Жарко Димитриоски: Одлуките треба да ги носат луѓе со план

Некои луѓе се духовити. Некои се креативни. Некои ги бива за бизнис. Жарко Димитриоски – сите три. Се чини дека е и незапирлив. Откако ја почна кариерата пред камерите играјќи улоги во детски емисии, дипломира новинарство; коментираше спорт; стана ТВ-водител; сними документарец и раководеше со забавната редакција на А1 кога телевизијата беше во полн сјај, пред да ја започне својата неверојатно успешна разговорна емисија „Еден на еден“ во 2008. Емисијата веќе впечатливи десет години има силна гледаност, а сега е во пресрет и на својата 11. сезона.

Но Димитриоски – кој е и креативен директор на маркетиншката агенција Еден на еден – штотуку постигна нешто уште позначајно. Го основа Форумот за иновации во медиумите, првиот настан за професионално поврзување на луѓето од медиумската и маркетиншката област во земјава. Лани ФИМ ги собра врвните производители на содржини и најголемите медиумски имиња, охрабрувајќи ги да погледнат и надвор од границите на државата и да размислуваат за потенцијални партнерства и начини да ја стимулираат креативноста во оваа индустрија.

Вториот ФИМ, кој се одржа неодамна, поттикна дебати, ги поврза авторите на медиумски содржини со меѓународни клиенти и докажа дека вреди да му се обрне повеќе внимание. Во ова интервју, Димитриоски зборува за потенцијалот на медиумите темелно да си го променат пристапот кон работењето.

Како е сменета забавната и медиумската индустрија во земјава од времето кога првпат застанавте пред камерите?

За жал, промената не е на подобро. Ситуацијата е тешка за сите. Цените за рекламирање се паднати на многу ниско ниво. Продуцентите имаат голема мака да изнајдат финансии за проектите. Компаниите кратат трошоци и вложувањето во ваков тип работи е првото нешто што „лета“. Но, сѐ додека има квалитетни идеи и луѓе, има и шанса да тргне во вистински правец.

Тоа е намерата на Форумот за иновации во медиумите: да им помогне на овие креативци со тоа што ќе донесе сериозни компании и заинтересирани инвеститори од регионот и Европа за тие да можат да најдат алтернативен пазар за своите производи додека дома циклусот, се надеваме, не се сврти и не почне да оди кон раст, развој и инвестиции во ваков тип проекти.

Ова беше втор пат Вашиот тим од агенцијата Еден на еден да го организира Форумот за иновации во медиумите. Што научивте од ланскиот ФИМ што придонесе годинашниов да биде уште подобар?

Ги познавам проблемите на продуцентите, бидејќи ова ќе биде веќе 11. сезона на нашата ТВ емисија. Ги познавам и проблемите на медиумите; сево ова време работам со нив, а бев и уредник на забавната редакција во А1 телевизија кога ги живееше најсилните денови. Ги разбирам и луѓето од маркетингот, бидејќи со години сум дел од менаџментот на независна агенција. Токму затоа, знам дека ова се проблеми што не се надминуваат лесно, но секој треба искрено да даде сѐ од себе.

Ние, меѓу другото, се обидуваме да придонесеме со ФИМ. Минатата година беше тестот, пробата што требаше да каже дали пазаров има потреба и интерес за вакво нешто. Задоволни од извонредниот резултат, немавме дилема дека треба да го продолжиме, но во многу поголемо, побогато издание. Што би рекол нашиот пријател Мишко од Еф-екс-три-екс во чии простории лани го правевме ФИМ, а годинава беа меѓу десетте компании што го презентираа својот бизнис пред потенцијалните странски партнери: „Е, ова е веќе важен настан!”

Годинава обрнавме и поголемо внимание на тоа да ги вкрстиме странските гости со домашни компании според нивниот интерес за потенцијално партнерство. Со гордост можам да кажам дека веќе паднаа и неколку договори. Огромен успех и голем скок нанапред од лани.

Годинава на бината зборуваа рок-легендата Влатко Стефановски, основачот на Тајм.мк Игор Трајковски, продуцентот на Преспав Пеце Талески и директорот на Канал 5 Иван Мирчевски. Нивните ставови кон развивањето на локалниот медиумски пазар се разликуваа: некои беа отворени за иновации, а некои луто им се опираа. Какво е Вашето гледиште на темава? Какви промени треба се внесат во нашиот медиумски простор за тој подобро да ѝ служи на публиката? 

Ги видовме и шефот на најуспешната филмска продукција во моментов во регионот, Други план; директорот за маркетинг на гигантот за дигитална безбедност Есет; првиот човек на Омником Хрватска; режисерот и продуцентот на прекрасниот документарец „Медена земја“, за кој организиравме и ексклузивно прикажување. Претставивме и сосема нов проект за долгометражен анимиран филм, копродукција помеѓу Идеја океј, Кино око и Еф-екс-три-екс.

Тоа што има различни гледишта не е ништо ново ниту страшно. Поважно е да се внимава одлучувачките позиции да бидат пополнети од луѓе што имаат план и знаење.

А мојот став е дека треба да гледаме и учиме од пазарите што биле во слична ситуација. Медиумите похрабро да вложуваат во сопствена продукција и да го собираат најголемиот домашен талент под своја закрила. Талентите да бидат посамоуверени и решителни, без да ги гледаат границите на државата како крај на нивните амбиции. Луѓето од агенциите паметно да ги инвестираат средствата на своите клиенти, а не само да бркаат гледачи без да размислат дали таа целна група му е потребна на клиентот или не.

Ни треба, секако, и стабилна економска клима за да може да се развиваме од сопствени идеи и средства. Да стигнеме до ниво каде што нема да зависиме од донатори и непазарни методи на финансирање.

Во 2017, Македонската развојна фондација за претпријатија Ве прогласи за претприемач на годината. Во 2018, се најдовте на почесниот список на Форбс „30 помлади од 30“ најбрилијантни млади водачи во медиумите и маркетингот. Како би ги посоветувале идните успешни претприемачи во Северна Македонија? 

Уживајте во возењето! Премногу прецизната претстава за тоа што треба да ви е крајната цел може да ве наведе да ги запоставите сите мали победи што ги остварувате по пат. А целта, која во целост сте ја визуализирале, не е секогаш остварлива ниту, пак, особено добра за вас, ама сè уште не сте ни свесни за тоа. Сите што работат исклучително напорно и вложуваат во личниот раст и развој, неминовно се на прав пат. Бидете сигурни во себе и уживајте во возењето.

И признанието од Форбс и наградата за претприемач на годината во 2017 и сите Златни бубамари, награди од интернационални маркетиншки фестивали, признанието за македонски Супербренд и што уште не… Мислам дека можев повеќе да уживам во тие „мини“ успеси наместо да бидам фокусиран на следното „големо“ достигнување. Тоа е мојот совет за следните претприемачи што ќе ги добиваат сиве овие признанија.

На профилот на Линкдин сте напишале дека сте „најдобриот гитарист од сите маркетери, најдобриот маркетер од сите гитаристи“. Одличен слоган. Што прави Вашиот бенд Рипортерс во последно време?

Така пишува? Треба да си го обновам профилот… Репортерите, да бидам искрен, живи ги нема да се јават и да организираат нешто. Јавен повик до Миле, Дракче, Борјан, Мра и Столе: Ве чекам во петок, на наше место во 18 ч.

Магдалена Рид

Фотографии: Ѓорѓи Џамбазов

Вести

Извршена еутаназија врз златната параолимпијка Верворт

Белгиската параолимпијка, Марик Верворт, го активираше барањето за еутаназија, што значеше крај на нејзините маки, и смрт. Верворт која имаше 40 години, а на Параолимписките игри во Лондон 2012 година освои златен медал во трката […]

Бизнис

„Герешајмер“ го означи почетокот на изградба на новата фабрика во Бунарџик, ќе вработи 400 луѓе

Германската компанија „Герешајмер“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик го означи почетокот на изградба на новата фабрика за медицинска пластика. Ова е прва фабрика на реномираната германска компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше […]

Вести

Одобрени 60 милиони денари за чистење на линданот во ОХИС

Владата на денешната 160-та редовна седница донесе одлука за одобрување на 60 милиони денари од Буџетот за 2019 година за чистење на индустрискиот токсичен отпад (линдан) во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Средствата, како што […]