Поведена истрага за тешка сообраќајна несреќа во Скопје, двајца возачи се осомничени

osnovno javno obvinitelstvo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за него е доставен предлог за определување мерка куќен притвор. Во врска со истиот настан, за уште едно лице е поведена постапка за ова кривично дело, кое се гони по скратена постапка и за него се предложени мерки на претпазливост.

Станува збор за сообраќајната несреќа која се случи на 31 јули, во која почина пешак, а со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во возилото.


Како што информираат од Јавното обвинителство, на 31 јули, првиот осомничен, 41-годишен македонски државјанин со престојувалиште во Италија, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот на луѓето.

-Тој, по левата сообраќајна лента од булеварот „Словенија“ во Скопје, во насока од запад кон исток, управувал автомобил „Мерцедес“ со италијански регистарски ознаки, па кога пристигнал пред крстосницата со булеварите „Македонско Косовска Бригада“ и „Босна и Херцеговина“ на која сообраќајот бил регулиран со семафор, постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и преку надолжната полна линија вршел обиколување на запрено возило. Потоа продолжил со движење и навлегол во крстосницата, свртувајќи во лево на запалено црвено светло на семафорот, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Притоа, потенцираат во соопштението, тој не го пропуштил возилото „Мерцедес” со скопски регистарски ознаки, кое се движело од спротивната насока по булеварот „Босна и Херцеговина“, управувано од другиот осомничен 39-годишен македонски државјанин и на крстосницата на зелено светло го задржувало правецот на движење, но без притоа да ја приспособи брзината на движење кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.

Како резултат на тоа, дошло до судар на двете возила, па автомобилот управуван од вториот осомничен излегол надвор од коловозот на пешачкиот разделен остров на северозападната страна од крстосницата и со десниот страничен дел удрил во телото од еден пешак.

Веднаш потоа возилото управувано од вториот осомничен продолжило со движење нанапред и во десно и со предниот дел удрило во метален столб од семафор, продолжило со движење во десно и повторно удрило во бетонски столб, бетонски ѕид и бетонска ограда од дворното место на ресторан.

Од Јавното обвинителство посочуваат дека од ударот, оштетениот пешак се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентниот Центар при Комплекс Клиники „Мајка Тереза“ каде починал. Со тешки телесни повреди се здобила и сопатничката во возилото на второосомничениот.

-Надлежниот јавен обвинител, освен мерката куќен притвор, за првиот осомничен предложи и привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола. За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост – обврска тој да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачка дозвола односно забрана за нејзино издавање, соопштија од Јавното обвинителство.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK