Интервју на Марија Манева за Опсервер: Market Design Academy и Windmill Shop се растечки брендови на пазарот


Market Design Academy е специјализирана во областа на дигиталниот маркетинг и визуелниот (графички и видео) дизајн. Наш основен приоритет е да ги следиме трендовите во областа на дигиталниот маркетинг и да развиваме единствени маркетинг стратегии и алатки кои ќе им помогнат на компаниите да постигнат максимална онлајн продуктивност и да ја зголемат финансиската ефикасност во работењето – Марија Манева


 

Жената во бизнисот треба да е иновативна, претприемчива, мотивирана и доста упорна за да успее помеѓу конкуренцијата на пазарот. Марија Манева е токму таква бизнис жена, која што има дополнителна вредност на својот карактер, а тоа е дека не ја симнува насмевката од своето лице додека движи низ светот на претприемништвото. Таа сама поставува темели на два бизниси, кои што паралелно се развиваат доста успешно, Windmill Shop и Market Design Academy, двата креативни во своите области. Windmill Shop во полето на изработка на накит од полимерна глина и епоксидна смола, а Market Design Academy нуди онлајн обуки во областа на дигиталниот маркетинг и визуелниот (графички и видео) дизајн. Автор е на повеќе повеќе дигитални прирачници и е-книги, исклучително мудра, интуитивно успешна. Во продолжение прочитајте го интервјуто што ние од Опсервер со задоволство го направивме со Марија.

Марија, Вие имате многу интересно и несекојдневно патешествие до светот на претприемништвото. Како започна се’? Од каде почна да се развива идејата за претприемништво?

Да, навистина се работи за едно несекојдневно патешествие, особено ако се земе предвид дека никој од моето потесно семејство нема претприемачко искуство, па така сите одлуки кои ги носев се базираа на моето интуитивно чувство и силниот внатрешен порив да се излезе од однапред утврдените рамки и матрици како би требало да значат „сигурен“ живот. Тоа го сметам и за моја среќна околност, затоа што во целиот предизвик влегов без предрасуди, но со силна желба да изградам простор во кој ќе можам без ограничувања да го дадам својот максимум и слободно да ги реализирам моите идеи.

„На светот му треба нешто што го имаш само ти“ е Ваша порака од Вашиот бренд Windmill Shop кон потрошувачите. Што значи Windmill Shop за Вас и зошто е важно секој бренд да има своја порака кон светот?

Windmill Shop всушност беше мој мал експеримент, пилот проект низ кој сакав да научам како може да се креира сопствен производ кој понатаму ќе се маркетира и продава преку онлајн платформи. Во тој период, пред речиси 10 години, работев во маркетинг сектор и имавме задача да работиме на онлајн позиционирањето на компанијата. Сите дигитални маркетинг стратегии кои во тој период ги планиравме, сакав да ги тестирам и на производи, но тоа да бидат мои производи бидејќи така најлесно ќе можам да ги менаџирам сите процеси и ќе можам да стекнам целосно искуство.  Од денешна перспектива Windmill Shop беше моето најважно бизнис училиште, преку овој бренд ги научив сите најрелевантни аспекти на претприемачкото работење, од креирање на бизнис план, цени на производи/услуги, до продажба, комуникација со клиенти и соработници. Почнав со дизајниран накит изработен од полимерна глина и епоксидна смола, денес преку  Windmill Shop се организираат различни обуки кои опфаќаат целосна поддршка на бизниси во основање. На светот му треба нешто што го имаш само ти, рашири ги крилјата и летај високо, тоа  е моето мото, затоа што силно верувам дека секој во себе носи специфична единственост која треба да се трансформира во највисока вредност и да се понуди на општеството. Луѓето имаат потреба од автентичност, таа секогаш е најпривлечна, твое е само да ја понудиш, секогаш ќе има некој кој е подговен да ја купи.

Вие сте и основач и сопственик на компанијата за дигитален маркетинг и визуелен дизајн Market Design Academy. Кои се главните работни приоритети на Market Design Academy?

Market Design Academy е специјализирана во областа на дигиталниот маркетинг и визуелниот (графички и видео) дизајн. Наш основен приоритет е да ги следиме трендовите во областа на дигиталниот маркетинг и да развиваме единствени маркетинг стратегии и алатки кои ќе им помогнат на компаниите да постигнат максимална онлајн продуктивност и да ја зголемат финансиската ефикасност во работењето. Во последната година драстично се зголеми потребата од едукација во оваа област и затоа развивме обуки и коучинг програми кои се оптимизиран систем од теоретски и практични знаења  од областа на дигиталниот маркетинг.

Колку видови на онлајн обуки спроведувате? Која е најпосетената обука и што по нивното завршување?

Во моментот реализираме пет онлајн обуки кои нудат различни сетови на знаења и вештини. Дел од обуките се наменети за лица кои имаат свое хоби и сакаат да го трансформираат во бизнис, односно за старт ап бизниси, дел се однесуваат на дигитален маркетинг и маркетинг на социјални мрежи. Најпосетената обука е Онлајн обуката за дигитален маркетинг, затоа што се работи за интензивна четиринеделна едукативна програма креирана како резултат на долгогодишното искуство и пракса на предавачите. По завршувањето обуката учесниците добиваат целосно теоретско и практично знаење кое им овозможува автоматизација на сите дигитални маркетинг активности, но и резултати кои носат поголема видливост и многу поголем успех во професионално работење. Учесниците добиваат Сертификат кој ги потврдува стекнатите знаења и вештини и ги става во групата на ретки професионалци без разлика дали применетите знаења ќе ги користат за потребите на својот бизнис или ќе ја градат својата професионалната кариера како дигитални маркетери.

