Интервју на Петар од Brainster за Опсервер (Прв дел): Ние ги пополнуваме јазот помеѓу побарувачката и понудата на квалификуван и добро платен кадар


Brainster во суштина ги пополнува дупките помеѓу побарувачката и понудата на квалификуван и добро платен кадар. Ако зборуваме за областите, пред сѐ станува збор за дигитални области како програмирање, дигитален маркетинг, графички дизајн, софтверско тестирање, data science, UX/UI дизајн – Петар Ниновски



 

Во оваа кризна здравствена состојба на пандемија од вирусот КОВИД-19 што предизвика и голема економска криза, Опсервер ја имаше честа да разговара со Петар Ниновски, младиот претприемач кој што стои зад успешниот стартап Brainster. Кога луѓето во светот губат работни места поради промената на пазарот врз притисокот од страна на пандемијата, Brainster ги создава кадрите кои што ги бара пазарот. Никогаш не е доцна за промена на кариера, никогаш не е доцна за надградба на своето знаење. Тоа Brainster многу добро го организира и успешно ги пренасочува своите студенти кон новите професии кои што ги носи модерното општество и модерниот IT пазар. Интервјуто со Петар го поделивме во два дела, првиот дел е делот каде што се насочуваме на пазарот, невработеноста, предизвиците за водењето на Brainster, како и  компаниите кои што имаат шанса бесплатно да се развијат и да пораснат преку програмите и студентите на Brainster. Во вториот дел, кој ќе го објавиме наскоро, се насочуваме на академиите и курсевите што ги нуди Brainster и нивното проширување надвор од границите на Македонија.
Ова интервју е мотивација и поттик за сите оние кои што се во процес на менување на работно место, професија или бараат мотивација за да бидат уште поуспешни во своето поле на работа. Во продолжение прочитајте го првиот дел од интервјуто на Опсервер со Петар Ниновски.

  • Во Македонија, според последното соопштение на Државниот завод за статистика има вкупно 155 575 невработени лица. Што нуди Brainster како шанса за нив? Тоа се луѓе со различно образование и старосни граници, што може Brainster да помогне за млад и невработен високо образован човек, а што за некое невработено лице кое што нема високо образование? Какви се шансите за подобрување на нивното место во општеството со оглед на тоа дека тоа и не е баш најсреќната категорија на граѓани во земјава?

Дел од проблемот со невработеноста, посебно со младинската невработеност лежи во брзата промена на пазарот на труд. Имено, брзиот развој на технологијата, новите бизниси и дигитализацијата ја зголемуваат побарувачката на специфични профили на вработени за кои нема понуда на пазарот. Целата ситуација дополнително ја отежнува фактот што младите луѓе не секогаш посветуваат доволно време при изборот на кариера, но и генерално не им се достапни релевантни информации кои ќе им помогнат во тој избор. Добар дел од професиите што некогаш биле актуелни, добро платени и нуделе можност за добар кариерен развој, веќе стануваат редундантни како резултат на дигитализацијата и автоматизацијата. Така, многу често младите луѓе се соочуваат со недостаток од побарувачка во струката во која се образувале или пак и да успеат да започнат кариера во областа, многу често се соочуваат со средина која не нуди можности за кариерен напредок.

Она што Brainster го прави е еден вид на мапирање на областите во кои има драстично зголемена побарувачка за кадар и во кои шансите за вработување на еден млад човек се многу поголеми, но што е уште поважно – можностите и условите се многу подобри. Потоа, креираме курсеви на кои предаваат врвни професионалци и практичари и со тоа овозможуваме нашите студенти да се образуваат во овие области. Ние во суштина ги пополнуваме дупките помеѓу побарувачката и понудата на квалификуван и добро платен кадар. Ако зборуваме за областите, пред сѐ станува збор за дигитални области како програмирање, дигитален маркетинг, графички дизајн, софтверско тестирање, data science, UX/UI дизајн. Младите луѓе доаѓаат кај нас со цел на најефикасен начин да успеат да дојдат во позиција да ја променат кариерата или да започнат нова. Тоа подразбира мошне динамично и посветено учење на практични вештини преку работа на реални проекти, по 20-тина часа неделно, за времетраење од 6 до 12 месеци, зависно од областа што ќе ја изберат. Уште во текот на самото студирање нашиот тим ги поврзува со партнерски компании (тн. Learning Partners) на чии реални проекти работат, градејќи портфолио од проекти и стекнувајќи искуство со што си ги зголемуваат шансите за вработување. По завршувањето имаат комплетна кариерна поддршка, повторно поврзување со компании кои се наши партнерски компании за вработување на Brainster (Hiring Partners). За овој модел на кариерна поддршка наречен Learning & hiring Partnership, бевме избрани за најиновативно едукативно решение од Македонија на глобалните WSA награди под покровителство на Обединетите нации. Резултатот од овие процеси кои ги поставивме е фантастичен и можеме да се пофалиме со над 70% успешност при вработувањето на студентите кои успешно завршиле некоја од нашите академии.

