20 мај 2023
– Ден на пожарникарството во Република Македонија. На овој датум во 1836 година во Битола бил формиран првиот противпожарен одред.
1498.- Португалскиот морепловец Васко де Гама впловил во пристаништето Каликат во југозападна Индија, бидејќи претходно прв успеал да ја обиколи Африка.
1506.- Умрел шпанскиот морепловец од италијанско потекло Кристифор Колумбо, кој во 1492 година ја открил Америка, но до смртта верувал дека го открил источниот брег на Индија.
1799.- Во Тур е роден францускиот писател Оноре де Балзак, автор на околу стотина книги со повеќе од две илјади ликови. Негови наjпознати дела се романите „Евгенија Гранде“, „Чичко Горио“, „Изгубени илузии“, „Селани“ и „Роднината Бета“. Умрел во Париз, на 19 август 1850 година.
1806.- Роден е англискиот филозоф и економист Џон Стјуарт Мил, еден од творците на либералната политичка теорија. Негово најзначајно дело е „За слободата“, а меѓу другите се: „Систем на логика“, „Утилитаризам“, „Принципи на политичката економија“…
1875.- Во Париз се одржала Дипломатска конференција за метарот, било основано Меѓународното биро за мерки и тегови. Со тоа започнал да се средува хаосот кој владеел во областа на метрологијата на мерните единици на одделни физички големини.
1834.- Умрел францускиот генерал и државник Маркиз од Лафајет, кој од 1777 до 1781 година заедно со американските колонисти се борел за ослободување на Северна Америка од Британците.
1875.- Во Охрид е роден Методија Патчев, македонски војвода, еден од најпознатите револуционери од пред Илинденското востание на македонскиот народ. Делото на ТМРО му било над се, а со своите постапки секогаш бил праведен и бескомпромисен. Во Кадино Село, Прилепско, во борбата против турската војска се самоубил заедно со сите борци на својата чета, на 7 април 1902 година.
1876.- Во селото Разловци во Источна Македонија избувнало Разловечкото востание против османлиската војска. И покрај неуспехот на востанието, тоа имало големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ.
1896.- Умрела германската пијанистка Клара Шуман, една од најголемите мајстори на клавир во 19. век. Ширум Европа ги популаризирала делата на Роберт Шуман, за кого се омажила во 1840 година, како и делата на Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс, Феликс Менделсон. Била врвен интерпретатор.
1908.- Роден е Џејмс Стјуарт, американски филмски актер. Бил омилен актер на режисерот Хичкок. Филмови: „Мистер Смит во Сенатот“, „Филаделфиска приказна“ (Оскар), „Винчестер 73“, „Приказна за Глен Милер“, „Најголемата претстава на светот“, „Човекот што знаеше премногу“… Умрел на 3 јули 1997 година.
1926.- Во Џеда бил потпишан мир со кралот Ибн Сауд со што Велика Британија ја признала независноста на Саудиска Арабија.
1947.- Грчка жандармериска и воена единица го нападнала селото Пателе, Леринско. Притоа биле уапсени 17 Македонци обвинети за соработка со НОФ и со партизаните. Од затворените четворица биле осудени на смрт, а другите биле интернирани на островот Ѓура.
1956.- Експлодирала првата хидрогенска бомба пуштена од авион, која Американците ја исфрлиле врз пацифичкиот остров Бикини.
1980.- Во Квебек на референдум за независност од Канада 60 отсто од избирачите гласале против отцепување.
1981.- Во Скопје умрел г.г. Доситеј, прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква. Роден бил на 7 декември 1906 година.
1990.- Во Романија на првите слободни избори по 45 години победила партијата Фронт за национален спас.
1997.- Во Киншаса, главниот град на Конго (поранешен Заир) триумфално влегол новиот претседател на таа африканска земја Лоран Кабила, по победата на неговите сили во седуммесечната граѓанска војна и отстранувањето на претседателот Моботу Сесе Секо кој избегал во странство.
2002.- Источен Тимор прогласил независност бидејќи мисијата на Обединетите нации, која управувала со оваа поранешна португалска колонија од 1999 година, кога земјата ја напуштија индонезиските сили, власта и ја предала на локалната влада.
2006.- Повеќе од 100 луѓе загинале во тајфунот кој ги погодил Виетнам, Кина и Филипини, а околу 400 се водат како исчезнати.
2008.- Умрела руската писателка Рима Казакова. Дела: збирка песни „Средба на Исток“, „Стихови“, „Пробен камен“. За дел од нејзините песни музика компонирале Александра Пахмутова, Анатолиј Шевченко и Владимир Шаински. Со години работела како уредник на „Филмски новости“, а била преведувач и една од првите луѓе на Сојуз на руските писатели.