Повеќе од 18 години активно истражувате и работите во полињата на медиумската продукција, дигиталниот маркетинг и визуелниот дизајн. Кои трендови се сега најактуелни? Што активности се потребни на социјалните медиуми за еден добар дигитален маркетинг?

Сосема сте во право, трендовите постојано се менуваат, каналите за комуникација се сосема различни од пред 18 години. Ако порано основните комуникациски пораки ги праќавме преку ТВ, радио и билборди, сега спектарот е многу поширок. Само во рамки на онлајн комуникацијата има преку 10 канали на комуникација кои се во тренд и кои интензивно се користат. Но она што никогаш не се менува и постојано е во тренд е содржината на пораките кои ги праќаме. Содржината која ја делиме со нашата публика треба да има вредност, треба во целост да одговара на потребите, желбите, ставовите, вредностите на публиката. Ако треба да дадам еден совет – како да бидеш успешен во дигиталниот маркетинг? Мојот совет би бил – дели вредности со публиката.  Затоа главен фокус и во рамки на нашите обуки е тој т.н „content marketing“, кој те учи како да креираш атрактивни содржини кои ќе го „купат“ вниманието на клиентот во првите 2 секунди и потоа ќе го задржат многу подолго на твојата дигитална мрежа. Во првите две секунди што можат да значат клик на сајт, наслов на мејл, скрол на Инстаграм и сл. публиката одлучува дали ќе остане тука уште неколку минути или ќе премине на следен сајт, објава, мејл и сл. Важно е да научиш како да брилираш во тие две секунди.

 Вие сте сертифициран тренер за претприемништво и развој на бизнис вештини, дигитален маркетинг и коучинг на мали бизниси и имате одржано повеќе од 50 обуки и работилници во земјава и регионот. Во кој дел од тие сфери најчесто е потребна обука? Што недостига во македонскиот претприемачки свет?

Според мене, клучно е градењето на личните капацитети. Развојот на бизнисот значи најпрво инвестиција во себе и тоа треба да биде првата капитална инвестиција. Инвестиција во градењето на сопствената експертиза која понатаму ќе биде поддршка за решавање на сите предизвици и менаџирање на сите процеси. Многу е важен тој визионерски пристап и моќта за брза трансформација и флесксибилност која секој претприемач треба да ја покаже, особено во кризни ситуации кога се јавува потреба од промена на бизнис модели, управување со човечки ресурси, адаптација на пазарни промени и сл. Во такви ситуации пресуден е личниот интегритет, останатото се технички и оперативни прашања кои можат да се делигираат и на други лица.

Според Вашите препораки, кои се начините за развој на бренд и негова препознатливост? Што најчесто ги попречува бизнисите да изградат свој бренд?

Препознатливоста ќе ја изградиме во моментот кога ќе најдеме начин како купувачот да нѐ препознае, а ќе нѐ препознае тогаш кога ќе види дека имаме решение за неговиот проблем, дека можеме да одговориме на неговата потреба и желба. Затоа е важно, особено во првата фаза, кога брендот се позиционира и ја гради својата препознатливост да биде фокусиран исклучиво на публиката. Зошто е тој бренд тука, што ќе му понуди на клиентот, кој негов проблем ќе го решава, по што се разликува од конкуренцијата, која специфична вредност ја има и сл. Само треба да се премести фокусот, од брендот на клиентот. Првин треба да ја убедиме публиката дека имаме вредност за нив, а потоа да ја претставиме нашата компетентност за реализација на таа вредност. Со други зборови, не му кажувајте на клиентот дека вашиот соковник има 1200 волти, кажете му дека ќе може да го направи неговото омилено смуди за 10 секунди.

На Вашата инспиративна веб страница www.marijamaneva.com, имате поставено бесплатни прирачници за дигитален маркетинг кои што посетителите на страницата можат да си ги преземат. Колкава е заинтересираноста за нив, колку се преземени досега? Што после преземање на прирачникот? Дали после преземањето, клиентите Ви се обраќаат за надоградување на своето знаење?

Автор сум на повеќе дигитални прирачници и е-книги, дел од нив се користат како едукативни материјали во рамки на онлајн обуките кои ги организираме, а дел од нив се поставени и на мојот сајт и можат бесплатно да се преземат. Јас сум пресреќна што постојат низа бизнис приказни кои биле иницирани токму од овие прирачници. Тие биле иницијална каписла за некому да му се развие идеја, да собере храброст, да направи чекор и да тргне по својот пат. Нема поголемо задоволство од тоа и затоа продолжувам со оваа пракса, во моментот работам на прирачник наменет за креирање на ценовни стратегии за производи/услуги.

Која мотивациона порака би ја посветиле на читателите од Опсервер?

Би им порачала да ја живеат сопствената радост, без компромиси.