Санкционирани 129 возачи во Кочани, 53 за брзо возење


 При акциска контрола во областа на сообраќајот спроведена вчера на територијата на Кочани се санкционирани 129 возачи. Од нив 53 возеле со брзина поголема од дозволената, осум без возачка дозвола, шест за возење под дејство на алкохол, 17 нерегистрирани возила, а санкционирани се и 10 неисправни возила што вршат јавен превоз од вкупно 19 колку што се упатени на вонреден технички преглед, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција во Кочани.



Засилените контроли, посочи Ангеловски, продолжуваат и денеска и во наредните денови и евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат.

– Во ноември 2020 споредено со ноември 2019 имавме намалување од 21 отсто, а кога ќе ги споредиме декември 2020 со декември 2019 имаме намалување од 23 отсто на бројот на сообраќајни незгоди. Како резултат на преземените активности, 2020 година е со најниска бројка на жртви во сообраќајот во историјата на државата, рече Ангеловски.

Засилените сообраќајни контроли, посочи тој, продолжуваат и во наредните денови, упатувајќи апел граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.