Турскиот економист и политичар Кемал Дервиш, кој беше на чело на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), почина денеска на 74-годишна возраст, јавија турските медиуми.
Според информациите, Дервиш се лекувал во Вашингтон.
Тој повеќе од две децении работеше во Светска банка, а во 2001 година стана министер за економија во Турција, која се соочуваше со најтешката финансиска криза во својата модерна историја, а токму нему и на неговите реформи во економијата и банкарството им се припишува успешното закрепнување на земјата.
Од 2002 година, откако поднесе оставка од својата министерска функција, Дервиш стана пратеник на опозициската Републиканска народна партија.
Тој беше едногласно избран за шеф на УНДП во 2005 година, а на функцијата помина четиригодишен мандат.
Позицијата шеф на УНДП е трета најсилна во хиерархијата на Обединетите нации.
Роден е на 10 јануари 1949 година, а се школувал во Британија, на Лондонската школа за економија, а потоа и на Универзитетот Принстон во САД. Автор е на неколку книги.