Судењето за „Меѓународен сојуз“ продолжува на 26 август


Судењето за „Меѓународен сојуз“ продолжува на 26 август - МИА

Скопје, 23 јули 2020 () – Судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ продолжува на 26 август, откако на денешното рочиште во Основниот кривичен суд одбраната даваше воведни зборови.



Обвинетата Фросина Ременски по судењето во изјава за медиумите рече дека самата поддршка на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е кривично дело и затоа, како што кажа, Обвинителството ниту има, ниту ќе понуди докази.

– Се доведува во прашање постоење на кривично дело, но ние секако ќе ги истакнеме сите докази што одат во прилог на нашата теза, на одбраната, а тоа е дека самата поддршка на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е кривично дело и затоа Обвинителството ниту има, ниту ќе понуди докази, рече Ременски.

Од друга страна, пак, додава таа, во понудените сведоци и докази и од нивна и од страна на останатите обвинети во предметот ќе може да се видат реални дејствија од страна на овластени лица кои имале сериозно пристапување по реализација на овој проект.

– Тоа е прашање од клучно значење за нас имајќи во предвид дека и самата квалификација што ЈО ја дало на дел од сведоците зборува за непризнавање на вистинските елементи на кривичното дело помагање наспроти немањето на опис на помагањето коешто мене ми се става на товар. Она што за мене професионало е предизвик во овој случај е секако најважната фаза во кривичната постапка, а тоа е криминалистичката методика и стандардните оперативни процедури во истражување и докажување на кривично дело измама. Ова го кажувам најодговорно, нагласи Ременски.

Адвокатот на обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Стефан Павлески во воведниот збор, рече дека таа не учествувала во составување на договорите за кои ја терети ОЈО.

– Јасна не присуствувала на средба во која Ардијан Амзоски предал 350.000 евра во нејзино присуство. Ќе го докажеме тоа преку исказот на сведокот. Јасна Ерцеговиќ се што работела во „Меѓународен сојуз“ работела заради својата верба во проектот, за реализација на тој проект, не од криминални побуди, туку затоа што е активист за заштита на лицата со посебни потреби. Од доказите може да се констатира дека Јасна Ерцеговиќ не знаела дека Бојан Јовановски, според ОЈО, спровел измама кон фирмата „Дрим билдинг”, рече Павлески.