Oбичаи и верувања


„Јазичен мозаик“ – нов лингвистички труд на Васил Дрвошанов - МИА

23 октомври 2020



Од народниот живот

Лoв и обичаи при лов

Лувачи (ловџии) или турски авџии, се сметаат за најподвижни луѓе во селото. Ловџиите обично се витки, лесни при одење, брзи: „да може куту заиц да трче, да са крије куту лисица и да биде лек и ачикѓозлија куту врапчан“. Секој не може да биде ловџија. Се смета дека тоа е наследно – од таткото на синот итн. Често се вели: „А и дедо му бише арин лувач! (или авџија). Дека ки тргнише – там ударише!“ – Ловџијата со задоволство зборува за ловот, тој најмногу сака да разговара за барутот, пушката, како некогаш уловил ова или она, како другите ништо не уловиле итн.
Сакаат да уловат зајак, волк, срна или црнка, дива бишка (свиња), чакал, видра, елен, лисица итн. а од птиците: дива гуска, дива папија, еребица, врапчан, чавка, чафлига, путпулог и разни други птици.
Некои животни ги ловат поради месото како што се зајакот, срната, дивата свиња и др. А чакалот, волкот и уште некои други поради кожата или поради тоа што прават штета. Од птиците: дивата гуска, дивата папија, еребицата дивата кокошка, фазанот, врапчанот и др. се ловат поради месото; чавката некои ја ловат поради месото, а некои поради тоа што прави штета. Орелот се лови поради лојот, кој се смета за извонредно средство против реума.
Не се убиваат сите животни и птици со ред. Народот има извесни предрасуди за некои животни, поради што смета дека е грев да се убиваат. Така невестулката и кукумјавката не ги убиваат од страв да не им се сврти назад среќата, греота е да се убие домашно куче, освен кога ќе побесни, желка, жаба, мачка итн. Од птиците греота е да се убие ластовичка, штрк, какараска, кукумјавка, гулаб (питом), жерав и др.
Возрасните луѓе во никој случај не сакат да ги убиваат овие корисни животни и птици, а и децата да не ги напаѓаат и седелата да не им ги растураат им зборуваат дека во истиот час ќе им умре мајката кога ќе убијат некоја ластовица или штрк. Покрај тоа што ластовиците не ги напаѓа никој тие прават седела во внатрешноста на куќите, над огништето, а штрковите на оџакот, кровот, по круши или тополи во дворовите. Народот верува дека е проклета или проколната (проклнана) таа куќа во која не влегува ластовица и преку која не летаат штрковите, по што настанала и пословицата: „Куќа без ластавички куќа без здравје!“
Кога на пролет ќе дојдат ластовичките, па покрај старите ќе дојдат и некои нови и отпочеток ќе почнат да прават ново гнездо , народот верува дека таа година ќе им дојде некоја нова среќа одненадеж зашто „Нови ластавички нов касмет!“
Ловџискиот живот е исполнет со вражање и суеверие. Лошото око може ловџијата да го урочи и потоа цел ден да лута и ништо да не може да улови.
Ловот многу зависи и од среќата, т.е. каков човек ќе го сретне на патот или при тргнувањето на лов. Ако го сретне човек или жена со добра среќа ќе улови било што, ама празен нема да се врати. Ако пак го сретне човек со лоша среќа – ништо нема да улови „макар да са и врзани“. Покрај тоа лувач секогаш гледа рано да излезе од селото, уште додека луѓето не растанале – да не го сретнат.- не чини на ловџија, кога ќе го сретнеш, прво ти да кажеш добрутро , туку треба да чекаш прво тој да ти рече, а потоа ти да речеш: „П’лно! Дајбудобро!“
Ловџиите најмногу се лутат кога ќе ги сретне поп, макар и да не е прв. Многу од нив веднаш се враќаат дома. Ловџијата не чини да го сретне и трудна жена. Таа е тешка и цел ден ловџијата ќе се чувствува како нозете да му се од олово. За една година ловџијата не ќе може ништо да улови, макар да е и најдобар, ако од уловеното животно и даде на трудната жена да јаде, освен ако е од иста куќа со ловџијата или ако ловџијата уловеното го продал за пари или пак ако тоа што е зготвено од ловот им се дава на соседите.
Кога од уловеното се руча или се вечера не треба да се рече: „Бре, што е слатко!“ зашто после ловџијата не ќе може да улови туку треба да се рече: „Да му са ловат“. А кога ловџијата се враќа и носи уловен лов треба да му се рече; „Машала! Да не му е уд око!“