Но, важно е да се напомене е дека ова што до сега го правевме е еден вид „лечење на симптомите“. Ако земеме дека просечната возраст на лицата кои доаѓаат кај нас за преквалификација е 27 години, јасно е дека поголемиот предизвик е како да се „спаси“ тоа потрошено време меѓу првичниот избор на кариера и моментот кога младиот човек сфаќа дека за него е подобро или поперспективно да започне со нешто друго. Замислете колкав ефект ќе има тоа на квалитетот на живот на младите луѓе, но и на економијата генерално. Токму затоа, си земавме за мисија да работиме на решавање на овој проблем, иако е е ден од најпредизвикувачките. Развивме серија на бесплатни алатки, кои треба да ги мотивираат младите луѓе да посветат многу повеќе време во изборот на кариера и образование, темелно да ги информираат за иднината на различните професии и области и да им овозможат да добијат директен и практичен увид како изгледа работењето во професијата што би ја избрале. Првата од серијата алатки ј алансиравме пред нова година и среќни сме што имаше огромен одзив – ја искористија над 7000 млади лица. Станува збор за кариерен квиз кој им помага на младите да го откријат типот на личност и најсоодвениот тип на кариери и работни средини кои би им одговарале согласно истиот. Квизот може да се погледне и реши на следниов линк – https://careers.brainster.co/quiz. Следната алатка ќе биде поврзана со иднината на работните места и професиите и преку неа младите лица ќе можат да видат какви се предвидувањата за побарувчката на кадри во индустријата во која би сакале да работата во иднина, поточно во периодот кога би завршиле со образованието. Конечно, подготвуваме и една дигитална платформа преку која од прва рака младите лица ќе можат да пробаат како е да се работи во дигиталните индустрии и со кои предизвици, задачи и проекти би се среќавале. Сите овие алатки комбинирани заедно веруваме дека ќе им помогнат на младите лица да направат многу подобар кариерен избор и директно ќе влијаат на намалување на младинската невработеност.

 

  • Со оглед на тоа дека Brainster едуцира мозоци и ги подготвува за да имаат свежи идеи за прогресија на пазарот, што е тоа што пазарот го бара од нив?

Како директна побарувачка, на прво место се практичните дигитални вештини односно познавање на најновите технологии, програмски јазици, дигитални алатки и платформи и процесите на работа во дигиталните индустрии. Меѓутоа, еднакво важни се и вештината за прилагодување бидејќи промените во овие индустрии се многу динамични, а во тој контекст и подготвеноста за континуирано учење и надоградба. Тука се и меките вештини како добри комуникациски вештини, способност за работа во тим и воља за пренесување на наученото.

 

  • Која група на граѓани се најчесто студенти на академиите и курсевите во Brainster?

Тоа се луѓе на возраст најчесто помеѓу 21 и 35 години, иако се почесто имаме и помлади, но и повозрасни лица. Еднакво се застапени двата пола, а на некои академии доминираат жените што значи дека оној родов јаз веќе се надминува, барем во делот на образование, а според нашите статистики и во делот на вработување. Со префрлањето на наставата онлајн во сѐ поголем број ни доаѓаат луѓе од градовите од буквално цела Македонија, но и нашинци кои во моментов работат во странство, па можноста да научат нова вештина на мајчин јазик им е одлична предност. По однос на образовната и кариерна позадина, има буквално од сите професии и поднебја. Најбројни се економистите и правниците, што е очекувано со оглед на нивната огрона застапеност во образовниот процес во минатото, што се покажа дека не кореспондира со реалната побарувачка на пазарот на труд. Понатаму тука се во голем број филолозите, психолозите, луѓето со завршени општествени и хуманистички науки кои по правило одлично се снаоѓаат во делот на дигиталниот маркетинг. Но и професии како стоматолози, архитекти, па дури и професионални спортисти. Заедничка на сите нив им е одлучноста и упорноста и за нас тие се вистински херои бидејќи решиле да преземат активни чекори за подобрување на ситуацијата во која што се. Затоа посветуваме многу, на секој чекор од тој пат, да им помогнеме да ја реализираат таа нивна одлучност и храброст во кариера каква што посакуваат и заслужуваат.

