Од верските календари


8 март 2021 


 

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 февруари.

Денеска е Св. свештеномаченик Поликарп Смирнски.

Свети Поликарп е една од најсветлите личности од поапостолското време. Живеел во првиот и вториот век и бил епископ на градот Смирна. Во 155 или 156 година во Смирна бил фрлен на ѕверовите некојси христијанин Германик, кој храбро ја дочекал својата смрт во арената. Неговата смрт не ја задоволила толпата и таа го побарала и Поликарп. По епископот бил испратен цел одред војска вооружена до заби, иако Поликарп веќе бил влезен во длабока старост. Тој не се противел и сам тргнал по војниците. Проконзулот го осудил како христијанин и наредил да биде изгорен. Пред да го зафати огнот, го погубиле со меч.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Иван од Господ.

Бил роден во 1495 година во Португалија. Во младоста бил овчар, а потоа војник. Во 1539 година ја слушал проповедта на свети Иван од Авил, по што се одлучил за духовниот сталеж и го основал редот на Милосрдните браќа. Повод за тоа бил и пожарот во една болница во Гранада. Додека мноштвото луѓе беспомошно набљудувале, свети Иван од Господ ги спасувал болните луѓе од смрт. Ја основал и првата болница за болните кои немале каде да живеат. Умрел во 1550 година.