– Од полноќ до 5 часот утринава СВР Тетово спроведе контрола на возачи – дали и колку од нив управуваат под дејство на алкохол, при што бил констатиран вкупно 21 прекршок, од кои 13 на тетовското и осум на гостиварското подрачје. Кај еден од возачите на гостиварското подрачје измерени се над 2 промили алкохол во крвта.
-Со оглед на тоа дека на тетовско-гостиварското подрачје во полн ек е сезоната на свадбени и други семејни свечености, фестивали на отворено и други музички забави на младите, СВР Тетово повторно апелира до возачите да избегнуваат консумирање алкохолни пијалаци доколку возат, зашто алкохолот ја намалува нивната способност за управување, концентрацијата и ја доведува во сериозен ризик нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Се апелира, исто така, да не возат пребрзо и да се воздржат од чкрипење и други ноќни лудории со возилата на кружни текови и слично. СВР Тетово без исклучоци ќе ги санкционира сите прекршоци, а нерегистрираните возила повеќе од шест месеци и премногу бучните времено ќе ги одзема на 90 дена.Истото се однесува и на мотоциклите, порача портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Сите возачи-прекршители во утринската акција веднаш се исклучени од сообраќај и времено им се одземени нивните возачки дозволи, а изготвени им се и законски предвидените поднесоци.
Глобите за овој вид прекршок согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, зависно од степенот на констатираната алкохолизираност, се движат од 225 до 375 евра во денарска противвредност со мерка – одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.