Интервју на Петар од Brainster за Опсервер (Втор дел): Brainster во 2021 ги освојува новите интернационални пазари во Љубљана и Загреб


Има денови кога навистина е динамично и кога сите се чуствуваме изморено, но речиси секогаш во тие моменти пристигнува некоја убава вест – за нов студент кој нашол работа во одлична компанија, за студенти кои отвориле компанија и го потпишале првиот клиент, за инструктор кој остварил некој голем успех со својата компанија. И тогаш целата позитивна енергија доаѓа кај нас, тогаш се погледнуваме меѓу себе со оној препознатлив задоволен поглед кој вели – еве за ова работиме –  Петар Ниновски



Во првиот дел од интервјуто со успешниот Петар Ниновски од Brainster разговаравме за можностите на пазарот, за промена на кариера и предностите на компаниите од соработката со студентите од нивните академии и курсеви. Создавајќи ги вистинските кадри за вистинските работни места кои што ги бара пазарот, Brainster ја менува невработеноста со тоа што поттикнува на изучување на нови курсеви и академии кои што ќе му пружат на студентот нови видици и нови работни места кои што ги бара пазарот. За сето она што го прави Петар и Brainster, прочитајте во текстот од деталното интервју кое што ги опишува успесите на еден македонски стартап кој што се развива и на интернационално ниво. На нас од Опсервер ни останува да им посакаме голем успех во работата и многу вработени и успешни студенти од нивните академии и курсеви.

  • Brainster е стартап од 2015 година, една успешна приказна од која се излеваат илјадници други успешни приказни. Што е потребно за еден стартап да почне да се развива во посакуваната насока? На што да внимаваат младите претприемачи и во кои полиња може да се крие опасност од погрешен чекор?

Најважното нешто е да започнат. Најдоброто време за започнување секогаш е сега. Актуелната криза со пандемијата дури треба да се гледа како предност. Прво, затоа што најголемите глобални компании се изградени токму во вакви кризи – од последната глобална економска криза тоа се AirBnB, Uber и ред други. Второ затоа што веднаш ќе започнат со работа во „новото ново“, односно нема да мораат да се прилагодуваат како веќе постоечките компании.

Не треба да очекувате совршени услови, затоа што никогаш нема да ги има. Едноставно започнете и работете континуирано на подобрување на вашиот продукт. Валидирајте го вашиот продукт на наједноставен начин, обидете се да дојдете до првите 5 клиенти и градете од тука. Откако ќе си докажете дека за продуктот има публика, започнува процес на континуирано подобрување. Токму тоа континуирано подобрување е главниот предуслов вашиот стартап да се развива во вистинската насока.

Во целиот тој процес важно е да внимавате на тимот, односно да ги имате вистинските луѓе на вистинско место. Доколку создадете тим кој ќе ја прифати културата на континуирано подобрување, ќе бидете подготвени да одговорите соодветно на секој предизвик.

  • Со курсевите и академиите на Brainster, студентите добиваат образование кое што можат да го искористат за работа од дома. Која е предноста на тие професии и работата од дома?

Главната предност во ваквиот тип на професии е флексибилноста да се работи во време и на место кои најмногу ви одговараат, па дури и кај они поискусните – сами да си ги бирате обемот и природата на проектите кои ќе ги прифаќате. Сепак, важно е за младите луѓе да знаат дека патот до овие можности подразбира многу учење, многу работа, стекнување искуство. Приказната за овој тип на слобода секогаш звучи поубаво отколку приказната за стигнувањето до тоаа слобода. Сепак, да се биде дел од глобалниот дигитален екосистем како еден вид дигитален номад е нешто што е главниот предизвик на голем број луѓе кои започнуаваат да учат програмирање или некоја од другите дигитални вештини.

  • Има ли подобрување во македонскиот стартап систем последниве неколку години, со оглед на тоа што и Македонија како држава започна со работа на тоа поле во последните неколку години?

