Одземени 26 возила на одреден период согласно измените во Законот за безбедност во сообраќајот


Санкционирани 371 возачи во Скопје, 120 за пребрзо возење

 Од почетокот на примената на измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата досега се одземени 26 возила за одреден временски период, меѓу кои некои биле нерегистрирани, други стари возила кои испуштаат чад, но и стари возила кои ја нарушуваат безбеднсота во сообраќајот, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.



–  Секое возило што создава прекумерна бучава или кое испушта издувни гасови и ја загадува животната средина може да биде одземено односно исклучено од сообраќај во тој момент и да се утврди преку вештачење кои се проблемите што ги има тоа возило и дали понатаму ќе може да продолжи, изјави министерот за внатрешни работи Спасовски, кој денеска од амбасадорката на Сојузна Република Германија во РСМ Анке Холштајн ја прими донацијата од возила и опрема наменета за потребите на граничната полиција.

Имаме неселективен пристап, да бидеме транспарентни во тој дел, потенцира тој, додавајќи оти тоа го прават во последните четири месеци континуирано, а продолжуваат и понатаму.

Тој појасни дека кога се правеле измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата прво се одело кон усогласување со Законот за прекршоци како основна измена, но и врз основа на согледувањата кои ги имале од терен во однос на тоа каде се потребни промени за да се постигне ефикасност во работењето.

Спасовски меѓу другото појасни дека казнените поени се укинуваат со новиот Закон за прекршоци и измените во Законот за бзбедност во сообраќајот на патиштата.