Трговската војна на Трамп со Кина, САД ги чинеа 245.000 работни места


– Како резултат на трговската војна што претседателот Доналд Трамп ја поводе со Кина, во САД се загубија 245.000 работни места, а постепеното меѓусебно намалување на царините ќе го зголеми растот и делумно ќе ја надомести оваа загуба, покажува истражувањето нарачано од Американско-кинескиот деловен совет (УСЦБЦ), асоцијација на големи американски компании што работат во Кина, а е изработена од Оксфорд Економикс.



Меѓусебното постепено намалување на царините до 2025 година ќе резултира со создавање 145.000 работни места во САД, откриваат авторите на истражувањето.

„Сценариото на ескалација“, пак, претпоставува раскинување на врските меѓу двете водечки светски економии, со проценка дека во тој случај БДП-то на САД во следните пет години може да се намали за 1.600 милијарди долари, а бројот на работни места во 2022 година за 732 илјади и уште 325.000 до 2025 година.

Истражувањето е објавено само неколку дена пред новоизбраниот претседател Џо Бајден да влезе во Белата куќа и да ја почне големата анализа за трговската политика на САД, вклучувајќи ги и консултациите со сојузниците за казнените царини што беа воведени од Трамп, забележуваат британските медиуми. Бајден, веќе изјави дека не планира во следниот период да ги менува овие казнени царини, но со сојузниците ќе работи да се изврши притисок врз Кина за да ја смени трговската политика.

Истражувањето проценува дека извозот на САД во Кина поддржува 1,2 милиони работни места во САД и дека кинеските мултинационални компании директно вработуваат 197.000 Американци. Американските компании, пак, во 2019 година во Кина инвестирале 105 милијарди долари, се додава во него.

„Бидејќи Кина ќе биде генератор на околу една третина од глобалниот раст во следната деценија, одржувањето пристап до кинескиот пазар е се поважно за глобалниот успех на американските компании“, се заклучува во истражувањето на Оксфорд Економикс.