Жител на Сингелиќ осомничен за недозволено поседување дрога и оружје


Во куќа во сопственост на таткото на 48-годишен жител на скопски Сингелиќ вчера биле пронајдени речиси 13 килограми марихуана во 39 пакувања, како и околу четири литри хашиш масло. Освен ова, полициските службеници при претресот пронашле и еден пиштол марка „Црвена застава“ 9мм Para, две рамки со по 9 куршуми за овој пиштол и уште 39 куршуми од неутврден калибар, соопшти Јавното обвинителство.



Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и сокривање на трагите, како и можност да го повтори делото.​

Истражната постапка против осомниченото лице е за две кривични дела: Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.