Денес е Света Петка Епиватска – Петковден


Света Параскева, во народот позната како Света Петка е родена во градот Епиват, кој се наоѓал помеѓу Силинаврија и Цариград во Тракија.


 

Нејзините родители биле угледни и благочестиви, а имале уште еден син кој се викал Ефтимиј.  Посветен на религијата за време на животот се замонашил и станува угледен епископ.

Со смртта на родителите, девицата Параскева имала желба за подвижнички живот кога го напушта родителскиот дом и оди во Цариград. Потоа заминува во Јорданската пустина, каде што е посветена на молитви и испоснички живот до својата старост.

Во сите години светителката преживува безброј страдања и демонски искушенија. Таа се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога, се преправал во разни форми и како ѕвер ја напаѓал – но, таа не се поколебала.

Во христијанските записи е забележано како на старост, на неа се јавува ангел Божји со зборовите: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да и го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господа.“

Света Петка го послушала небесниот глас, ја остава пустината во која живее и се враќа во Епиват. Во ова место живее уште две години во непрестајна молитва и пост, а потоа го предава својот дух на Бога во 11 век.

Поради нејзиното долго отсуство во местото населението не ја сметало за староседелка и затоа не ја погребале на христијанските гробишта, туку до туѓинец кој не бил родум од Епиват. Карактеристично е чудото во една ноќ кога на работникот кој се викал Георгиј и учествувал на погребот, на сон видел царица седната на пресветол престол, опкружена со војници во светлина. Тогаш светлата царица рекла: „Побрзај и извади ги моите мошти и положи ги на чесно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата на трупот. Зашто и јас сум жена, а моја татковина е Епиват каде што вие сега живеете.” Истиот сон го сонувала и благочестива жена, која се викала Ефтимија.

Со тоа видение, светите мошти свечено биле положени во црквата „Св. Петар и Павле”, во Епиват. Со молитвите на преподобната Параскева следувале многу исцеленија на болните.

Најпрво бугарскиот цар Јован Асен во 1238 година издејстувал телото да биде пренесено во Трново. Кога турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а патоа кога и овој регион припаѓа под турска власт, во 1396 година кнегињата Милица го замолила султанот да дозволи да ги пренесе во Србија. Во следниот период кога и Белград го освојуваат Османлиите во 1521 година, светите мошти биле однесени во Цариград.

Денес моштите на Света Параскева се наоѓаат во Романија во градот Јаш од 1641 година, со барањето на војводата од Молдавија, Василиј Лупул.

Верниците велат, во Белград постои вода (агијазма) на преподобна Параскева, која чудотворно ги лекува болните што пристапуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Светата православна црква празнува три личности со истото име Параскева или Петка, поради што кај населенито често се мешаат. Сите го имаат добиено името Параскева, бидејќи се родиле во петок кој означувал ден за подготовка кај евреите за саботата. Најчесто останатите две светици се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен православниот свет го одбележува денес на 27 октомври. Празник познат како Петковден.

Првата Света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка, која настрадала за верата Христова за време на царувањето на императорот Антонин. Се празнува на 8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка.

Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. Таа се слави на 10 ноември.

Третата е денешната Света Петка Епиватска, која што е најпозната кај народот.

Еден од обичаите кои се практикуваат на денешниот празник е т.н. „петолебие“. Така луѓето носат пет лепчиња во црквата, во спомен на настанот од Библијата кога Христос нахранува 5 илјади народ, со пет лепчиња.

Сите пет лепчиња се осветуваат, а едно задржува верникот, додкеа четири остануваат во црквата.

Граѓаните Света Петка ја сметаат за заштитничка на луѓето, потоа дека ги чува од суша, помор, неплодност, како и од многу зла и напасти.