ОЈО: Две лица во Скопје обвинети дека го прекршиле полицискиот час​


 Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и поднесе предлози за издавање казнени налози од по 2.000 евра против две лица, на возраст од 20 и 48 години, заради непочитување на полицискиот час.


 

– Во одвоени настани на 29 и 30 март, тие биле затекнати како се движат на различни локации во градот, без да поседуваат дозвола за тоа, прекршувајќи ја забраната за движење на населението определена како мерка за спречување на коронавирусот. На тој начин, обвинетите сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот кривичен суд Скопје му предложи да им определи парични казни од по 100 дневни глоби, при што поединечната висина на дневната глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.