Бабовски: Очекувам ИПАРД да стане успешна приказна со голема искористеност на европските пари


Изминатава 2018 година беше исклучително продуктивна во однос на финансиската поддршка за земјоделството. Исплатата на субвенциите е 99,9 отсто реализирана, а од првиот повик на ИПАРД 2 се префрлени 1,4 милиони евра што е одличен стимул за домашниот агро сектор, вели во интервју за МИА директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Нашата цел, потенцира Бабовски, е да  ги искористиме сите фондови што ни се на располагање, сите 80 милиони евра од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони средства од државата.

Господине Бабовски, исплатата на субвенциите е речиси секогаш најгорливата тема во земјоделството. Полека ја заокружуваме и оваа, 2018 година. Каква е реализацијата на поддршката досега, колку средства и кои сектори ќе останат неисплатени или, колку ќе бидат префрлени во 2019-та?

Наследивме огромни долгови во овој дел, односно неисплатени заостанати субвенции од 2013, 2014, 2015, 2016 година, а исплаќавме средства од Програмата за 2017. Па, така, за година и пол исплативме вкупно 200 милиони евра.

По програмата за директни плаќања до вчера исплативме 6,751 милијарда денари што е реализација од 99,9 проценти од вкупниот Буџет за директни плаќања.

По Програмата за Рурален развој – капитални инвестиции, исплативме една милијарда 122 милиона денари што е 71 отсто од вкупниот предвиден буџет за таа ставка.

По програмата рибарство и аквакултура исплативме 16,2 милиона денари.

На ниво на на Агенција по сите програми исплативме 7,9 милијарди денари по сите Програми, односно 94 отсто од вкупниот Буџет.

Тоа беше нашата прва цел, да ги расчистиме долговите и се надевам дека што помалку обврски ќе бидат пренесени за следната година.

Сите барања кои ги исполнуваат условите за користење финансиска поддршка од националните програми ќе бидат исплатени. Неисплатени ќе бидат само мал дел, односно оние баратели кај кој имаме утврдено дека има технички проблеми како што се неточна трансакциска сметка, погрешен матичен број и слични технички проблеми, за кои барателите ќе бидат известени. Целта е да може да ги корегираат недостатоците за да ги исплатиме и нив во текот на наредниот период.

Како ја оценувате 2018 година во однос на ИПАРД програмата? Најавувани беа олеснувања и поедноставувања на критериумите, но евидентен беше и зголемениот интерес за повлекување европски пари што порано не беше случај…

Слободно може да ја оценам 2018-та како продуктивна година по сите програми, не само по ИПАРД програмата. Во делот на искористувањето на европските средства, слободно може да кажам дека само со еден повик склучивме приближно ист број договори колку за цел ИПАРД 1, од 2007 – 2013. Притоа мора да истакнам дека во делот на склучување договори за погонска земјоделска механизација, односно трактори се искористени 100 отсто од предвидените средства во овој дел за целиот финансиски период.

Заклучно со вчера, по сите мерки од првиот повик за ИПАРД 2 имаме авторизирани и исплатени 123 барања за исплата со вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Тоа е одличен стимул за домашниот агро сектор.

Со колкава поддршка располагаме, колку повици се објавија, колку договори се склучија и колку средства се ефектуирани во македонското земјоделство?

Во рамки на првиот повик од ИПАРД 2, што беше распишан во 2017 година, до сега склучивме 940 договори во вредност од 18,2 милиона евра: за капацитети во преработувачка индустрија, за отворање нови бизниси во руралните средини, за набавка на трактори, земјоделска механизација за постбербени активности, практично за сите мерки опфатени со Програмата.

Факт е дека имавме одредени слабости во реализирањето бидејќи Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството немаше доволно капацитет, а и заради тоа што повикот беше распишан од претходната власт со различни критериуми што оневозможија сите инвестиции да бидат поддржани веднаш. Но, и покрај тоа, вредноста на склучените договори е многу поголема од целиот износ на склучени и исплатени  договори во целиот ИПАРД 1 (2007  – 2013) кога беа искористени околу 16 милиони евра, а сега само со еден повик од ИПАРД 2 успеавме досега да потпишеме договори во вредност од дури 18,2 милиона евра.

Нашата цел е да  ги искористиме сите овие фондови кои ни се на располагање, односно сите 80 милиони евра од кои 60 милиони евра од ЕУ и 20 милиони евра од Националниот фонд.

На 29 ноември 2018 распишавме повик за преработувачки капацитети Мерка 3 „Инвестиции во матерјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, додека на 26 декември отворивме повик и за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 каде преку Мерката 3 на располагање имаме 13 милиони евра.

Со Мерката 1 на располагање ни се околу 12 милиони евра. Очекувам преработувачките капацитети и земјоделските стопанства да достават квалитетни апликации за унапредување и модернизирање со помош на средствата од ИПАРД Програмата.

Следната година очекувам уште поголем број повици бидејќи ги забрзавме постапките, ги зголемивме сопствените капапцитети, ги решивме проблемите и со тоа имам право да очекувам ИПАРД да стане успешна приказна со голема искористеност на предвидените пари.

Директоре Бабовски, каква е планираната динамика за исплата за 2019 година и колку повици ќе се објават? 

Околу тоа колку средства ќе се исплатат во 2019 година зависи од динамиката на реализација на потпишаните договори, но исто така ќе зависи и од наредните два до три повици кои треба да се објават во текот на 2019 година.

Мора да потенцирам дека клучно е и да се добие бројот на нови договори кои ќе бидат склучени за тековните и за наредните повици од ИПАРД 2 Програмата ( 2014- 2020).

Откако ќе ги знаеме бројот на поднесени барања може да се даде и груба пресметка на тоа колку пари од оние 80 милиони кои ни се на располагање би повлекле и би ги искористиле. Нашата цел е да исплатиме над 10 милиони евра, но, тоа не зависи само од нас, туку и од динамиката на реализација на инвестициите од страна на корисниците на средства од ИПАРД програмата по сите мерки.

Мирјана Чакарова

Вести

Законот на ЈО во август, ако се постигне консензус

Владата вчера на седница го усвои Предлог-законот за Јавното обвинителство и донесе одлука да биде испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка. На предлог на Министерството за правда Владата прифати […]

Вести

Хан и Рикер доаѓаат во Скопје на средби со државниот врв и со опозицијата

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан утре доаѓа во Скопје на средби со државниот врв и со лидери на политички партии. Хан ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со лидерот […]

Вести

Јанева негира вмешаност во „Рекет“, тврди дека некој со сите сили сака да го урне СЈО

Специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева вчера на прес-конференција негираше дека е вмешана во случајот „Рекет“. Обвини дека против неа и нејзиното семејство се води хајка уште од самото стапување на функцијата, со цел нејзина […]