Најмногу дожд, 40 литри на метар квадратен, во изминатите 24 часа, наврна во Крива Паланка, по што следуваат Струмица со 29, Дојран 25, Ѓуриште, 23, Пожаране, 20, Крушево, 18, Маврови Анови, 16, Виница, 12, … , покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен дожд, а од пладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време (над 25 литри на метар квадратен), силен ветер и изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Од пладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Максималната температура ќе достигне 24 степени.