Во Кавадарци вчера 47 казнети за брзо возење, 23 отсто помалку сообраќајни незгоди во декември 


 Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи вчера спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Кавадарци, при што санкционирани се 83 возачи, од кои 47 возеле со брзина поголема од дозволената.



Како што соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес – конференција во Кавадарци, за возење без возачка дозвола изречени се девет санкции, а исто толку биле и нерегистрирани возила.

– Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови и евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Во ноември 2020 споредено со ноември 2019 имавме намалување од 21 отсто, а кога ќе ги споредиме декември 2020 со декември 2019 имаме намалување од 23 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата, изјави Ангеловски.

Засилените сообраќајни контроли, потенцира портпаролот на МВР, продолжуваат и во наредните денови и апелираше граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.