Совети од Проф. Александра Грозданова: Со вакцинација против грип покрај индивидуална заштита, обезбедуваме и заштита на оние со кои живееме и работиме


За Професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство превентивната грижа за здравјето е особено важна во период на вируси.



Според неа како Ковид-19 да не беше доволна закана, па сега влегуваме и во период на сезонски грип (инфлуенца), кој за помладите и здрави луѓе се скоро безопасни, но за многу луѓе од ризичните категории граѓани и повозрасните старосни групи предизвикува сериозни компликации по здравјето. Затоа е изворедно битно да се обезбедиме со заштита барем од она кое ние познато и за кое имаме превенција а тоа е инфлуенца и вакцините за инфлуенца.

Вакцините против инфлуенца остануваат единствената и можам слободно да кажам најуспешна превенција против инфлуенца. Дологодишната употреба и голем број истражувања потврдија дека вакцините против грип ефикасно делуваат на начин што го намалуваат бројот на компликации и смртни случаи, ја намалуваат потребата од интензивна нега и хоспитализацијата на пациенти во болниците. Дури и кај пациенти кои се заразиле со грипот, а кои ја примиле вакцината предходно, вакцината ќе обезбеди ризикот од компликации да е многу помал и штетата која грипот може да ја предизвика да биде минимална. Дополнително вакцинацијата за грип покрај индивидуална заштита на особата која ја примила, обезбедува и заштита на оние со кои живееме и работиме бидејќи го спречуваме ширењето на вирусот на грипот а со тоа се грижиме и за другите, смета Проф. Грозданова.

Заштита од грипот имаме во ефикасната и безбедна вакцина за грип кој се користи веќе со децении. Научната јавност и лекарите советуваат дека сите, а особено луѓето од ризични категории, треба да бидат вакцинирани против инфлуенца. Во моментов во најголем дел од земјите во Европа а и во Македонија се користи т.н четири валентна вакцина за инфлуенца, која содржи четири типови на инфлуенца вирусот и не заштитува од нив. Онаа која Министерството за здравство ја обезбеди е произведена од реномиран француски производител и има одлични заштитни и безбедносни ефекти. Квалитетот и безбедноста на вакцините кои се користат во нашата држава апсолутно ги задоволуваат најригорозните барања, и нашите граѓани тоа го препознаваат оттука и толкав интерес за вакцинацијата.