Здружение на оштетени штедачи – Еуростандард банка: Укажуваме на ДКСК дека нема надлежност да одлучува по барањето од Уставен Суд бидејќи странка во постапката не е ниту Коста Костовски, ниту Еуростандард банка


Оштетените штедачи на Еуростандард Банка бараат државата да ги преземе нивните побарувања и парично да ги обештети - МИА

17 април 2021


 

Како дополнување на вчерашното соопштение, по консултации со домашни и меѓународни правни експерти, би сакале да ја информираме јавноста со следното соопштение:

Имено, Уставниот Суд на седницата одржана на 15 април уште еднаш не донесе одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. Овојпат, дилема била дали судијата Дарко Костадиновски имал судир на интереси затоа што има релации со Коста Костовски, синот на Трифун Костовски, кој беше сопственик на Еуростандард банка. И за тоа, замислете, требало да се произнесе Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) до која се обратил Уставниот Суд. Ваквата состојба не само што е недопустлива, туку е и апсурдна и девалвирачка за Уставниот Суд, како суд со уставно дефиниран статус, функции и надлежности.

Преку ова соопштение уште еднаш го искажуваме нашиот цврст став дека ДКСК нема надлежност да се произнесува за судир на интереси во апстрактен спор односно спор којшто не се однесува на конкретни лица – физички или правни, туку се работи за спор меѓу општи акти – Устав и закон. Дополнително, објаснуваме дека Уставот важи за сите па и за уставните судии и за членовите на ДКСК. Важи и за Собранието, и за Владата, и за министрите, и за пратеницитеважи за сите граѓани, но и за банките. И токму тоа, фактот што важи за банките, и тоа за сите банки, не само за тие во стечај или ликвидација, е вистинскиот проблем. Проблемот лежи токму тука, затоа што интервенцијата на Уставниот Суд може да биде иницијална каписла за реформи во овој сектор. Реформи со кои ќе се изгради поголем степен на заштита на граѓаните наспроти банките.

Нашата борба е токму тука нешто да се смени односно интересот на граѓаните, како што налага Уставот, да биде во прв план. И тоа не е само борба за оштетените од Еуростандард банка, тоа е борба за сите депоненти на банките во Македонија. Бидејќи ако успееме ние, успеале и тие.

Затоа, ја повикуваме ДКСК најдоцна до 20 април да достави одговор до Уставниот Суд со којшто ќе се изземе како ненадлежна. Повторно и укажуваме на Комисијата дека нема надлежност да одлучува по барањето бидејќи странка во постапката не е ниту Коста Костовски, ниту Еуростандард банка. Тие не се ниту подносители на иницијативата, ниту барале заштита на некое свое право како физичко или правно лице, ниту Законот за банки се однесува на нив. Се работи за апстрактен спор меѓу Устав и закон, и во ваквиот спор може единствено и само да одлучува Уставниот Суд. Тука нема никаков судир на интереси. Напротив, ниту една друга власт во државата не смее, ниту може, да го опструира или оневозможува Уставниот Суд во таа негова надлежност. Ниту да ја одолговлекува постапката со постапување или непостапување.

Дотолку повеќе што согласно член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот Суд се уредува со акт на судот. И доколку Уставниот Суд на 21 април закажал седница за гласање по точката на дневен ред за којашто бара произнесување на судир на интереси, ДКСК е обврзана до терминот баран од судот да одговори дека не се надлежни. Во спротивно,ДКСК ќе има правна одговорност поради опструкција на носење на праведна одлука од Уставниот Суд, за што ако не се изземат како ненадлежни, Здружението ќе бара професионална и друга одговорност лично од членовите на антикорупциска комисија пред домашните и меѓународните институции.

Воедно, го повикуваме Уставниот Суд да не ја одлага повеќе точката на дневен ред за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки на седницата закажана за ден 21 април. Да го сочува својот дигнитет и да гласа без оглед дали ДКСК ќе се изземе или нема, бидејќи секако тоа за Уставниот Суд не е правно обврзувачко, ниту релевантно.

Почитувани судии на Уставниот Суд, вашите надлежности се утврдени со член 110 од Уставот, постапката е деловнички регулирана. Вашите права се гарантирани согласно членовите 9, 10 и 10а од Деловникот на Уставниот Суд. Секој судија сам е одговорен за своите постапки. Затоа, не дозволувајте една судијка за која јавноста знае дека одлучува по нарачка, да ја девалвира работата на Уставниот Суд како целина и да ја прави предмет на потсмев институцијата која треба да биде врв на правната држава. Затоа, почитувани судии, повелете, гласајте, почитувајте ги докрај Вашите надлежности, Вашите права, но и Вашите обврски.

Здружение на оштетени штедачи – Еуростандард банка