Апсолутно да. Соработката на Brainster со голем број стартап компании, со стотици врвни домашни  професионалци кои се инструктори или соработници на Brainster, ни ја дава привилегијата од прва рака да ги следиме највозбудливите работи кои се случуваат во македонската стартап заедница. И верувајте, се случуваат навистина големи работи, се работат навистина проекти на едно многу понапредно ниво од пред некоја година. Но, она што сите кои сме подолго време во овој свет го очекуваме е подемот на продуктно ориентираните компании. Тоа е следното природно ниво на кое треба да се развие екосистемот. Сепак за тоа е потребна соодветна инфраструктура, која подразбира и многу нови кадри, едуцирани во насока на продуктната култура. На ова ние како компанија започнуваме да работиме мошне скоро и веруваме дека ќе бидеме еден од главните катализатори на тој процес, преку едукацијата на нови млади таленти за постигнување на тоа следно ниво.

  • Brainster се шири и надвор од границите на Македонија, односно веќе работи во Австрија, каде се активни 2 Академии во Виена – за Data Science и UX/UI. Која е разликата помеѓу австриските и македонските стартап системи? Веруваме, интернационалното ширење на Brainster ќе продолжи и во соработка со други земји, каков е планот на тоа поле за 2021 година?

Имавме мошне успешен старт со нашиот прв настап на интернационален пазар, за кој прилично храбро ја избравме Австрија, поточно Виена, но од денешен аспект тој избор се покажа како одлична проценка. Во Виена веќе се во тек 2 групи со по 20 студенти на нашите први Академии за Data Science и UX/UI дизајн, а од следниот месец започнуваат уште по 2. По однос на спецификите на пазарот, се разбира дека постојат, но токму нашата кулутра на постојано подобрување, преку тестирање, следење и оптимизирање на активностите даде одлични резуллтати. Тоа ни потврди дека интернационализацијата не е толку комплексен процес и дека домашните компании не треба да се плашат од него се додека ги краси култура на прилагодување и постојано подобрување. Токму овој успех на Австрискиот пазар ни даде потврда дека се движиме во добар правец, па така продолжуваме со освојување на нови интернационални пазари – во 2021 година тоа се Љубљана и Загреб, а многу скоро во план се уште 2 други градови, од кој едниот е на друг континент.

  • Водењето на Brainster е сигурно предизвик, но секако големо задоволство за тебе. Што ти даде сила и мотивација во тешките денови и со која порака ќе ги охрабриме читателите на Опсервер да се посветат кон успехот, дури и да не изгледа истиот блиску?

Да се води една компанија која веќе 5-та година по ред забележува константен и динамичен раст од над 100% во приходи, и уште поголем во поглед на човечки ресурси и инфраструктура е навистина захтевно. Но, резултатите се тие кои ти даваат енергија и мотивација да продолжиш понатаму со исто темпо. И кога зборувам за резултати тука не мислам на растот на компанијата, колку на растот на луѓето со кои работам, растот на нашите студенти во кариерна смисла, растот на инструкторите и соработниците кои постигнуваат успеси во своите области на делување. Со еден збор растот на целокупната заедница во чиј центар е Brainster. Токму тоа е она што ме полни со енергија и го прави моето работење вистинско задоволство. Има денови кога навистина е динамично и кога сите се чуствуваме изморено, но речиси секогаш во тие моменти пристигнува некоја убава вест – за нов студент кој нашол работа во одлична компанија, за студенти кои отвориле компанија и го потпишале првиот клиент, за инструктор кој остварил некој голем успех со својата компанија. И тогаш целата позитивна енергија доаѓа кај нас, тогаш се погледнуваме меѓу себе со оној препознатлив задоволен поглед кој вели – еве за ова работиме. Така што пораката би била – пронајдете ја својата мисија и работете на неа, напораната работа не ви бега ако сакате успех, но пронајдете ја својата мисија, својот повик, енергијата која ќе ви се враќа со работата ќе ви помогне да дадете многу повеќе од себе и многу повеќе да добиете назад.