење во Семос Едукација?

Да, евидентна е зголемената потреба од стекнување ИТ вештини. Компанија како Семос Едукација која постои 25 години има доволно информации за прецизно да планира годишен раст. Проектираната стапка на раст за 2020 година беше 25% или преведено во број на слушатели, очекувавме околу 5000. Семос Едукација во Македонија ја заврши 2020 година со над 8000 слушатели, бројка на која сме исклучително горди.

  1. По завршувањето на курсот каков вид на сертификати добиваат новите професионалци? Што е тоа што го издвојува Семос од останатите едукативни центри?

Едукацијата е првиот чекор кон светска ИТ кариера. Во Семос Едукација и Цертиадриа  сите овие години нудиме знаење но и систем на сертификација, со кој се потврдува знаењето на секој еден кој успеал да положи светски признаен испит, креиран од компанијата вендор чиј тренинг го спроведуваме. Кај нас се стекнуваат светски признаени сертификати за тренинзи на Microsoft, Oracle, Cisco, ISTQB, Adobe итн. кои  овозможуваат не само подобра кариера на слушателите, туку и подобра поставеност на глобално ниво на компаниите каде што тие луѓе работат.

Во време кога пандемијата на некој начин помогна во глобализација на пазарот на труд можете да работите од  која било географска локација, за компании кои не се дури ни на вашиот континент, но ги препознаваат квалитетите што ги гарантира вашиот светски признаен сертификат.

Многу често се случува да го слушнеме коментарот дека сертификатот не е неопходен за да најдете вработување.  Во ИТ индустријата, во светски рамки, постои сериозен стандард – систем на сертификација на знаењата и на препознаеност и признаеност на сертификатите.

Во Семос Едукација слушателите освен квалитетно знаење добиваат  две дипломи, една е онаа за посета на обука, а втората се добива со положување на испит со што се добива светски признаен сертификат и беџ од Microsoft, Oracle, Cisco, ISTQB, Adobe и многу други. Тоа е она што не’ издвојува и не’ прави лидери кои забрзано го шират своето глобално присуство.

  1. Во која насока ќе се движи Семос Едукација оваа 2021 година? Дали имате нови планови или новитети кои што планирате да ги воведете во едукацијата?

Во 2021 година Семос Едукација има три цели.

Првата цел и интерно реструктирурање, кое ќе ни овозможи понатамошен раст.

Втората цел на Семос Едукација во 2021 е понатамошното интернационално ширење, се поамбициозно ги освојуваме светските пазари.

Третата цел е нашата понатамошна дигитална трансформација, процес во кој сме длабоко навлезени, користејќи ги новите Microsoft Dynamics 365 технологии, што истовремено значи и развој на наша, компаниска, интерна експертиза во оваа област.

  1. Постојат многу личности на кои што им е потребен ветер во грб, мала мотивација или пак некоја личност која што ќе можат да ја следат во своите подвизи. Која порака би ја упатиле до нив за да ги мотивирате да успеат во она што го замислиле?

Прво, на сите млади луѓе би им дала совет дека треба да учат постојано, да ги поставуваат своите стандарди сѐ повисоко, да не се плашат од неуспех, неуспехот е дел од животот, еднакво како и успехот, да се обидуваат континуирано и да се позитивни континуирано. Позитивната енергија е неопходна.

Доколку пак тие личности се веќе во свој бизнис, би ги советувала да научат да ги препознаваат фазите на животен циклус на сопствената компанија и да размислуваат за сопствената стратегија која ќе опфати мисија, визија и компаниски вредности.

Еден од главните совети кои ги давам на моите помлади колеги е – РАЗМИСЛУВАЈ!

Размислувај со што си се соочил во тек на денот, како тоа ти влијаело и пред сѐ – што си научил. Размислувај! На кратки и на долги патеки.