Народот верува дека не само што ловџијата може да се урочи туку може да се урочи и пушката. Во тој случај било каков добар барут ловџијата да употребува, и колку и добро да гаѓа, пушката секогаш ќе го изневери. Затоа треба пред тргнување на лов пушката да се остави на прагот за кучето три пати да ја прескокне. Тогаш урокот или магијата се расипува. Пушката може да се излечи од урок и на овој начин: На Бадник треба пушката да се остави на земјата, да се земе секирата, да се застане над неа, да се замавне како да се удира и да се рече: „Ваја пушка арно не пугажгје, ки ја закоњум“.- Тоа треба да се повтори три пати. Но притоа треба да стои некој во близина и на секоја закана да одговри: „Аман! Ти са молум – остави ја за ваја п’т, ним а закољуви, ки лове и право ки погодуве.“
Ловџиите одат сами или во друштво по неколкумина. При ловот владеат некои специјални ловечки канони. Во полето стојат еден од друг далеку од 30 до 50 метра. Пред кого ќе се крене лов (зајак или било што) во првиот момент само тој има право да пука. Дури кога ќе побегне од неговата зона, смее да пука оној од левата или од десната страна (на која страна ќе појде зајакот). Ако се случи двајца или тројца да пукаат во ист зајак, а зајакот не падне во ниту една зона туку подалеку тогаш се трудат да ги најдат сачмите во зајакот и по тоа да одредат кој го погодил. Во такви случаи обично се договараат зајакот да го поделат, а ако уловат уште некој, тогаш секој добива по цел зајак било кој да го уловил.
На Митровден по обичај ловџиите од околните села одат на заеднички лов – цел ден. Во тој случај низ полето, ридовите и долините крстарат по 200-300 ловџии. Ова се вика митровски лов или по турски касим ав’в.
На ловецот во ловот му помагаат загар и тазија. Загар е куче со средна големина, црвено влакно, со големи клемпави уши и со големи ноздри. Тоа може да надушка каде лежи зајакот, додека тазијата суво, високо куче и тоа со клемпави уши и со танки нозе, во сто скока ќе го стигне зајакот, ќе го фати за врат и ќе го сруши на земјата.
Загарот кога ќе ја намириса трагата, лае идејќи по крива линија, а тазијата само трча без никаков шум и кљафкање.
Со пушка се гаѓа во јатакот (легалото каде што лежи зајакот) бигакји (кога трча зајакот), литакји (кога птиците летаат), брусакји (кога птиците брусат – одат) на гранки итн.
Добар е тој ловџија што зајакот го погодува во тилот, па да са прапрче, кога ќе го погоди, а птиците во летот под крилата.
Покрај тоа што ловат со пушка, ловат и сус примки (на сидело, на чикајне и на мамиц), сус мангало, сус рељо, сус паида, сус курито, сус кандило, сус мрежа итн.

Од книгата „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ прикупио и описао Стефан Тановиќ, учитељ, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)


Вести

Регистрирани 1342 нови случаи на Ковид-19, оздравени 679 пациенти, починаа 22 лица

Од направени 3399 тестирања во последните 24 часа, регистрирани се 1342 нови случаи на Ковид-19, додека во исто време починаа 22 лица, а Институтот за јавно здравје регистрира 679 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство. […]

Бизнис и економија

КСС: Недела неработен ден без правење хаос во Законот за работни односи

– Конфедерацијата на слободни синдикати предупредува дека со Предлог-измените во Законот за работни односи со кои недела треба да се прогласи за неработен ден ќе се направи хаос бидејќи со подзаконски акти ќе се утврдува […]

ССМ: Социјалниот дијалог дава резултати, потребата од Синдикатот и колективните договори се потврдува во најтешките моменти - МИА
Бизнис и економија

ССМ: Измените во ЗРО не одат во прилог недела да биде неработен ден

– Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) смета дека предложените измени во Законот за работни односи од страна на Министерството за труд и социјална политика не одат во прилог на тоа недела да биде прогласена […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*