И за моторите важи мерката за привремено одземање возило поради истечена регистрација


– Мерката за привремено одземање возило доколку регистрацијата е истечена повеќе од шест месеци ќе помогне во отстранување на голем број мотори кои се возат низ градските улици и со големи брзини и високо ниво на бучава.  Ваква е проценката на полицијата околу воведување поголем ред со овие сообраќајни прекршоци.



Тони Ангеловски, портпарол и помошник министер за односи со јавност при МВР, од Тетово каде денес се спроведе нова засилена контрола во сообраќајот, истакна дека оваа мерка веќе е причина да се одземат возила.

-Но оваа мерка е, пред се, да ни помогне во санкционирањето на моторите коишто ја вознемируваат јавноста особено кога е топло времето. Имаа елементи кои  се недозволени. Оваа мерка дозволува таквите возила да ги заплениме и соодветно санкционираме. Во претходниот период можевме едноставно да ја пишеме казната и продолжува тој несовесен возач. Сега имаме многу поригорозна мерка којашто многу ќе придонесе за таа појава да ја снема од улиците во државата, истакна Ангеловски.

Од крајот на декември, кога е започната примената на новите измени, досега во тетовскиот регион се одземени 15 возила поради истечена регистрација повеќе од 6 месеци.  Возилата се одземаат на 90 дена.