Зголемен обемот на активности кај давателите на финансиска едукација

narodna-banka

Народната банка во декември 2022 година спроведе Анкета за активностите за финансиска едукација во текот на изминатата година спроведени од страна на регулаторните институции, како и субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор кои се вклучени во финансиската едукација.

Според резултатите од анкетата, активностите за финансиска едукација во текот на минатата година се зголемени кај 77 од анкетираните даватели на финансиска едукација. Дополнително, 19 проценти од анкетираните субјекти се изјасниле дека планираат да ги зголемат нивните активности за финансиска едукација на населението.

– Овие резултатите упатуваат на зголемени напори на сите учесници во финансискиот систем, како и на граѓанските здруженија, за подобрување на финансиската писменост на населението, што е во прилог на успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, оценуават од НБ.

Најголем дел од анкетираните субјекти одговориле дека финансиската едукација ја остваруваат најчесто преку објавување едукативни текстови, материјали и видеозаписи на социјалните мрежи (27 проценти) и на интернет (23 проценти), како и преку одржување едукативни предавања со физичко присуство (23 проценти). Помал дел од субјектите упатиле и на одржување на онлајн предавања (15 проценти), како и директна комуникација со клиенти (12 проценти) што е покарактеристично за приватните финансиски субјекти. Ова, според НБ, покажува дека давателите на финансиска едукација се прилагодуваат на потребите и преференциите на различни возрасни групи на населението и следствено користат и современи и класични канали на финансиска едукација, на тој начин обезбедувајќи нејзина поголема достапност.

За натамошно зголемување на финансиската инклузија, учесниците во најголем број се изјасниле дека е потребна поголема финансиска едукација на населението (46 проценти), а потоа и обезбедување поголема транспарентност на финансиските субјекти (23 проценти). Дополнително, според анкетираните, за зајакнување на финансиската инклузија потребна е и заштита на потрошувачите (14 проценти) и дигитализација и воведување на финтек-услуги (13 проценти од одговорите).

-Тие резултати се во линија со веќе согледаните напори за зголемување на активностите за финансиска едукација во нашата земја, посочуават од централната банка и најавуваат дека  продолжуваат со активностите за заштита на потрошувачите, поголема транспарентност на давателите на финансиски услуги и дигитализација, согласно предвиденото во Стратегијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn