За подобра туристичка понуда на регионот е потребна соработка во сите области


– Туризмот е една од најбрзорастечките индустрии и има огромен потенцијал за регионална соработка, е главниот заклучок на Конференцијата за отстранување на бариерите за обезбедување одржлив развој на туризмот во Западен Балкан што денеска се одржа во Тирана, во организација на Регионалниот совет за соработка.


 

Беше посочено дека е потребна поголема соработка во регионот и оти има многу креативни идеи како да се направи тоа за да се подобри туристичката понуда на Западен Балкан.

Како проблем беа посочени бариерите од трагедиите од минатото и оние кои се резултат на регулаторните правила, но беше нагласено дека може да се надминат како што се случи со роамингот.

Беше истакната важноста на слободното движење на луѓето, заемното признавање на дипломите и на стекнатите вештини и беше посочено дека Западен Балкан треба да биде креативен и иновативен и да се создаде нов имиџ за регионот доколку сакаме да се натпреваруваме со пазарите со добри туристички понуди.

Пандемијата, како што беше истакнато, покажа дека како соседи можеме да си помогнеме, а за подобра туристичка понуда потребна е соработка во сите области и тоа е нешто што може да помогне да одиме чекор понатаму.