 

  • Како се гради една успешна приказна по Brainster? Кои се неколкуте успешни компании и поранешни успешни студенти на Brainster чиј пример може да го следиме за успех или трансформација на професионалните интереси и насоки?

Иако се многумина со кои заедно изградивме навистина успешни приказни, сите си ги знаеме поединечно и со сите сме во постојан контакт. Алумни заедницата на Brainster мошне цврсто се држи меѓу себе и тоа е доказ дека успеавме да создадеме заедница, не само индивидуални успешни приказни. Тоа е голема придобивка за целиот дигитален екосистем бидејќи Brainster заедницата е градена на меѓусебна соработка, помош, отвореност за споделување знаење и веруваме дека тоа веќе се гледа во напредокот на индустриите, напредните проекти кои сѐ повеќе се работат, нивото и обемот на знаење кое се споделува меѓу луѓето во овие индустрии.

Нашите студенти денес работат во некои од најголемите брендови и во компаниите лидери во своите области, во земјава и во странство. Би ги издвоиле студентите од Академијата за Data Science кои се вработија во компанијата iERP од Словачка која нуди услуги од областа на машинско учење и вештачка интелигенција за некои од најголемите светски брендови како Кока Кола и Дизни. Речиси и да нема домашна софтверска компанија во која нема наш студент од академијата за програмирање, истото се однесува и на маркетинг агенциите каде во голем број се вработија нашите дигитални маркетери и графички дизајнери. Маркетерите се дел од маркетинг секторите и во некои од најголемите компании како Нептун, Спорт М, Студио Модерна. Од првата генерација на софтвер тестери кои туку што завршија, веќе имаме над 10 вработени студенти.

Сите овие приказни можат да се најдат на нашиот блог и ги повикувам сите млади луѓе кои размислуваат за промена на кариера да ги прочитаат и да ги откријат главните фактори и двигатели на успехот на овие наши студенти. Тоа верувам многу ќе им помогне да си го мапираат патот до успехот.

 

  • Одлична шанса и за компаниите е опцијата да станат Learning partner во Brainster. Што значи оваа програма за една компанија и која е потребата на компанијата од неа?

Над 100 компании до сега беа дел од оваа програма. Таа им нуди можност на компаниите да ги ангажираат студентите од академиите на Brainster на нивните проекти, кампањи, тековни активности. За компаниите ова е сосема бесплатно и тие добиваат свежи идеи, готови предлози, иновативни решенија. Истовремено тие прават една мошне благородна работа – им помагаат на студентите да стекнат обемно практично искуство кое знаеме дека најчесто е главниот предуслов за успешно конкурирање за работното место. Студентите на секој од модулите работат на реален проект за одредена компанија, а исто така и завршните проекти кои се предуслов за успешно завршување на секоја Академија се базираат на изработка на комплексен целосен проект за еден бренд или компанија.

Задолжително гледаме дел од овие проекти да бидат поврзани со општествено одговорни каузи. За еден од овие проекти – апликацијата Комуницира.ме наменета за помош при комуникација со лица со попреченост во слухот и говорот, работена во соработка со државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, Brainster ја доби националната награда за општествено одговорна компанија. Исто така нашите студенти помагаа во дигитализација на уличното списание Лице в лице, работеа на проекти за Разговор.мк, платформа за анонимно психолошко советување, на капањи за голем број хуманитарни организации.

Во рамки на оваа програма работевме и на мошне комплексни проекти, посебно во делот на data science, каде нашите студенти изработија computer vision модел за препознавање на лица што носат и неносат маски во реално време, предикциони модели за телемаркетинг за банки, четбот базиран на NLP технологија кој сам учи.

Меѓу компаниите кои беа и се дел од оваа програма се Македонија 2025, МКЦ, GIZ, Dominos, Електрометал, Wizz Air Marathon, Inbox, но и странски компании како Banerboo, Looksize, Itzinia и други. Ги повикувам сите заинтересирани компании да ни се приклучат, бидејќи ќе добијат многу, воедно помагајќи им на младите лица да стекнат вредни практични искуства.

Продолжува …