Законот за акцизи – „масакр“ или позитивна можност за лозарите


Голем дел од семејствата во Тиквешко произведуваат домашни ракија и вино. Некои само за сопствени потреби, а други и за продажба. Тие што произведуваат за продавање, обезбедуваат пласман кој како ќе се снајде. Почнувајќи од пазарите во Македонија, па сè до странство, преку некои од возачите кои возат надвор од земјава. Различни се мислењата на индивидуалните производители на вино и ракија околу предлог-законот за акцизите, кој Владата го има доставено до Парламентот.



Државата сака да ја затвори единствената славина за лозарите

Акцизите за производство на ракија и вино во домашни услови што планира да ги воведе државата се во согласност со деценискиот економски „масакр“ што се врши врз лозарот во Република Македонија, за МИА вели Ѓоко Ајтов од Неготино.

-Сега државата сака да ја затвори и единствената славина за проток на пари до лозарите, со која можеа да се спасат од економскиот „масакр“ на винарските визби. Своевремено некои од нив останаа без работа кога се затворија фабриките во кои работеа, сега како да се изнесени на стрелање и поарно да бидат убиени, дециден е овој индивидуален производител на ракија и вино.

Не смее да се донесе, вели, акциза за производство на домашни ракија и вино, сè додека државата не донесе закон за вино, со кој ќе биде решен статусот на лозарот. По тој закон, додава, нека се донесе тој за акцизи.

-Не е во ред донесување закон за акцизи, додека сè уште се во хаосна ситуација лозарството и винарството. Прво да се донесе закон за вино, кој ќе биде функционален и за лозарите и за винарите и ќе ги регулира нивните меѓусебни односи, а потоа закон за давачки, категоричен е Ајтов, кој обработува три хектари лозје, а од дел од грозјето произведува вино и ракија во домашни услови. Како што вели, за домашни потреби.

-Производството на вино и ракија во домашни услови е последица на винската политика што ја спроведуваат нови газди на винарски визби по приватизацијата. Сега тие не стопанисуваат, туку винарниците ги користат како орудие за економско малтретирање на лозарите, додава тој.