Фетаи во завршен збор за „Монструм“: Обидот на одбраната за поврзување на случајот со структури на МВР е целосно неточна теза


 Обидот на одбраната за поврзување на возилото „опел омега“ и целата операција со структури на МВР, е целосно неточна теза и од правно-фактички и од правно логички-аспект, изјави денеска обвинителката Фатиме Фетаи во завршни зборови за случајот „Монструм“.



Според Фетаи, ваквите обиди целосно паѓаат со исказите на сведоците и изнесените докази во текот на постапката.

За тоа наводите дека претходно во постапката не им бил дозволен увид во возилото, Фетаи, рече дека е дозволен и извршен увид во предметното возило.

– Во текот на оваа постапка, во присуство на судечки совет и записничар и медиуми во депото на Агенцијата за управување со одземен имот во Миладиновци е извршен увид и фотографирање на предметното возило Опел Омега. Возилото има и задни седишта со потпирачи за глава и блатобрани на сите четири пневматици, изјави Феати.

Верзијата дека жртвите се лишени на друго место и донесени на местото на кое се пронајдени, според Фетаи е целосно неточна и нагласи дека за ова говорат изведените и материјални и нематеријални докази.

– За наводите дека заштитениот сведок не постеол и бил инструиран, самите обвинители од СЈО имаа можност да го видат сведокот, така да сведокот постои и не е измислен. Доколку бил инструиран, тогаш сигурно ќе беше наведен да дава подетален опис на дејствијата на лицата. Исказот, на сведокот, на кој нема да се темели обвинението, имаше нејаснотии и празнини. Ова го потенцирам за уште еднаш да се покаже неточна интенцијата на одбраната да тврди дека целиот случај е инструиран, изјави Фетаи.

Уште една шпекулација, за која нема никакви докази и основи, рече Фетаи, е дека убиените деца се познавале со децата на собранискиот спикер Трајко Вељановски и дека имале нерасчистени сметки.

Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, рече Фетаи, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.

– Во однос на оружјето, може да се заклучи од доказие дека се користени три автоматски пушки. Сепак, тоа што не се знае кој со кое оружје пукал, или не пукал, не е пречка за утврдување на нивната одговорност со оглед дека се работи за соизвршителство,  изјави Фетаи.

За обвинетиот Хаки Азири, нагласи Фетаи, постојат докази од моментот кога дознава за делото што го сториле Африм и Агим Исмаиловиќ.

– За потсетување Хаки Азири има дадено повеќе искази во текот на постапката. Во своите искази самиот се самопотоварува и го посчува моментот кога токму во неговата кола на обиколницата влегле обвинетите за да го однесе дома. На исто ниво, е и исказот и деталите за неговите и дејствијата на другите, изјави Фетаи.

Завршните зборови на обвинителството за судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжуваат по пауза од половина час.