Започнуваме проект за ревитализација на енергетскиот систем вреден 29 милиони евра, најави Ковачевски


Владата во согласност со оперативната програма за 2022-2024 во делот на енергетиката стартува проект за ревитализација на големите хидроелектрани со што ќе ја зајакне македонската енергетска стабилност и независност, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на хидроенергетскиот систем „Вруток“.


 

Ковачевски напомена дека со овој голем проект ќе бидат опфатени хидорелектраните „Вруток“, „Врбен’, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“, „Глобочица“, „Козјак“ и „Света Петка“, чија инсталирана моќност изнесува околу 85 проценти од моќноста на хидроцентралите во земјава.

Зборувајќи за хидроенергијата како еден од обновливите извори на енергија, Ковачевски подвлече дека треба да се искористат сопствените ресурси.

– Освен обновата на машинскиот дел на овие капацитети дополнителна придобивка од проектот е предвиденото зголемување на капацитетот на акумулацијата „Маврово“ што ќе обезбеди пораст на годишното производство за околу 40 гигават часови. Таквото зголемено производство на енергија од вода значи заштеда од 36,4 илјади тони јаглен. Средствата за реализација на овој капитален проект во висина од околу 29 милиони евра, ќе бидат обезбедени од грантови и поволни кредити, како и од средства на ЕСМ, рече Ковачевски.

Тој, зборуваше и за новата фотонапонска електрана „Осломеј“ која, како што рече, ќе произведува чиста домашна енергија и ќе обезбеди околу 2.800 домаќинства.

Во делот на енергетиката, Ковачевски напомена дека Македонија ќе биде дел од проектот Терминал за течен природен гас во Александрополис во Грција за складирање и гасификација на над 5,5 милијарди кубни метри.

За изградбата на електраната „Чебрен“, премиерот нагласи дека проектот е во втора фаза и има девет понудувачи.

Генералниот директор на најголемата енергетска компанија во земјава „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски зборуваше за почетокот на градбата и развојот на хидроенергетскиот систем „Маврово“ и напомена дека ревитализацијата доаѓа во исклучително важен период.

Со овој проект се очекува да се зајакне енергетската стабилност во земјата и е во согласност со политиките и практиките во Европската унија.

– АД ЕСМ во моментот има 12 проекти за обновливи извори во различни фази на реализација и сметаме дека токму тоа е вистинското долгорочно решение за справување со евентуални енергетски кризи, рече Васко Ковачевски и напомена дека АД ЕСМ во третата фаза на ревитализација на големите хидроелектрани ќе инвестира 36 милиони евра.

Обраќање пред присутните имаше и директорот на подружницата ХЕЦ „Маврово“, Ѓорѓи Божиновски, кој напомена дека во работењето на системот вработените вложуваат големи напори за зајакнување и одржување на енергетскиот систем.

На неколку вработени им беа доделени благодарници и скромни подароци, а одбележувањето на годишнината беше заокружена со изложба на фотографии од периодот на изградбата па до денешно време.