– Основното јавно обвинителство Струга донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице на возраст од 44 години, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело убиство, според член 123 став 2 точка 8 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, осомничениот се обидел да лиши од живот лице кое врши јавни овластувања – началник на ОВР Струга. Додека оштетениот бил во својот автомобил, осомничениот го престигнал во близина на Медицинскиот центар во Струга и паркирал паралелно со него. Најпрвин започнал да му вика и да му се заканува дека ќе го убие со пиштол, обвинувајќи го началникот дека постојано испраќал полициски службеници да го следат. Оштетениот излегол од возилото и меѓу нив настанала кратка физичка пресметка, по што ги раздвоиле случајни минувачи.
-Оштетениот влегол во автомобилот за да повика полиција, но во тој момент осомничениот го препаркирал возилото зад него, излегол со нож во раката и му нанел расекотина под долната вилица кон вратот, со должина од 11 и со длабочина од 5 сантиметри. Веднаш потоа избегал од местото на настанот, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, можност да влијае врз оштетениот и сведоците, како и да го доврши обиденото кривично дело.