Скопјанец обвинет за предизвикување општа опасност со пукање од автоматски пиштол


– Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари дека го сторило кривичното дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 став 2 во врска со став 1, како и за кривично дело „предизвикување општа опасност“ согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик.



Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, обвинетиот 24-годишник, на 2 ноември минатата година, неовластено држел огнено оружје кое на граѓаните им е забрането – автоматски пиштол ЦЗ ВЗ61 Шкорпион, како и десет куршуми за тој пиштол со калибар 7,65 милиметри.

На критичниот ден, на улица „Цветан Димов“, тој забележал едно лице и испукал неколку куршуми кон него, со што со умисла презел општо опасно дејствие и го загрозил животот и телото на оштетениот. Во настанот биле оштетени три паркирани моторни возила.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.​